Книгата „Шепоти во бездната“ излезе во октомври 2024 година, а нејзиното објавување беше најавено и во весникот „Л дефине либере“, кој се објавува во Франција и во Женевскиот Регион во Швајцарија. Неколку недели пред книгата да биде достапна за поширок читачки аудиториум, темите за кои се пишува во книгата биле предмет на квалитетна дискусија на низа настани организирани во Швајцарија

За книгата „Шепоти во бездната“ на нашата млада авторка Мартина Додевска, за нејзините копнежи, стремежи, достигнувања и цели…

Француско-македонската авторка Мартина Додевска се враќа со ново издание на книгата „Шепоти во бездната“ (Whispers In The Abyss), претходно позната како „Гласови“ (The Voices). Оваа збирка на интроспективни приказни, чија промоција е најавена за пролет, ги истражува сложените теми поврзани со менталното здравје, идентитетот и со внатрешните борби.

Дијалог со емоциите преку „Шепотите“ на Марина

Мартина почнала да ги пишува приказните за „Шепоти во бездната“ на само 19 години. Сакајќи да ги зачува длабоките емоции, Мартина се поттикнала да создава приказни што ќе бидат светилник не само на патеката низ нејзиниот живот туку и светлина фрлена кон многу темни петна и предизвици во животите на луѓето. Со текот на времето и стекнатото искуство, таа добила впечаток дека во некои нејзини приказни таа останала недоискажана или, пак, можеби недоречена, за „шепотите да бидат погласни и да се чујат пошироко“..
– Ја напишав „The Voices“ за да ги зачувам моите приказни, но нешто недостигаше. Со времето сфатив дека ми треба подлабока анализа, размислување што тогаш не можев да го направам – изјавува нашата млада авторка со потекло од Куманово, Мартина Додевска.
Затоа, ова ново издание, збогатено со подлабока психолошка анализа, го поканува читателот да навлезе подлабоко во мачните искушенија и емоциите на ликовите.
Имено, „Шепоти во бездната“ истражува теми како што се осаменоста, идентитетот, самоприфаќањето… Авторката ја опишува книгата како средство за отворање дијалог за предизвиците на менталното здравје, тема што често е табу, но денес е повеќе од неопходна.
За издвојување е фактот што токму книгата на нашата млада авторка била почетна точка за развивање на многу плодни дискусии на настани организирани во Женева, Берн и во Базел.
– Тие средби ми покажаа колку овие теми резонираат со луѓето – објаснува Мартина.

Да се најдеме себеси во брзоменувачкиот свет

Според учесниците на гореспоменатите настани, „Шепотите“ на Мартина им биле побуда и стимул отворено да се проговори и квалитетно да се дискутира за сложени и често занемарени теми, како депресија, анксиозност или тешкотиите за наоѓање на себеси во брзоменувачкиот свет. Овие моменти на споделување длабоко ја инспирирале авторката да оди уште подалеку во своите размислувања.
– Патувањата и разговорите што ги имав со текот на времето ми отворија нови перспективи. Тие размени, било да се во Швајцарија или на друго место, ја хранеа еволуцијата на оваа книга – додава таа.
Примероци од книгата наскоро ќе бидат достапни во јавните библиотеки во Гренобл. Оваа иницијатива има цел да поттикне читање и разговори за темите обработени во книгата, особено за менталното здравје и интроспекцијата.
– Се надевам дека оваа книга ќе допре до уште повеќе луѓе и ќе помогне во отворањето важни дијалози – вели таа.

Академскиот пат на младата авторка… образование, наука, истражувања… страст и љубопитност

Мартина потекнува од Куманово. На 19-годишна возраст се преселила во Каен, каде што дипломирала психологија на Универзитетот „Каен“ во Нормандија. Студиите и истражувањата биле насочени кон клиничка психобиологија – научна дисциплина што ги проучува биолошките основи на менталните нарушувања.
– Сметав дека самото следење на студии не е доволно, така што освен што поминував време читајќи соодветна литература на одредени теми, моите познавања во овој домен ги зацврстував со следење предавања и сертификати од Универзитетот „Стенфорд“.
Годините поминати во Нормандија го претставуваат можеби најпредизвикувачкиот период од мојот досегашен живот. