Фото: ЕПА

Телото на папата Франциск пред неговото изложување во базиликата Свети Петар, каде верниците ќе имаат можност да оддадат почит, привремено е балсамирано за да ги издржи топлите временски услови во Рим, изјавија експерти.

-Телото на Францис беше подложено на процес на привремено балсамирање познат како танатопраксија – рече Андреа Фантоци, основач на италијанскиот Национален институт за танатопраксија (ИНИТ).

Тој појасни дека тоа вклучува вбризгување на презервативни течности низ циркулаторниот систем и естетска нега на лицето и рацете, додавајќи дека целта е да се забави процесот на природно распаѓање.

-Таквата процедура со хемиска течност мора да се изврши во рок од 36 часа по смртта. Нејзиното влијание на поприроден изглед на покојникот обично трае до 10 дена – рече Фантоци.

Ватикан во вторникот ги објави првите фотографии на Папата во отворен ковчег, облечен во црвена наметка, со митра на главата и бројаница во раката.

Телото на 88-годишниот поглавар на Католичката црква, кој почина на Велигден, ќе биде изложено три дена во базиликата, од среда до погребот во сабота.