Јубилејна изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934-1997)“
Националната галерија на Македонија ја подготвува јубилејната изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934-1997)“. Одбележувањето на годишнината на еден од најинвентивните македонски скулптори, чие творештво е особено важно за еволуцијата на македонската скулптура, е во сообразност со задачата на Националната галерија да ги чува и презентира најсеопфатно можно достигнувањата на најзначајните македонски уметници земајќи ја предвид улогата што ја имале во создавањето и трасирањето на тековите на македонската модерна и современа уметност. Изложбата ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во објектот „Даутпашин амам“.
– Местото што го зазема Стефан Маневски во македонската историја на уметноста се должи на неговиот исклучително индивидуален, автентичен и рафиниран однос кон скулпторскиот израз, кој следи една логична и нагорна развојна линија, особено нагласена во неговата продлабочена визија за трансформација на металот, материјал што за него нуди бескрајни експериментални можности низ кои ги преточува повеќеслојните естетски егзистенцијални доживувања на современиот свет – велат од Националната галерија.
Својот творечки пат и креирање односно дефинирањето на својот препознатлив авторски израз го започнува на Академијата за ликовни уметности во Белград (која ја завршува во 1960 година, а подоцна и специјализира на истата академија во 1963 година), преку дела во кои е иницирано надраснувањето на академска пластичност. Раскинувањето со класичните поуки се дополнува со пројавени реминисценции кон архаичната пластика на старите народи со нивната тотемска идолатриска поедноставеност на формата, која сепак останува во доменот на асоцијативната фигурација во делата работени во гипс, со архаистична строга фронтална поставеност и расчленети површини. Строгата и нагласено вертикална моделација постепено добива надреални белези, како навестување за понатамошните интереси на авторот. Понатамошните истражувања уметникот ќе ги насочи кон анализа и расчленување на вертикалата, како и кон спроведување извесен симболично-декоративен концепт, при што делото се разрешува како вертикала, со завршница во форма на диск во кој е впишан зрачен мотив. Неговите скулптури во седмата деценија на ХХ век се под влијание на неговите професори Кратохвил и Петровиќ, кога го развива конструктивистичкиот градителски пристап кон формата, за почеток како своевиден ангажиран пристап со егзистенцијалистички призвук.
– Енформелистичките тенденции и доживувањето (и претставувањето) на егзистенцијалистичките немири и дилеми во уметноста се „совпаѓаат“ со почетокот на скулпторскиот израз во метал на Стефан Маневски. Тој започнува да ги користи изразните можности на металот критикувајќи ги модерниот техницизам и цивилизациските придобивки, а металните отпадоци и апаратот за заварување се главен негов реквизитариум во оформувањето на облиците, на објектите и во структурирањето на разиграните динамични површини. Тотемските фигури на Маневски сега ги продолжуваат својот развој и живот во иста вертикална насоченост, со завршница на кружен диск или раскрилена форма (на врвот на обелиск), концентриран околу одредено „светлосно“ јадро, при што во оваа скулптура на материјата го потенцира материјалот – металот и металните делови, металните остатоци што се вклопени во целината што личи на филигран, како носители на значењето. Кон крајот на 1970-тите години, конструктивистичките преокупации на Стефан Маневски се насочени кон создавање творби што се навидум вклопени во одредена рамка, но пулсирањето на скулптурите и/или нивните делови се базира врз мултипликација на еден брановиден линеарен мотив што ги потенцира спротивностите на материјалот, односно хармоничната испреплетеност на брановидните ленти. Како спротивност се дефинира играта на светло-сенка, постигната низ односот на ритмичност и статичност на формите, односно на суптилните попартистички референции во монохроматскиот нанос на бојата што е нанесена на широките статични партии, наспроти сјајот на динамичните форми, со што во овие скулптури особено доаѓа до израз техничката и технолошка совршеност на изработката, со нагласена рационална и естетска природа на релјефност, движење, линеаризам и веќе пројавената тактилност. Последните скулптурални остварувања на Стефан Маневски се фокусирани кон егзистирањето на еден примарен брановиден облик со комплетно редуцирање (отфрлање) на сегментите со малите метални брановидни ленти. Всушност, овие дела, изведени во боен метал, со компактен волумен, се чини дека издвоено ја претставуваат, со извесно предимензионирање, токму онаа единствена брановидна линија што во претходните остварувања беше со минимални димензии и мултиплицирана – се наведува во најавата на НГМ.
Иако првенствено препознаван според скулпторската практика, Стефан Маневски негува особен интерес за цртежот и графиката, кои се исто така многу високо вреднувани. Стефан Маневски со своите цртежи создава сложени асоцијативно-симболични опстановки. Неговата често композитна техника, во која цртежот како обичен потег на перото или на четката алтернира со боени плохи или колажи на колористички исечоци (обично исполнети со форми од светот на техниката и механиката), е погоден инструмент за такви настојувања. Кореспонденцијата на цртежите со скулптурите на Маневски, во ликовно-пластична смисла, не се одвива толку во насока на директна заемна формативна, обликовна сличност. Меѓутоа, нив ги сврзува токму мисловно-емоционалната атмосфера, која им е заедничка. Во цртежите, меѓу фини градации на колористички површини, во кои е втиснато чувството на одминување, на патина, на преплетување на органското со механичкото, се раѓа необична симболика на форми: чудна асоцијативност на некакви тотемско-сакрални објекти и, од друга страна, на технички, машинизирани форми.
Кураторки на изложбата се Маја Чанкуловска Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова, а текстовите се на Викторија Васева Димеска и Маја Чанкуловска Михајловска. Изложбата е дел од програмските активности на Националната галерија за 2025 година, кои се финансиски поддржани од Министерството за култура и туризам. Националната галерија им изразува особена благодарност за соработката при подготовката на изложбата и каталогот на семејството Маневски; Музејот на современата уметност-Скопје и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид.
Изложбата ќе биде поставена три-четири недели, со можност на продолжување во рамките на програмскиот календар. В.Д.