Лидерот на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и кандидадат за пратеник, Васил Стерјовски, гостувајќи во емисијата „Конак“ на СОТ7 телевизија, на прашањето дали чувствува загриженост во однос на континуираниот притисок на Бугарите во насока на асимилација на Македонците во Албанија, дава потврден одговор.
– Да, загрижен сум. Видете. Ние навистина сме под постојан притисок за асимилација, и сега во овој момент, и тоа постојано од 2017 година, кога беше признато едно непостоечко бугарско малцинство под бугарски притисок, што беше одобрено од парламентот, но, под закана од бугарско вето. Тоа го потврдува со фактот дека во моментот кога албанското Министерството за надворешни работи го поднело предлог-законот за заштита на националните малцинства, предложило признавање на осум малцинства без бугарското, но „откако Бугарија отворено се закани со вето, тогаш власта и опозицијата ги здружија гласовите и со еден амандман ги додадоа и Бугарите. Од тој момент ние сме под постојан притисок за асимилација на македонската заедница, и навистина државата Македонија била индиферентна. Ние секако заштитата ја бараме од државата во која живееме а тоа е Албанија, но во моментот кога Албанија го гледа повисокиот интерес – членството во ЕУ и не сака да биде попречена, отколку неправдите што ни се прават на нас, ние, секако дека очекуваме внимание и од македонската влада за да останеме на нашите огништа како Македонци – рече Стерјовски.
Токму поради ова, додаде, пред два месеца нашата партија, МАЕИ ги покани македонските парламентарни партии во Корча.
– Македонија мора сериозно да ја сфати работата со македонската заедница во Албанија. Не да остане рамнодушна. Треба да направи стратегија, заедно со албанската влада и со конкретни вложувања, и со конкретни проекти, за да помогне овие луѓе да не заминуваат од своите краишта и да го сочуваат својот јазик, култура и традиција. Доколку немаме долгорочна стратегија од ваков вид, ние сме на пат да исчезнеме во Албанија, затоа што овој празен простор го пополнува Бугарија, со сите тие донации, со сите тие активности што ги прави. Затоа и ги прави – констатира тој.
Одговара и на прашањето „Зошто Македонците и се потребни на на Бугарија?
– Затоа што ние живееме долж албанско-македонската граница, и борбата Бугарија ја води со Македонија, со македонскиот народ. Со ова што сака да создаде „Бугари“ на границите со Македонија, таа сака да покаже дека Македонија од сите страни е опкружена со Бугари и не може да постои во средина македонски народ. Затоа се сите овие обиди да нè асимилираат во Албанија – нагласува Стерјовски.
Поради тоа, вели тој, бараме „уште поголемо внимание од страна на македонската влада, заедно со албанската, нормално во рамки на соработката, за да им помогнат на овие жители тука да им се подобрат условите за живот, да не си заминуваат, туку да останат и да го развиваат и зачуваат својот македонски идентитет“.