БОГОСЛУЖБИТЕ ЗА ВЕЛИГДЕН СЕ ВРВНО ДОЖИВУВАЊЕ НА ХРИСТИЈАНСКИОТ ЖИВОТ
Од сите христијански празници, најголем и најрадосен е Христовото воскресение – Велигден. Тоа е победа над смртта и радост што надминува сè што човек може да замисли. Со своето воскресение, Христос ѝ донесе смисла на верата, ја потврди вистината на Евангелието и му дарува надеж на целиот свет.
Во нашите храмови, со секојдневни богослужби се одбележуваат Христовите страдања и триумфалното воскресение. Велигденските служби се врвот на црковната година и претставуваат духовен подем за секој христијанин. Особено убаво се доживува полноќната велигденска литургија, кога верниците, со запалени свеќи во рацете, го пречекуваат воскреснатиот Христос. Тогаш, темнината симболично се заменува со светлина, која го осветлува не само храмот туку и душите на верниците. Одекнува радосниот поздрав: „Христос воскресе!“ – „Навистина воскресе!“, кој се пренесува од уста на уста, од срце во срце.
Ова е празник на светлината, радоста и вистината. Светлината ги симболизира воскресението, животот, надежта и вечната радост. Христос е Светлина на светот, а со Неговото воскресение нè просветли и нè ослободи од темнината на гревот и стравот од смртта. Со воскресението на Христа, радоста стана суштинска димензија на христијанскиот живот. Не станува збор за минлива, површна среќа, туку за длабока радост што извира од соединувањето со Бога и од сигурноста во вечниот живот.
Христовото воскресение ја потврдува вистината дека љубовта е посилна од омразата, добрината од злото, животот од смртта. Затоа, празнувањето на Велигден не е само спомен на еден настан од минатото туку реалност што постојано се повторува во животот на секој верник. Секоја неделна литургија е мала Пасха, мало воскресение, и потсетник на вечната радост што ја имаме во Христа.
Празнувањето на Велигден треба да нè поттикне на духовна преобразба, на покајание и љубов кон ближниот. Да нè научи да простуваме, да споделуваме, да му се радуваме на животот и да не се плашиме од страдањата, знаејќи дека по секој Велики петок доаѓа Велигден, дека по секој мрак, доаѓа светлина.
Нека празникот Христово воскресение нè потсети дека не сме сами, дека Бог е со нас, дека смртта не е крај, туку премин кон нов живот. Да го живееме секој ден со вера, надеж и љубов, како воскреснати луѓе, како деца на светлината.
Живко Здравкоски