Во Mитропа-купот, Вардар во 1968 година во двата дуела со италијанскиот Каљари беше поуспешен. За Мечкаров тие победи со по 1-0 го потврдија квалитетот на тогашната вардарова генерација. Претходно беше елиминиран австриски Ласк од Линц, 0-0 и победа со 2-1
Атанас Мечкаров (2)
Секој спортист има некој момент што му останал во меморијата и на кој често се сеќава. За Атанас Мечкаров тој момент беше кога во тогашниот Митропа-куп, Вардар имаше два натпревара со италијанскиот калчолигаш Каљари.
– Многумина нѐ прежалија кога ја видоа ждрепката и помислија оти сме готови. Дури и нашите најверни навивачи, кои секогаш беа оптимисти и против секој противник велеа дека ќе победиме, овој пат беа резервирани. Можеби ова доаѓаше и од фактот што се работеше за екипа што беше во врвот на италијанскиот фудбал и бише редовен член на Калчо-лигата. Меѓутоа, сите што мислеа така се измамија. Некогаш, кога сака-сака. Овој пат и среќата беше на наша страна, па така, на изненадување на целокупната фудбалска јавност со двете победи со по 1-0 го елиминиравме фаворизираниот ривал. Инаку, претходно со елиминацијата на австриски Ласк, со победа со 2-1 дома и со 0-0 на гости, Вардар покажа дека може да се носи со секој противник. И навистина беше така, двете победи над Каљари, со по 1-0, прво на гости, а потоа дома, беа потврда дека Вардар има капацитет и може секому да му биде рамноправен партнер. Овие две победи, би рекол, се историски за Вардар и од причина што по нив веќе не бевме анонимни и за нас се слушна и надвор од тогашните југословенски простори. Меѓутоа, во третиот настап немавме сили, а и бевме опиени од триумфот над Каљари, па бевме елиминирани од тогашниот чехословачки прволигаш, Спартак од Трнава, со 1-4 и со 2-2 – се сеќава Мечкаров.
Мечкаров убаво се сеќава на составот на Вардар што настапи против Каљари. Во него се наоѓаа многу познати имиња, па, еве, да се потсетиме и на нив: Мутибариќ, Дробац, Рац, Д. Георгиев, Мечкаров, Плачков, Илиевски, С. Мојсов (Дончиќ), Шулинчевски, Велковски (да не дојде до забуна, бидејќи се работи за исто презиме, ова е Симон, одличен играч што дојде од прилепска Победа, а не Стојан Велковски-Цојле, кој играше за Вардар и беше еден од столбовите на екипата од 1951, па сѐ до 1961 година, кога Вардар го освои Купот на Југославија со победата над Вартекс од Вараждин со 2-1) и М. Спасовски. Во реванш-натпреварот на местото на Шулинчевски играше Ковачевски, кој по долги преговори меѓу двете управи, од Работнички се пресели во Вардар.
Тоа беа фудбалерите што испишаа една убава, би рекол историска страница за нашиот најпопуларен фудбалски клуб.
– Таа 1968 година, не само јас туку и сите мои соиграчи, како и многубројната армија навивачи ќе ја паметиме како една од најубавите во нашата фудбалска кариера. И не само тоа, ми се чини оти ова беше и најголемиот успех на Вардар постигнат на меѓународната сцена – вели Мечкаров.
Сега ќе се задржам на некои интересни доживувања од фудбалскиот живот на Мечкаров. Веќе напишав оти тој беше еден од најпопуларните, не само вардарови туку воопшто фудбалери што во тој период беа актуелни и со успех ги бранеа боите на своите клубови.
– Се сеќавам по еден натпревар со Црвена звезда, откако излеговме од стадионот, го гледам Драган Џаиќ застанал под насипот очекувајќи да дојде такси и да го одвезе во хотелот, каде што веќе беа пристигнати неговите соиграчи. Јас, како добар домаќин, без оглед на жестокоста на меѓусебните дуели, застанав и му понудив да го префрлам до хотелот. Тој со насмевка прифати и седна на седиштето до мене и ми рече: „Одигравме добар натпревар и сега морам да ти кажам дека ти си навистина онаков каков што те претставуваат, бескомпромисен и борбен“. Друго околу играта и меѓусебните дуели, во кои како и секогаш жестоко влегував, не изусти ниту збор. Си помислив добро е, ми простил за тоа што сум бил поостар во играта. Кога стигнавме до хотелот се поздравивме и пријателски се разделивме. Но тоа не беше сѐ, утредента купувам белградски „Спорт“ и што ќе видам. На насловната страница, читам голем наслов: „Мечкаров тукао све“, во поднаслов дека сум ги тепал сите, стоеше изјавата на Џаиќ. Ова подоцна помина во шега, зашто по тој скопски дуел станавме добри пријатели. Она што се случуваше на теренот беше друга приказна, тука секој се бореше за својот тим. Никој не избираше средства како да се дојде до поволен резултат – вели тој.
