На денешната седница на собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците почна амандманска расправа по предлог-законот за изменување на Законот за Владата, со чии измени се предвидува укинување на техничката влада.
Заменик-претседателот на Комисијата, Јован Јаулески, информира дека за предлог-законот се поднесени поголем број амандмани и даде пауза затоа што, како што рече, амандманите не биле технички обработени и не се доставени до Комисијата. На барања од опозициските пратеници за преместување во друга сала оти во оваа каде што се одржуваше седница, според нив, немало услови за работа, Јаулески нагласи дека ако има просторни услови, со седницата ќе продолжат во друга сала.
Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, побара да се повлече предлог-законот за изменување на Законот за Владата. Таа рече дека доколку предлагачите не го повлечат законот и Собранието продолжи со оваа процедура, пратеничката група на СДСМ нема да учествува во работната група за измените и дополнувањата на Изборниот законик.
– Во 2015 година во политичката криза, со пржинскиот договор постигнат со силно учество на Европската Унија и САД, се воспостави еден модел за поделба на власта дизајниран да може да осигури дека ниеден субјект не може да го користи државниот апарат за влијание врз исходот на парламентарни избори. Всушност, логиката на овој договор беше преку институционализирање на недовербата со систем на меѓусебни вета државата да може да гарантира рамноправно полесен натпревар на сите учесници – рече таа.
Тренчевска смета дека со овој предлог-закон се воспоставува нефер однос кон сите што учествувале во донесувањето на пржинскиот договор, кон опозицијата, затоа што, како што рече, без дијалог и комуникација со опозицијата власта предлага измена на закон кој е донесен во 2016 година во согласност со сите политички партии.
– Второ, сè уште не се создадени услови во државата за да имаме парламентарни избори во кои опозицијата нема да биде дел од тие 100 дена влада во согласност со законот кој сè уште е во важнос – рече Тренчевска и укажа на последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во 2025 година, како и на реалноста на теренот, која, како што вели, е документирана од меѓународни и домашни набљудувачи дека државата не била спремна да се укине техничката влада.
Пратеникот на ВМРО-ДПЛМНЕ, Антонијо Милошоски, нагласи дека во ниеден извештај не пишува дека Македонија не е држава која не е спремна да попчне преговори, да има функционални институции и слично. Смета дека како држава сме на тоа ниво на зрелост.
– Второ, оваа година Советот на Европа во Стразбур, по многу години, донесе одлука да се укине постмониторингот за Македонија. Тоа е еден европски знак за зрелоста на институциите да ја исполнуваат својата надлежност во интерес на граѓаните и меѓуинституционалната соработка. А кога зборуваме за политички дијалог, не е никој виновен во оваа просторија што лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кога беше закажана средба за политички дијалог на поголем број политички релевантни партии од македонското Собрание во Клубот на пратениците, по покана на претседателот на Владата како претседател на најголемата политичка партија, одлучи да ја бојкотира таа средба. И кога има простор за таков дијалог и е прифатен од мнозинството политички партии да се води тој дијалог, гледаме дека СДСМ намерно бојкотира и ни изгледа дека си прави алиби за следниот пораз. Знаат дека би доживеале пораз и на следните избори, без разлика кога и да се одржат. И сега треба да се создаде клима дека не е виновно раководството на СДСМ, туку виновни се некои закони, некои технички услови, некои флоскули што ги слушаме во изминатите две години откога Филипче е на чело на политичката партијата СДСМ – рече Филипче.
Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците треба да дискутираат и по измените и дополнувањата на Законот за пратениците по скратена постапка, со кој се предвидува кандидатот за пратеник да има само македонско државјанство, пренесе МИА.


































