Фото:З.А

На втор ден Велигден во Македонски Брод се одржа културно-туристичката манифестација „Велигденски кули“.

Оваа традиција датира уште од Османлиското време и живее до ден денес, откако е обновена во 1991 година. На денешната манифестација беа подигнати три кули формирани од човечки тела што ги формираа помлади жители на ова гратче на реката Треска.

– Во нашиот град на втор ден Велигден се одржа традиционалната културно-туристичка манифестација „Велигденски кули“. Беа создадени три кули од човечки тела кои прошетаа од старото село Брод до градскиот плоштад. Овие кули го симболизираат петвековното турско ропство. Петте луѓе во првиот ред ги симболизираат петте векови ропство, а петте луѓе во гордниот ред го симболизират Македонскиот христијански народ- истакна поетот Бојан Бежоски.

Според пензионерот Миле Стојкоски ова е обичај познат како покрсти.

– Сликите со резбаниот крст е црковен обичај покрсти, обиколка на градот, односно заклинување на четири црковни места на дабови дрва ги симболизираат четирите страни на светот. Се заклинува, односно се жлеба крст кој го симболиизра крстот на кој бил распнат Исус, потоа се прави дупка со сврдел што го симболизира Исусовиот гроб, а во дупката се става леб и вино што ја симболизира христовата крв и со дрвен клин се запечатува онака како што бил запечатен и Исусовиот гроб- истакна пензионерот Миле Стојкоски.

Манифестацијата беше збогатена и со изложбата „Златен костен“, каде во ликовниот салон од Домот на културата беа изложени уметнички дела создадени од ученици од локалните училишта. З.А