Жељо уплашен од Вардар
Има многу интересни случки во фудбалот. Некогаш, без никаков договор, резултатот си доаѓа онаков каков што е, а за љубителите на фудбалот останува загатка дали бил режиран или не. Еден таков натпревар, во кој имаше сомнеж оти е наместен беше дуелот со Железничар во вториот пролетен дел во натпреварувачката сезона 1971/72.
– Есента, во првата средба во Сараево го изненадивме Железничар и победивме со 2-0. Ова претставуваше мала сензација со оглед на тоа што Жељо уште од почетокот добро заигра и беше на челните позиции. До крајот на првиот дел ситуацијата малку се искристализира и веќе беше јасно оти Железничар, кој имаше одличен тим, предводен од Осим, Каталински, Спречо и уште неколку репрезентативни фудбалери, има шанси дури и за првото место. И навистина беше така. Пролетта сараевчаните почнаа со победи и се менуваа на челната позиција на табелата со Црвена звезда. Така во таа трка „железничарите“ пресметале оти пресвртот може да се случи некаде во средината од пролетниот дел, токму тогаш кога во 10. коло Жељо требаше да ни биде гостин во Скопје. На еден ден пред дуелот сараевчаните беа во Скопје, очигледно од она што им се случи во есенскиот дел беа како уплашени. Кога излегувавме на теренот, Осим ми пријде и ми рече и нерешен резултат многу ќе ни значи. И навистина, она што тој го побара од мене добро би било и за нас. Си помислив реми со екипа што се бори за првото место добро ќе ни дојде. Еден бод многу би ни значел за да побегнеме што подалеку од зоната за испаѓање. Можеби и другите фудбалери мислеа како мене, па како домаќини иако ја имавме поддршката од публиката настојувавме да не се истрчуваме многу, туку да се чуваме. И така, без некаков договор или режија, работите така се наместија што голови немаше и на крајот задоволни го напуштивме теренот. Ние таа сезона ја завршивме на 11-то место. Оттогаш двата клуба се зближија и изградија добри односи, кои се манифестираат и денес – се сеќава Мечкаров на тие моменти.
Наместо возачот, Мечкаров седна зад воланот
Атанас Мечкаров-Мечка на крајот од кариерата, за да обезбеди иднина и егзистенција за своето семејство, отвори автомеханичарски сервис. Сите го познаваа и работата добро му одеше. Работеше со години, сѐ до пред неколку месеци кога стави клуч на сервисот.
– Доста беше, дојде време и јас да се опуштам, иако тоа опуштање не е баш она вистинското. Кога сопругата ми беше најпотребна и кога требаше во мир да го продолжиме животот, задоволни од она што дотогаш сме го направиле, таа почина. Од бракот со неа имам ќерка, па таа ми е голема утеха – вели Мечкаров.
Сакајќи да му ја одвлечам мислата на друга страна го прашав дали има уште нешто интересно од времето кога беше активен фудбалер.
– Има многу работи, дури може и книга да се напише. Но јас овој пат од многубројните згоди и незгоди ќе одделам една што се случи надвор од фудбалскиот терен. Имено, откако по победата со 3-0 над Напредак во Крушевац во 1971 година го обезбедивме првото место во Втората и најавивме враќање во Првата лига, се случи еден малер со автобусот. Проблем беше гумата, која мораше да се напумпа. Возачот, се сеќавам се викаше Пенчо, кога почна со дигалката да го поткрева автобусот, таа попушти и автобусот се навали на неговото рамо. Среќа Пенчо рефлексно изреагира и доби само скршеница на клучната коска. Тој помина како што помина, но јас како стручњак по механиката, а и за возењето, седнав зад воланот. Кога играчите почнаа да се враќаат во автобусот и кога тренерот Кирил Симоновски-Џина, кој дојде да нѐ води низ второлигашките борби за побрзо да се вратиме во елитата, влезе во автобусот и ме виде на возачкото седиште ми се обрати со зборовите: „Бегај оттука, што бараш ти тука“. Јас премолчев, а кога Пенчо се врати во автобусот со заврзано рамо на Џина му стана јасно зошто јас седам на неговото седиште. Овој пат не издржа и како претходно ништо да не ми кажал свика: „Ајде, кога веќе седиш таму, тргни за побрзо да стасаме во Скопје“. Го послушав и веднаш тргнав, но требаше да извозам десетина километри за Џина да се увери оти сум добар возач и да се опушти – рече тој.
Има уште многу работи за кажување и за пишување за нашата фудбалска легенда Атанас Мечкаров-Мечка, кој беше еден од најекспонираните вардарови фудбалери во минатиот век. Тој остави силен печат во Вардар и воопшто во македонскиот фудбал, а ќе биде запаметен како еден од најбескомпромисните и најборбени фудбалери.