Со децении кројач во Рим ја шие белата одежда што ја носи новиот папа веднаш по неговиот избор, но овој пат владееше неизвесност бидејќи и конкурентите се огласија да понудат свои свештенички одежди. Кројачот Гамарели традиционално прави три облеки – кратка, средна и долга – но велат дека Ватикан замолил да не го прави тоа овој пат. Само неколку часа пред да влезат кардиналите во Систинската капела за да го изберат наследникот на папата Франциск, ривалскиот кројач Раниеро Манчинели ја искористи можноста да ги понуди своите производи.
– Треба да ги испорачам одеждите денес или утре, треба да бидат подготвени пред конклавата за да можат да се користат кога ќе биде потребно – изјави осумдесет и шестгодишниот Манчинели.
Манчинели во минатото има изработено одежди за неколку папи, но никогаш не ја имал честа да ја направи првата одежда, која папата ја носи кога првпат ѝ се обраќа на јавноста од балконот на базиликата „Свети Петар“. Тој рачно ги изработува лесните волнени наметки, ремените и белите капи, кои ќе бидат доставени во Ватикан пред конклавата. Манчинели прави три големини на одежди за да одговараат на сите типови на тело. Сепак, тој призна дека трите варијанти – мала, средна и голема – се направени за да се приспособат на структурата на горниот дел од телото на новиот папа, додека должината е помалку важна, бидејќи кога новиот папа се појавува на балконот во неговото прво обраќање не се гледа целата негова фигура.
Лоренцо Гамарели минатата недела изјави дека кројачите во фирмата на неговото семејство биле подготвени да направат три одежди, како што традиционално прават, но Ватикан им кажал дека тоа не е потребно. Тој додаде дека претпоставува дека одеждите на новиот папа ќе бидат „оние од претходните конклави, бидејќи секојпат се прават по три, а се користи само една“.
Но Манчинели, кој веќе 70 години е кројач во својата работилница на чекор од Ватикан, се надева дека работите ќе се одвиваат поинаку. Иако Ватикан не му наложил да ги направи одеждите, тој добро го познава занаетот, бидејќи работел за седум папи.
– Ако ја користат мојата облека, ќе бидам многу среќен – вели Манчинели.
Тој додаде дека облекува и епископи и свештеници и дека е преплавен со нарачки пред конклавата.
– На некои кардинали им треба појас, капа, јака… Јас ќе се погрижам за тоа – вели кројачот што лично ги изработувал одеждите на последните тројца папи, меѓу кои и Франциск, кој почина на 21 април на 89-годишна возраст.