Фото: Ка.М

Најголем проект за Пелагониско-југозападниот регион е управувањето со отпадот и изградбата на регионална депонија, со кој не само ќе се управува со отпадот од 18 општини, туку и ќе се заштити животната средина и ќе се подигне свеста на населението за одржливо управување со отпадот. Ова, меѓу другото, го истакна Јован Тезиевски, градоначалник на општина Ресен, на денешната панел-дискусија „За почиста Преспа – заеднички чекори за подобро управување со отпадот“, организирана во Ресен од Институтот за комуникациски студии во партнерство со МЕД и Еко Герила Преспа.

Фото: Ка.М

Настанот е дел од проектот „Поттикнување на промени во однесувањето на граѓаните за подобрување на практиките за управување со отпад во Преспанскиот регион“, кој има цел да придонесе за поодговорно и поодржливо управување со отпадот во регионот преку едукација, информирање и поттикнување на промени во однесувањето на граѓаните.

Овој проект е дел од кампањата за подобрување на практиките за управување со отпад и поголема одговорност кај локалните заедници за зачувување на животната средина. Преспанскиот регион е еден од најважните во Македонија, но се соочува со сериозни предизвици поврзани со отпадот.

Емил Ангелов од Салар Интернационал, говорејќи за регионалниот пристап и можностите за поефикасно управување со отпадот, посочи дека проектите за регионални депонии, вклучително и депонијата за Пелагониско-југозападниот регион, се реализираат со поддршка на Шведската влада, Министерството за животна средина, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.

– Оди тешко и е скапа, комплексна работа. Затоа е идејата за имплементирање практики за справување со отпадот. Со 55 милиони евра се задолжи државата кај Европската банка за обнова и развој, а дополнителни 20 милиони евра грантови се обезбедени за поголем дел од регионите во земјата. Работиме во југозападниот регион и се обидуваме да им помогнеме на општините да ги сменат практиките за да се справат со управувањето со отпадот на регионално ниво. Работиме на планирање, на создавање собирни центри и селекција. Ќе има регионална депонија кај Новаци и четири претоварни станици со кои ќе се намалат трошоците. Според планот, депонијата треба да биде готова за две години – рече Ангелов.

Тој додаде дека околу 80 проценти од населението веќе е покриено со собирање отпад и дека општините треба да вложат напори за селекција на отпадот, со постоечки оперативни и акциски планови.

Според Зоран Трајчевски од Програмата за развој на Обединетите нации, инфраструктурните интервенции се во тек, со што Преспа ќе има придобивки за одржлив развој.

– Се работи на канализациони системи во пет населени места и пречистителни станици, од кои поголемиот дел се во завршна фаза, со што ќе има директен бенефит за Преспанското Езеро и населението – посочи Трајчевски.

Марчел Консентино Русу, директор на ЈКП „Пролетер“ од Ресен, ги посочи активностите на терен и практичните насоки за унапредување на системот.

– Во 2026 година нема да има место од каде нема да се подига комунален отпад и ќе преминеме во фаза на селекција. Едукацијата на населението е клучна – истакна Русу.

Ајман Ал Мала од Секторот за животна средина при Општина Ресен нагласи дека одржливото депонирање на отпадот е суштинско за заштита на животната средина.

– Предизвик останува одржувањето на функционален систем за управување и преработка на отпадот – рече тој.

Од Институтот за комуникациски студии посочуваат дека е неопходно да се поттикнат доброволни промени во знаењето и однесувањето на граѓаните, со фокус на селектирање и правилно одлагање на отпадот.  Ка.М.