„Нова Македонија“, преку следење на „Двете сесии“ во Пекинг, Народна Република Кина, ексклузивно претставува еден од глобално најзначајните политички настани, овозможувајќи увид во целокупното одвивање на собирот на водечките кинески политичари, воени лица и влијателни личности од бизнис-сферата и од јавниот живот – од организацијата, преку активностите и претставување на политиките кои имаат далекусежно значење и влијание
„Нова Македонија“ на најголемиот годишен политички собир во Кина – „Две сесии“
Змијата во кинескиот фолклор симболизира интелигенција, трансформација и мистерија, па токму во годината во нејзин знак, може да се очекува дека со паметно спроведување на политиките претставени на најзначајниот годишен политички собир во Народна Република Кина – т.н. „Две сесии“, што неделава се одржува во Пекинг, ќе биде постигнат значителен придонес кон позитивна глобална трансформација на повеќе полиња. А „Нова Македонија“, преку увидот стекнат при известување од грандиозниот настан, ексклузивно за нашите читатели ќе ја одгатне своевидната мистериозност што се смета дека ги следи „Двете сесии“, поради недоволна застапеност на подетални информации во светските медиуми. Во рамки на „Двете сесии“ се одржуваат традиционални собири на кинескиот Национален народен конгрес (законодавно тело) и на кинеската Народна политичка консултативна конференција (политичко тело). Конгресот со речиси три илјади членови има улога да ги разгледува и одобрува извештаите и одлуките на владата, додека Конференцијата со преку две илјади делегати е политички и советодавен орган што соединува широк спектар на политички претставници и влијателни личности од разни сфери на општествениот живот на Кина. Состаноците вообичаено се одржуваат на почетокот на март, а годинава е предвидено да траат седум дена. При овие средби се дискутира за најактуелните глобални прашања и се дава приказ за остварувањата, како и за идните цели на кинеската политика.

Патоказ за развојните планови на Кина
Настанот претставува патоказ за развојните планови на Кина за годинава, последната од 14-от петгодишен план (2021-2025). „Двете сесии“ се од големо значење во време кога една од водечките светски економии ја забрзува транзицијата кон висококвалитетен развој и ја унапредува модернизацијата на државата, притоа справувајќи се со предизвиците на турбулентната глобална состојба. Процесот на развој на Кина беше извонреден минатата година, нагласи кинескиот премиер Ли Чијанг при излагањето на извештајот за работата на владата во име на Државниот совет, на отворањето на третата сесија на четиринаесетиот Национален народен конгрес во средата, во присуство на кинескиот претседател Си Џинпинг. Премирот Ли Чијанг се осврна и на кинеската економија за која посочи дека бележи постојан раст. Беше истакнато дека кинескиот БДП постигнал годишно зголемување од пет отсто, што претставува приближна цел и за годинава, како и оти стапката на придонес на Кина во глобалниот економски раст останала на околу 30 отсто.

Премиерот Ли Чијанг во извештајот предложи овогодинешни владини работни задачи да бидат развивање на нови висококвалитетни производствени сили во согласност со локалните услови и забрзување на изградбата на модерен индустриски систем, како и поттикнување на одржливоста на иновациите во дигиталната економија. Кина ќе продолжи да дава приоритет и на земјоделскиот и руралниот развој, додека има амбиции да поттикне и повеќе приватни инвестиции во големи инфраструктурни проекти. Меѓу другите главни развојни цели зацртани за годинава се, анкетирана стапка на невработеност во градовите од околу 5,5 отсто, над 12 милиони нови работни места во урбаните средини и зголемување на индексот на потрошувачки цени од околу два отсто.
Кина се надева дека со меѓународната заедница ќе се залага за еднаков и уреден светски мултиполаризам, сеопфатна и инклузивна економска глобализација, промовирање на спроведувањето на иницијативата за глобален развој, иницијативата за глобална безбедност и иницијативата за глобална цивилизација, активно ќе учествува во реформирање и изградба на системот на глобално управување, односно ќе ја поттикнува изградбата на општество со заедничка иднина за човештвото, заедно создавајќи светла иднина на мирот и развојот во светот.

– Треба поблиску да се обединиме околу Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина со другарот Си Џинпинг, како водич да ја следиме неговата мисла за социјализмот со кинески карактеристики за нова ера, да се стремиме да ги постигнеме годишните цели и задачи на економскиот и општествениот развој, да обезбедиме успешно завршување на 14-тиот петгодишен план и да направиме незапирливи напори за сеопфатно унапредување на изградбата на силна земја и за подмладување на нацијата преку кинеската модернизација – заклучи кинескиот премиер.
Заемно корисна платформа за власта и медиумите: „Клучно да се слушнат различни перспективи и приказната на Кина да се пренесе на начини што ќе бидат јасни за глобалната публика“
„Двете сесии“ се заемно корисна платформа за кинеските носители на власта, како и за присутните новинари. За првите се можност за претставување и објаснување на сработеното, како и на идните цели и планови до јавноста, додека за вторите претставуваат прилика за директно поставување прашања до оние што ги носат главните одлуки во државата. Новинарката на кинеската телевизија „Си-џи-ти-ен“, Хуанг Феи, за „Нова Македонија“ ја нагласи важноста на интеракцијата помеѓу претставниците на политичкото водство на Кина и медиумите за време на „Двете сесии“, доближувајќи ги темите и прашањата што предизвикуваат најголем интерес на годинашното издание.
– „Двете сесии“ се најголемиот политички настан на годината. За новинарите, ова е ретка прилика директно да поставуваат прашања до главните носители на одлуки во државата. Министри задолжени за кинеската економија, дипломатија и општественото добро држат прес-конференции за да имаат обраќања во врска со клучни политики и случувања. Многумина од нас се фокусираат на толкување на значењето зад бројките. На пример, дали Кина ќе постави цел за раст на БДП од пет отсто трета година едноподруго, наспроти зголемените предизвици во трговската динамика со САД. Според мене, овие бројки не се само економски индикатори – тие помагаат за усвојување на очекувања, зголемување на довербата и им даваат јасни цели на локалните власти. Гледаме и нови изрази во владиниот работен извештај, како „новоквалитетни продуктивни сили“ или „економија во низок лет“, како и „стратегија АИ-плус“. Овие фрази ги сигнализираат инвестициските приоритети на Кина, што значително ќе обликуваат индустрии и животи многу подалеку од Пекинг. Како новинари имаме уникатен прозорец да ги прашаме законодавците и политичките советници што значат овие термини, особено што многумина од нив се меѓу најзначајните иноватори и бизнис-лидери во државата – истакна нашата соговорничка Хуанг Феи.

За време на „Двете сесии“ се дискутира отворено за бројни теми, со што годинава во фокусот се економските прашања, меѓу кои се истакнува предвидената цел за раст на кинескиот бруто домашен производ од пет отсто, како и технолошките иновации, вклучувајќи ја и употребата на кинескиот стартап со вештачка интелигенција „Дипсик“, кој поттикнува значителен глобален интерес.
– Економијата е главна точка за многумина, но гледиштата варираат. Некои го истакнуваат побавниот раст, додека ние целиме да ја нагласиме трансформацијата на кинескиот економски модел во „висококвалитетен раст“: со давање приоритет на технолошките иновациии, општественото добро, одржливоста на животната средина, наспроти саматата брзина на процесот. Тоа е поинаков поглед врз развојот на Кина. Верувам дека е клучно да се слушнат различни перспективи и приказната на Кина да се пренесе на начини што ќе бидат јасни за глобалната публика – објаснува новинарката на „Си-џи-ти-ен“.