За првпат оваа година во Криволак се присутни хеликоптерите „блек хок“, „апачи“, како и медицински транспортни хеликоптери. Исто така за првпат во Криволак се донесени тешки тенкови и се користи тешка механизација, при што особено логистички биле тешкотиите и предизвиците со кои се соочи нашата држава со цел транспорт на овие странски тенкови, од кои еден има тежина над 62 тони. Ова е и еден дополнителен предизвик за НАТО, заради дополнителен ангажман за санација и инвестиции во патната инфраструктура во Македонија, за да ја донесе во кондиција за брз транспорт и проток на одбранбената воена инфраструктура
На воениот полигон Криволак се одржува меѓународната воена вежба „Брз одговор 2025“
На армискиот полигон Криволак се одржува големата вежба „Брз одговор 2025“ со повеќе од 2.000 војници од Македонија, САД, Обединетото Кралство, Италија, Црна Гора, Косово, Австрија, Грција и од Албанија. Вежбата „Брз одговор 2025“ е втора фаза од најголемата вежба на американската армија во Европа, вежбата за „Динамично ангажирање на силите во Европа за одвраќање и зголемена подготвеност на НАТО“. Целите на оваа вежба се повеќекратни, а меѓу најзначајните се синхронизација на комбинираните вооружени сили и потврда на тактиките, техниките и процедурите за изведување координирани конвенционални и здружени операции во различни временски услови, како и подобрување на интероперабилноста на декларираните воени состави, преку вовежбување со армиите на земјите партнери.
Во рамките на вежбата на армискиот полигон во неделата беше денот за високи гости на кој присуствуваа претседателката и врховна командантка на вооружените сили, Гордана Силјановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, амбасадорката на САД, Анџела Агелер, началникот на Генералштабот на армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, началникот на штабот на Командата на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал-мајор Левон Камптон, командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, и други.
– На овој начин ја унапредуваме способноста за одвраќање и одбрана и ги зацврстуваме националните безбедносни и одбранбени планови и одбранбените планови на Алијансата – кажа министерот Мисајловски.
Вежбата инаку ја тестира и способноста на НАТО да одговори на развојни безбедносни закани, кои, како што беше потенцирано и во говорите на официјалните лица, домаќините, но и на врховниот командант, се неопходни и потребни во овие моменти повеќе од кога било.
– Сакам да ја изразам нашата исклучителна благодарност до С. Македонија за нејзината импресивна и непоколеблива посветеност на регионалниот мир и безбедност. С. Македонија не е едноставно само сојузник на НАТО, вие сте вреден безбедносен партнер, и регионално и во глобални рамки – изјави генералот Левон Кемптон.
За првпат оваа година во Криволак се присутни хеликоптерите „блек хок“, „апачи“, како и медицински транспортни хеликоптери. Исто така за првпат во Криволак се донесени тенкови и се користи тешка механизација, при што особено логистички биле тешкотиите и предизвиците со кои се соочи нашата држава со цел транспорт на овие странски тенкови, од кои еден има тежина над 62 тони.
Инаку, Криволак веќе е препознаен од НАТО, но и од нашиот стратешки партнер САД, и како полигон се користи постојано и од година на година постојано се модернизира.
П.Р.
Силјановска-Давкова: Нашето членство во НАТО не е само политичка формалност туку стратегиска определба
Претседателката и врховна командантка на македонската армија, Гордана Силјановска-Давкова, присуствуваше на армискиот полигон Криволак и се обрати на воената вежба „Брз одговор 2025“.
Испишувајќи уште една успешна страница во историјата на македонската армија, со вежбата, истакна таа – државата ја потврди својата определба да биде со земјите што го штитат мирот како врвен цивилизациски идеал.
Таа додаде дека оваа вежба не е само демонстрација на воена моќ туку манифест на солидарност, симбол на единството и потсетник дека само заедно можеме да им се спротивставиме на заканите што ги загрозуваат мирот и стабилноста.
Силјановска-Давкова ги истакна посветеноста и стручноста на македонската армија, за која рече дека во време на глобални безбедносни закани е подготвена да дејствува рамо до рамо со сојузниците, во одбрана на слободата, достоинството и човековите права. Таа нагласи дека нашето членство во НАТО не е само политичка формалност туку стратегиска определба.
Претседателката потенцираше дека со учеството на стотици македонски војници во најголемата воена вежба на овој полигон, државата уште еднаш потврди дека и покрај сите предизвици, стои цврсто на страната на мирот, безбедноста и заедништвото. П.Р.
Во Кавадарци организиран Отворен ден на армијата и презентација на воената вежба „Брз одговор 2025“
Отворен ден на Армијата на Република Македонија и презентација на воената вежба „Брз одговор 2025“ (Immediate response 25) се реализираа во Кавадарци. На градскиот плоштад беа изложени оклопни возила, борбени возила, вооружување и заштитна опрема. Учествуваа припадници од армиите на Република Македонија, САД, Република Албанија, Грција, Италија, Црна Гора, Обединетото Кралство, Австрија и на Косово.
Локалното население имаше можност да ги види оклопните возила, вооружувањето и заштитната опрема. Градоначалникот Митко Јанчев изрази задоволство од настанот.
– Овој настан претставува дел од активностите за одбележување значајни датуми и зајакнување на врската меѓу армијата и граѓаните. Настанот ќе им овозможи на граѓаните, особено на младите, одблиску да се запознаат со техниката, припадниците и мисијата на нашата армија – гордост на Македонија и чувар на мирот. Армијата не е само за војна! Таа е за со народот – подвлече Јанчев. П.Р.
