Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ е отворена изложбата на фотографии „Маркукуле – живо“ од младата авторка Ивана Темелкоска, на која ова е ѝ прва самостојна изложба, поддржана од Министерството за култура и туризам. Изложбата е фотографски запис на еден ист простор низ различни времиња, состојби и атмосфери, создаден како процес на долгорочно и внимателно набљудување.
– Постојат места што ги носиме во видното поле толку долго, што на крајот престануваме да ги гледаме. Маркукуле е токму такво место – рид длабоко всаден во секојдневието на Прилеп, толку познат, толку секогаш присутен, па затоа и речиси невидлив. Ивана Темелкоска го врати погледот кон него – и со тоа, и нашиот. Фотографската серија „Маркукуле – живо“ се роди во една ретко плодна тишина: онаа на пандемискиот карантин. Во времето кога светот се стесни на четири ѕида, кога единствената врска со надворешноста стана прозорецот, Темелкоска го насочи објективот кон она што се гледаше низ прозорецот… Серијата не е изградена врз однапред дефиниран концепт или формална теза – таа расте органски, кадар по кадар, ден по ден… Темелкоска не фотографира со цел да „докаже“ нешто – таа фотографира за да присуствува. Темелкоска доаѓа од специфично творечко вкрстување – дипломиран филолог по руски јазик и книжевност, со осумгодишна кариера во графичкиот дизајн, и со фотографија длабоко вкоренета уште од детството, кога ги „крадеше“ тајните на фотографијата со поглед преку рамото на татко си во тeмната комора и хемикалиите за обработка на црно-бели фотографии. Таа интимна врска со медиумот е длабоко видлива во овие кадри. Тука нема студена дистанца на набљудувач – тука има блискост, имагинација, речиси семејна нежност кон еден рид. „Маркукуле – живо“ е изложба што од вас не бара многу – само да застанете и да гледате. А она со кое ќе ве награди на изглед е обично, а всушност ретко: потсетување дека убавината не е некаде другаде. Таа го менува лицето секој ден, токму пред нашиот прозорец, а сега и пред вашите очи – вели фотографот Драги Неделчевски, за изложбата на авторката.
Ивана Темелкоска (1989) е дипломиран филолог по руски јазик и книжевност, но веќе осум години професионално работи како графички дизајнер во агенција за дигитален маркетинг. Активно се занимава со визуелна уметност, а фотографијата е медиумот што во последните години доминира во нејзината работа. Со фотографија се занимава уште од детството, најпрво низ игра и љубопитност инспирирани од професијата и пасијата на нејзиниот татко. Со текот на времето, фотографијата за неа прераснува во начин на доживување на светот и обид барем за миг да се задржи она што постојано ни се лизга низ прсти. Низ објективот учи повнимателно да гледа, да биде присутна и да ја прифати минливоста како дел од убавината на животот. За неа, фотографијата е истовремено и чин на сведочење и пуштање на моментите да продолжат понатаму, со сознанието дека некаде сепак останале зачувани. Проектот „Маркукуле – живо“ започнува за време на пандемијата, во период кога погледот низ прозорецот беше еден од ретките допири со надворешниот свет и природата. Набљудувајќи го секојдневно истиот пејзаж, авторката ги бележи неговите постојани промени – светлината, атмосферата и особено облаците, кои се еден од главните визуелни мотиви во серијата.
Ка.М.

































