Популизмот – пингвините и македонското национално прашање

Европското лицемерство барабар со глобалистичката сурова неминовност, сето тоа заедно на овој митски простор, којзнае по кој пат се обидува да негира, да му ја одземе душата, питомоста и да го модифицира според сопствените квазидемократски геополитички и слични потреби.
И она најстрашното што се понуди (и реализира) како политичко несвесно – јазикот да се дели на две, да се сотре „зборот“, да се разнебити историското паметење, да се обезличи иднината. Да се пеплоса и реконфигурира надежта во вид на неоромантичен фрактал и да ни се даде како замена за оној останат дел од спонтаноста, насловен како Македонија. Во рамките на таквиот своевиден ненасилен отпор, потсетување од трезорот писанија, поместени и сохранети во трезорот македонско сенародно самочувствие.
Дебатите, дискусиите, па и вицови за потеклото, постоењето (или непостоењето) на Македонците и на Македонија, со несмалена жестина се одвиваат и во нашиот медиумски обзор стотина години порано, но и сите овие триесетина и кусур години независност. Во таквото своевидно „диши – не диши“… побарано колективно задржување на здивот, тие во некоја рака почнуваат да заличуваат на голем број средновековните теолошки расправи за постоењето на Господ. Повеќето од нив се во духот на прочуениот хегелијански алгоритам – негација на негацијата, во кој постоењето на Македонците се негира и на степен на куб. Меѓутоа… „постојат голем број докази за постоењето на Господ, тврдат одредени теолошки доктрини, но сето тоа предизвикува одредено сомнение кај мудрите филозофи. Бидејќи ако за една работа постои еден доказ, сите други не ни се нужни, а ако се повеќе докази, тогаш сигурно не се несоборливи“, постулираат категорично.
За природата, карактерот и етногенезата на Македонците не може да се каже ништо конкретно, сето тоа е само одреден начин на гледање на работите, се обидува да ја сврти дискусијата во стилот на христијанскиот средновековен мислител атинскиот митрополит Псевдо-Дионисиј, извесен неосвестен македонски транзициски политичар мислител.
Македонија – утопија. И тоа во оригиналната смисла на тој збор: у-топос или не-место.
Значи место што не постои. Па најверојатно затоа станало, било и останало точка на конфликти, недоразбирања, носталгија и фасцинација. Паметење што станало посилно од стварноста. И самото станало стварност.
На тоа остро реагираат и се спротивставуваат многумина, меѓу нив и кралот на артефактите и бардот на македонската преродба, познат археолог. Во духот на модерниот рационализам и доктрината на железните правила на Дејвид Хјум, тој смирено се залага само за онаа вистина што ја допираме, газиме, гледаме и чувствуваме и живееме.
За врската меѓу пингвините и Македонците долго беше во оптек (ненамерно или смислено) еден од култните стереотипи, вицови-шеги за Македонците, покрај стандардните Трајче, Мирче, Стојче, Страше, Трпе… Имено, така бил насловен еден од трите реферата на научниците од експедиција составена од Македонци, Руси и Американци на Антарктикот. По шестмесечен престој и проучување на животот и навиките на пингвините, Русите излегуваат со рефератот „Влијание на ниските температури врз формата на клунот“, Американците со научниот труд „Бојата на пердувите на пингвините и поларната светлина“, а нашите со „Пингвините и македонското национално прашање… и европските интеграции!“
Во близината меѓу Сплит и Шибеник е Рогозница, чие античко „елинско “ име е Хераклеја. А Херакле, како што претпоставувам сигурно знае секој поет и макар и скромно инвентивен и образован историчар на уметноста, е заштитник на македонската династија. Оттаму безмалку сите од триесетте познати антички Хераклеи, вклучувајќи ја именуваната, имаат македонски фундамент, во културна, етничка, јазична смисла. А Самуиловото средновековно царство се простирало до Задар…

А, Македонија, да?!…. – Македонија е географски поим што, се разбира, е стар илјадници години и тоа е една работа, но во однос на наследството и следбениците на Александар Македонски, барем јас не гледам дека има некоја директна династиска врска. Македонците мене ми се близок народ затоа што и Хрватите, Бугарите и Србите се со словенско потекло и немаме никаква конкретна врска со Келтите, Римјаните, Илирите или Македонците. Тоа биле народи што делумно изумреле или се претопиле во масата на новите народи што доаѓале тука…. Само некои и преживеале.
Нашиот интерес кон антиката не може и ниту го релативизира ниту да го негира доминантно христијанскиот бит на нашето милениумско и современо постоење.
Господ и религијата немаат врска едно со друго, бидејќи Господ, како и Македонците на овие простори, постои долго пред религијата и смешните Атласи, дебати и малициозни коментари и ќе постои засекогаш.
Треба да бидеме неконформисти – не треба да чекаме одобрение од науката да направиме необични работи или да одиме чекор понатаму од она што ни е сугерирано дека е можно. Зашто, ако се поставиме така, од науката ќе направиме еден вид религија.
Треба да бидеме неконформисти, да истражуваме нови патишта, да рушиме табуа – тоа е пат на прогресот.
Како што вели Маркс во своите постулати на религиозната критика: Човекот ја создава религијата (бог), бог не го создава човекот. Ова општество ја создава религијата како форма на свест за светот. Религијата е општа теорија на овој свет, негов енциклопедиски компендиум, негова логика во популарен облик, негово духовно упориште, негов ентузијазам, негова морална санкција, негова општа причина за утеха и покајување. Затоа, борбата против религијата е борба против духовната арома на стварноста. Многуслојни се основите и методите на негирање на македонскиот идентитет, јазик, Македонската православна црква, но трпеливоста, истрајноста и верата во правдината ќе ги огреат праведниците верници, сегашни и идни поколенија Македонци..

Тешко може да се очекува од голем број мортификатори на вистината и негатори на македонскиот национален идентитет да ја повратат нормалната човечка памет и да сфатат дека Самуил, Мисирков, Сандански, Делчев и нивниот и нашиот македонизам се дел од природниот процес на развојот на македонската нација и дека нив нема да може да ги уништи никакво оцрнување од големошовинистички и негаторски позиции.
А, бидејки колумнава некако во понеделник излегува – чувајте се од понеделник! Тоа е ден кога луѓето најмногу аздисуваат, кога работи и проблеми извираат од сите страни. И често е ден на пренаглени заклучоци и избрзани одлуки.

Аљоша Симјановски