Претседателката Гордана Силјановска – Давкова, која ја предводи македонската државно-црковна делегација во Рим и Ватикан, по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, денеска ќе ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што ќе положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј и ќе го посети гробот на папата Франциск.
Вечер, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, претседателката Сиљановска-Давкова, јави известувачот на МИА, ќе присуствува на концертот „Македонисимо“ на Симон Трпчески, настан во организација на македонското Министерство за култура.
Македонската делегација предводена од претседателката Силјановска – Давкова вчера во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил по повод чествувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители.
Со молебенот чиноначалствуваа митрополитот Тетовско-Гостиварски господин Јосиф и епископот Стобиски, господин Јаков, во придружба на повеќе свештенослужители.
На свечениот чин во базиликата присуствуваа и министерот за култура Зоран Љутков, директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Оливера Трајковска и претставникот на Католичката црква протојереј ставрофор отец Зоран Стојанов.

Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.
Традиционално, 24 Мај беше ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Македонија.
Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 24 Мај
Дозволете ми од срце да ви изразам искрени честитки по повод 24 Мај, денот кога го славиме споменот на Светите рамноапостоли Кирил и Методиј – сесловенски просветители, заштитници на Европа, браќа и учители, се вели во честитката за празникот од претседателката Сиљановска-Давкова.
-Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност. Светите Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел што продолжува да го потпира нашиот идентитет и до ден денес. Преку нивната посветеност и визија, го отворија патот кон писменоста и учењето на сопствен јазик – дар што омоќни многу генерации и го зачува нашиот глас низ вековите. Да го чествуваме и чуваме нивниот спомен преку негувањето на вредностите коишто тие ги отелотворија: мудрост, вера, образование и обединетост. Славејќи ги нивните дела, да ја зацврснеме нашата заложба за градење на општество засновано врз знаење, меѓусебно почитување и достоинство. Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив! – стои во честитката.