Издавачката куќа „Артконект“ неодамна ја објави збирката поезија „Низ прозорецот на една песна“ од една од најпознатите современи бугарски писателки, Кристин Димитрова.
Изборот го направи препејувачката Маја Лазаревска од вкупно девет книги на Кристин Димитрова. Ова е прва нејзина збирка поезија објавена на македонски јазик. Кристин Димитрова е авторка на 14 збирки поезија, два романа и три збирки раскази.
Носителка е на седум награди за поезија, четири за проза, како и три награди од Сојузот на преведувачите во Бугарија за особен придонес во преведувањето.
Оваа книга е објавена со поддршка од програмата „Креативна Европа“, Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Национален фонд „Култура“. Ова е една од нејзините песни во оваа збирка:

Молитвата на оној што патува

Би сакала, нужно е
неподвижна да легнам во твоето непце и да зборуваш низ мене.

Сакам ти лично да ги сошиваш нашите лица, нашите тела, а јас, пак, само да се обидувам.
Колку е тешко
да луташ без показателни знаци и со нескршливо чувство за одговорност.

Колку е тешко
да сфатиш отпосле,
дека имало знаци.