Ексклузивно во „Колибри“ во продолженија најновата поетска творба за деца на писателот Трајче Кацаров (2)
Денот со спуштени едра
во заливот ноќен се котви
Шумскиот оркестар,
за настап се готви!
Рататата! Рататата!Рататата!
Се будат ежовите-рицарите ноќни.
Во поход поаѓаат горди
и моќни!
*
Еженко наместо по
храна -овошје гнило, инсекти, антроподи кон ежот од камен тргна да оди.
Ако не може со арно, одлучи,
како кутре да му сржи,
закани да му спржи.
*
Два-три пати,
пријателски го боцна
А тој мака си нема –
ниту се лути, ниту се мурти.
Со лисје одлучи да го покрие.
Од шумскиот свет да го скрие,
додека самиот не најде начин
на боцките со боцки
да му се одговори.
*
Штом се убеди дека добро
го скри,
побрза, пред денот да се јави,
дома да се врати,
Мама Еженка да не страда
Да не се лути.
*
Еженка мајчински го дочека.
Од милост го боцна.
И уште еднаш и уште
којзнае колку пати.
Потоа го остави,
не знаејќи што во себе крие,
по ноќната тешка работа
да одмори, да поспие.
Сонот на еженко
Нема живот без
сонување,
ниту соништа што не се
за раскажување.
Никој не сонува за некој.
Секој сонува за себе.
Најчесто она што го сака.
Сонуваат некои
да се најадени, да се сити.
Други, пак, да се
придружувани
од кралски свити.
*
Штом Еженко заспа,
веднаш засони.
На сон, ни помалку, ни повеќе,
Ежот од камен се виде.
Лисјето и тревата
ко на шега од себе ги мавна.
По шумската патека тргна
со чекор стамен
и илјадници боцки од камен.
„Еј, има ли некој,
ежот од камен да го види!“ –
Викаше, да простите,
ко да рикаше.
Мечокот Крепа
Со круната на глава
во царска руба, мечокот Крепа,
подгрбавен од царските грижи,
по патеката главна, се движи…
Шумичката не е само
радост и младост.
Има во неа многу грижи
и не малку старост.
*
Еженко-ежот од камен
штом го здогледа,
на две нозе се крена
и јуначки му се закани:
„Истави се од патот
јамболлијо шумска,
ако не сакаш на главата
да сетиш џумка!“
Мечокот Крепа – шумскиот цар,
околу себе се вртка – се сука
и никако да види
кој крепата шумска
сака да ја брука!
*
„Не се врткај, не се сукај!“
Уште погласно
Еженко наредба му прати:
„На колена клекни!
Денес царската круна ја губиш –
Ежот од камен-Еженко Први,
на царството твое
му става крај!“
*
Но мечокот Крепа
веднаш шепата ја крена,
непријателот не поголем
од педа,
со еден удар да го смачка,
да го снема!
Но, штом врз боцките
шепата ја спушти
силна болка сети.
„Оф-леле!“ – од болка викна
и во непозната насока кидна.
*
Еженко Први,
сам од себе крунисан,
со крената глава,
по шумската патека
на сет глас огласува:
„Денес Ежот од камен –
Еженко Први – новиот шумски цар,
по шумската патека ќе врви!
Во интерес на здравјето
и животот на секој
шумски жител,
потребно е пред Царот
на коленици да се клекне,
од страв и почит
„Да живее!“ да кликне.
*
Лисјето шуми
ветрето вее
Еженко Први,
царски шета.
Шумичето песна му пее.
(продолжува)
За авторот
Трајче Кацаров (65) е македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Во последните десетина години објавува и книги за деца и млади, кои се одлично прифатени од младите читатели. Завршил Академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Cв. Кирил и Методиj“ во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа списанието за уметност СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Делата му се преведени на неколку јазици, a неговите театарски пиеси се одиграни низ повеќе театри во регионот и пошироко.
Добитник е на повеќе признанија од областа на литературата, меѓу кои лани ја доби наградата „Ванчо Николески“ од ДПМ за романот за деца „Не паркирај гаража“. За поемата „АКO“ е добитник на наградата „Григор Прличев“, а во 2004 година Кацаров е прогласен за личност на годината во општината Штип. Истата таа година го доби признанието „Деец во културата“, а во 2009 година Општина Штип му ја додели наградата „8 Ноември“.