Фото: Драмски театар

Драмски театар Скопје со претставата „Болва в уво“ во режија на Синиша Евтимов гостува во Тиват, Црна Гора. Изведбата ќе се одржи вечерва со почеток во 20 часот во Центарот за култура во Тиват, како дел од програмата на црногорскиот регионален театарски фестивал РУТА.

Фестивалот го отвори директорот на Центарот за култура во Тиват, Горан Божовиќ, истакнувајќи дека учеството на реномирани професионални театри од Белград, Загреб, Љубљана, Скопје и Сараево претставува голема чест, но и потврда за квалитетот на работата на Центарот за култура во Тиват и неговата драмска продукција.

– Ова за нас е привилегија и сериозна потврда за посветената работа. Не е случајно што Центарот за култура во Тиват ‘го носи црногорското знаме’ во оваа регионална иницијатива – изјави Божовиќ, нагласувајќи дека фестивалот гради мостови и го поврзува регионот преку уметноста, љубовта и довербата.

Во текот на фестивалот РУТА, публиката ќе проследи шест внимателно избрани и наградувани претстави од современата регионална продукција. Освен вечерашната претстава „Болва в уво“ од Македонија, пред публиката во Тиват ќе се претстават и останатите членки на Унијата со претставите: „Ќелавата пејачка“ во продукција на Центарот за култура во Тиват, „Мајки“ на театарот Улисис од Хрватска, „Нора“ на Местно гледалишче Љубљана од Словенија, „Шиндлеровиот лифт“ на Камерни театар 55 од Сараево, Босна и Херцеговина и „Диво месо“ во изведба на Београдско драмско позориште од Србија.

Претставата „Болва в уво“ е работена по најпознатиот текст на францускиот драмски писател Жорж Фејдо, напишан во 1907 година. Во Драмски театар е поставен во седумдесеттите години и претставата имала 456 изведби. Постановката што ја режираше Синиша Евтимов ја имаше премиерата на 17 декември минатата година и досега се играше 12 пати.

Во уметничкиот тим на претставата се Мартин Манев (сценограф) и Раде Василев (костимограф). Инспициент е Жарко Намичев, а суфлер Милка Анчевска.

Улогите во претставата ги играат: Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Владимир Петровиќ, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ (к.г.) и Ивана Павлаковиќ.