Фото: Маја Јаневска Илиева

Во тек е натамошна истрага на местото на големата трагедија, се собираат нови докази, а покрај сегашните десетина приведени лица се најавуваат уште

ШТО СЕ СЛУЧУВАЛО ВО „ДИСКОТЕКАТА НА СМРТТА“ ВО КОЧАНИ?

Фрапантни докази за нелегалност на повеќе нивоа во случајот „Дискотека Пулс“. Има сѐ повеќе индикатори и за големи организациски пропусти за концертот на музичката група „ДНК“. Четириесетина тешко повредени се префрлени на клиники во странство.
Македонија е во жал, неверување и во национален шок од големата трагедија што се случи рано наутро на 16 март во Кочани во дискотеката „Пулс“. Истрагата е во полн ек, веќе има десетици приведени и испитани, а во моментов се одвива голема медицинска операција за спасување на најтешко повредените, кои се борат за своите животи. Најголем дел од тешко настраданите се наоѓаат на клиники во неколку соседни земји.

Што знаеме досега за несреќата? Кои фактори придонеле за толкав број
жртви? Дали делото ќе се третира како несреќа или можеби има елементи да се квалификува како „тероризам“?!

Според досегашните официјални податоци, во пожарот во дискотеката загинале 59 лица, повеќето на возраст од 14 до 25 години. Над стотина беа повредени. Вчера е јавено за уште една индиректна жртва, станува збор за возач на амбулантно возило, кој по завршувањето на долгочасовната работа починал во својот дом. Најверојатно тој е жртва на претрпениот стрес.
Како се случил пожарот? Од неколку видеа се гледа дека пожарот е предизвикан од пиротехнички средства што ја потпалиле покривната конструкција, која била веднаш над главите на изведувачите од групата „ДНК“. Пожарот избувнал околу 2.30 ч. ноќта и за кратко време се претворил во пеколна огнена стихија, која голтала сѐ што било во дискотеката. Речиси сите членови на „ДНК“ и придружните музичари страдаа.
На повикот дека треба да се евакуираат присутните настануваат невидена паника и стампедо затоа што дискотеката имала само еден влез и излез. Помошниот излез бил блокиран.
Најмногу од жртвите настрадале од пожарот, но и од вдишување токсичен чад. Има жртви и од стампедото. Очевидци велат дека пожарот избувнал со молскавична брзина и оти се случил за многу кратко време. Според МВР, плафонот бил од лесно запалив материјал.
Првите настрадани се носат во кочанската болница, а потоа целиот здравствен систем во државата се мобилизира. Настраданите се прифаќаат и во Штип, но брзо потоа транспорт се насочува кон Скопје. Очевидци рекоа дека кочанската болница во тие моменти изгледала како масовна мртовечница. Лекарите од тој регион давале сѐ од себе да спасат што поголем број настрадани.
Што велат последните информации од истрагата на МВР? Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера на пладневната прес-конференција ги даде следните најнови информации: досега е извршена обдукција на околу 15 лица што настрадаа во дискотеката во Кочани. Увидот уште се врши, а 45 лица се во критична состојба и се транспортираат во странство. Приведени се пет лица на територијата на СВР-Скопје и СВР-Тетово, меѓу кои и поранешниот министер Крешник Бектеши.
Според министерот Тошковски, пиротехничките средства што беа причина за пожарот ги донел бендот ДНК. Концертот било одржан на диво, без писмен договор со изведувачите.
Во дискотеката имало 500 лица, а биле продадени 250 билети.
– Македонија нема систем со правила на игра што би превенирале ваков ужасен настан. Имаме системски слабости што оневозможуваат контрола. Констатиравме дека системот во Македонија е корумпиран на тоа ниво што можеме да кажеме дека има катастрофална состојба на постапување на институциите – потенцира Тошковски.
Министерот најави дека и денеска ќе бидат приведени голем број лица од различни институции, меѓу кои и МВР.

Местото на злосторството

За кусо време се открива дека дискотеката немала дозвола за работа. Работела како кабаре со фалсификувана лиценца. Премиерот Христијан Мицкоски објасни дека лиценцата била „фалсификувана“, но со оригинален печат и потпис од тогашните „одговорни лица“, за што било земено мито.
Владата прогласува седумдневна национална жалост.
Јавното обвинителство изврши увид и утврди многу неправилности во дискотеката „Пулс“, меѓу кои немање хидрантски систем, недоволен број ПП-апарати, недоволен број излези. ЈО утврди и неправилности при пренамената на објектот, односно не бил регистриран како угостителски објект.

Министерот Арбен Таравари со најнови информации за повредените

– За среќа, сите пациенти што се донесени во болниците се во стабилна состојба, како и оние што беа испратени во странство. Но има еден нов проблем. Пациенти што не се јавиле вчера, денеска се пријавуваат и бараат помош. Јас ги молам сите што биле таму да се пријават и да дојдат на преглед – рече министерот.
Тој додаде дека е почната нова стратегија, сите пациенти од Кочани и од Штип да се преземат во Скопје каде што има доволен капацитет.
– Во Клиничкиот центар има 49 лица, во „8 Септември“ 17 лица, во старата градска болница 17 лица, во Штип се пријавени двајца нови, кои вчера воопшто не се пријавени. Во странство: во Турција се испратени девет лица, во Бугарија 14 пациенти, во Грција во Солун пет, во Србија 17 и вчера двајца се упатени во Будимпешта и во Литванија се упатени четири пациенти. Денеска очекуваме уште неколку пациенти да бидат упатени во Словенија, двајца или четворица, за Хрватска ќе појдат четворица, во Австрија шест и уште 12 пациенти ќе бидат испратени во Белград на ВМА – рече Таравари. Х.И.