Фразата дека историјата се повторува не само што е жива вистина туку, проучувајќи ги настаните од историјата, било да се работи за поблиска или подалечна, буквално можеме да знаеме што носи иднината. Ниту ни треба Нострадамус, ниту баба Ванѓа, сѐ е веќе еднаш поминато, а сега само се повторува, но во некакви модерни временски околности.
Кога пред неколку години започна ковид-пандемијата, на сите ни се чинеше како нешто ново, досега невидено, но кога малку како новинар прочепкав низ архивата на постарите изданија на „Нова Македонија“, налетав на фрапантно слична епидемиска ситуација во земјава, но и генерално во Европа и во светот, кога во декември 1969 година пустошел таканаречениот хонгконшки грип. Исти сцени, карантини, маски, празни училишта, многу починати… Педесет години претходно се случила шпанската треска, целосно истото сценарио како со ковид-19. Значи на 50 години се повторуваат сите циклуси, така што сѐ може да се предвиди ако се држат очите широко отворени и ако се размислува логично.
Така, низ една таква историска цикличност може да се набљудуваат и нападите врз македонскиот идентитет, кои никогаш не прекинале, но повремено добиваат на интензитет, во зависност од кога е врвот на циклусот. Целта е јасна, да се избришат Македонците исто онака како што се бришеле во времето на 19 век од истите оние што денес се членки на „Европеи’скиот соју’з“ и продаваат ветер и магла за некаква демократија, европски вредности, почитување на договорите и слични глупости во кои и самите не веруваат. Ама намерата е јасна, да се збрише сѐ што е македонско, односно да се исече коренот, па некоја нова млада фиданка што накриво ја засадија со Преспанската спогодба да стане некое ново дрво. Стариот корен нека се исуши и распадне.
Тоа ѝ се случува на оваа наша напатена Македонија, која утре во Европскиот парламент ќе се соочи со канонада напади од страна на бугарските и грчките европарламентарци, на кои им пречи што сме Македонци што имаат свој корен, кои говорат на свој македонски јазик, имаат своја македонска култура и историја кажувана од нивните прадедовци и прабаби, а не креирана во некакви центри само да се оправда нивната експанзионистичка политика низ минатото, циклус по циклус, онака како што се одвивале низ историјата. Во 19 век тоа биле фанариотите и Егзархијата, во двете светски војни големите сили наклонети кон соседите, а потоа живковизмот и реминисценциите на времето на Метаксас. Едно било секогаш заедничко, нема Македонци! Сега ни се случуваат истите напади, само затскриени со една модерна европска сценографија спонзорирана од Европската Унија.
Како поинаку да се објасни потребата Европскиот парламент да го дополнува извештајот за напредокот на Македонија со потврда за многувековниот македонски идентитет и јазик? Го гледав известителот за земјава Томас Вајц, кој и самиот вели дека нема потреба од такво нешто, но кога некој упорно продолжува да го негира постоењето на македонскиот народ, тогаш и непотребното станува потребно. Тоа што бугарски и грчки европратеници рипнаа токму поради потврдата на македонскиот идентитет во извештајот јасно говори дека обата договора што земјава ги потпиша и со Бугарија и со Грција всушност се обична тоалетна хартија, кои не само што не решија ништо туку уште повеќе генерираат проблеми и им даваат ветер во грб и на Бугарија и на Грција да продолжат со блокадите. Згора на тоа, и Софија и Атина си земаат слобода еднострано да ги толкуваат договорите, па секоја поаѓа од она што нејзе ѝ одговара и обвинува за кршење на договорите само од македонска страна, без оглед што тие не имплементирале ниту една точка, но кај што има сила, таму нема правдина. Тие 300 амандмани се јасна порака за вистинските бугарско-грчки намери, односно нивната заедничка цел, да се сотре македонството во корен, да го нема, а да се признае новиот „северномакедонски“ идентитет, создаден по 2018 година. Или уште подобро, да нема воопшто идентитет, нека останат „граѓаните со коса црта“, оти на соседите им е битна територијата, а кога е обична административна територија, тогаш лесно ќе се појават некои нови „администратори“, исто онака како што се случувало низ историските циклуси.
А за сето ова, виновна е исклучиво е ЕУ, која дозволи две нејзини земји членки буквално да се изживуваат врз цел еден народ и неговата иднина. Да беше Брисел барем малку доследен, ќе им го суспендираше правото на вето и нека се сликаат потоа. Нели Бугарија кога влегуваше во ЕУ потпиша дека нема отворени прашања со соседите? Нели и Грција го направи тоа? Па сега од каде одеднаш се појавија проблемите?
Таквата европска недоследност и непринципиелност ги препознаваат сѐ повеќе европските граѓани, кои се одлучуваат да гласаат за луѓе на кои нивната држава и интересите на нивниот народ се пред сѐ и над сѐ. Тука треба да се бараат причините зошто Полјаците го избраа Карол Навроцки, зошто и Романците слично размислуваа, но беа спречени во нивниот демократски избор, зошто Франција се движеше кон десно пред да ѝ забранат на Ле Пен учество на изборите, зошто Холандија одбра суверенист, но го опструираа во намерата да создаде влада, зошто Унгарија и Словачка се под постојан напад на бриселските либерални елити на кои им се важни само нивните интереси, за сметка на вистинските потреби на граѓаните.
Утре за време на расправата за извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент ќе може цела Европа убаво да види кои земји во 21 век и натаму сакаат да асимилираат народи, да наметнуваат сопствени историски наративи, да се занимаваат со минатото и на тој начин да ја кочат иднината на еден мал, но достоинствен народ. Сите тие што утре ќе ги гледаат бугарските и грчките парламентарци, можеби треба да размислат дали во рамките на внатрешната реформа на ЕУ треба да се размисли и за суспендирање на членството на оние земји што застраниле од базичните европски вредности, па да се стават во чекалницата додека вистински не ги исполнат критериумите наместо да ги уживаат благодатите благодарение на политичка одлука.
Европските граѓани се мудри и препознаваат што е лошо, а што добро. Никој не е против ЕУ и сите ја сакаат, но напуштањето на темелните вредности ги револтира граѓаните, кои сакаат онаква Европа каква што беше претходно, каде што се почитуваа различните мислења, каде што се кроеја заеднички политики без да се задоволуваат нечии историски каприци, каде што ќе се почитува волјата на граѓаните. Впрочем, утрешната расправа во ЕП ќе покаже на што ќе се сведе ЕУ, дали и натаму ќе остане заробена во прангите на ретроградните недемократски сили или, пак, поддршката на извештајот за Македонија ќе биде еден нов проблесок што конечно одново ќе ја разгори европската идеја. Историскиот циклус повторно тече, а Македонија секогаш се издигнувала пред оние што сакале да ја уништат. Така ќе биде и сега!