Фото: „Нова Македонија“

Само секое четврто домаќинство во Европската Унија има деца, додека бројот на луѓе кои живеат сами или како парови без потомство продолжува да расте, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2025 година. Анализата открива значајни демографски промени низ Европа, каде традиционалниот модел на семејство со повеќе деца постепено отстапува место на домаќинства без деца и на самечки живот, пренесе МИА.

Од вкупно 203,1 милиони домаќинства во ЕУ, само 47,4 милиони или 23,4 проценти се домаќинства со деца. Најголем дел од нив се парови со деца, кои сочинуваат 14,7 проценти од сите домаќинства, додека 5,6 проценти се други видови сложени домаќинства со деца, а 3 проценти се еднородителски семејства.

Во исто време, дури 76,6 проценти од домаќинствата во Унијата немаат деца. Најбројни се лицата кои живеат сами и сочинуваат 37,5 проценти од сите домаќинства, додека паровите без деца учествуваат со 24,1 процент.

Податоците покажуваат дека во последната деценија Европа бележи јасен тренд на намалување на семејствата со деца. Од 2016 до 2025 година бројот на едночлени домаќинства пораснал за 19,2 проценти, односно од 63,9 милиони на 76,1 милиони. Истовремено, бројот на парови без деца се зголемил за 3,3 проценти, додека бројот на парови со деца се намалил за 6,3 проценти.

Највисок удел на домаќинства со деца е регистриран во Словачка со 35,4 проценти, по што следуваат Ирска со 30,8 проценти и Кипар со 28,2 проценти.

На спротивниот крај се Финска, каде само 18,2 проценти од домаќинствата имаат деца, како и Литванија со 18,4 проценти и Германија со 19,9 проценти.

Кога станува збор за бројот на деца, половина од европските семејства со деца имаат само едно дете. Според Евростат, 50,2 проценти од домаќинствата со деца имаат едно дете, 37,6 проценти имаат две деца, а само 12,2 проценти одгледуваат три или повеќе деца.

Најголем удел на еднодетни семејства имаат Португалија со 61,8 проценти и Бугарија со 60,4 проценти. Од друга страна, во повеќе од половина од земјите членки доминираат семејства со две или повеќе деца, предводени од Шведска со 57,8 проценти и Холандија со 57,6 проценти.

Податоците на Евростат за земјите кандидати покажуваат дека во Македонија има вкупно 595,6 илјади домаќинства, од кои 393,4 илјади или 66,1 проценти се без деца, додека 33,9 проценти се домаќинства со деца.

Со овој удел, земјава е значително над просекот на Европската Унија, каде само 23,4 проценти од домаќинствата имаат деца. Македонија според оваа статистика е поблиску до земјите со највисок удел на семејства со деца, како Словачка и Ирска.

Од вкупно 202,2 илјади домаќинства со деца во земјава:

  • 43,2 проценти имаат едно дете;
  • 43,4 проценти имаат две деца;
  • 13,4 проценти имаат три или повеќе деца.

За разлика од ЕУ, каде доминираат семејствата со едно дете, во Македонија најзастапени се семејствата со две деца. Воедно, уделот на семејства со три или повеќе деца е повисок од европскиот просек.

Евростат посочува дека во Европската Унија минатата година имало околу 6,1 милиони еднородителски домаќинства, што значи дека секое осмо семејство со деца, односно 12,9 проценти, се потпира на само еден возрасен.

Највисок удел на еднородителски семејства има во Естонија, каде 40,6 проценти од домаќинствата со деца ги води само еден родител. Следуваат Литванија со 32,7 проценти и Латвија со 28,5 проценти.

Најнизок удел е забележан во Словачка со 3,1 процент, Грција со 3,8 проценти и Словенија со 4 проценти.

Според податоците за 2025 година, Македонија се наоѓа меѓу европските земји со најмал удел на еднородителски семејства – само 2,6 проценти.

Статистиката покажува и дека товарот од самостојното родителство најчесто го носат жените. Од вкупниот број еднородителски домаќинства во ЕУ, 81,6 проценти се предводени од самохрани мајки, додека самохраните татковци учествуваат со 18,4 проценти. Повеќе од 60 проценти од овие семејства имаат само едно дете.

Податоците се објавени по повод Светскиот ден на родителите, кој се одбележува на 1 јуни и има за цел да ја истакне важноста на семејството и улогата на родителите во општеството.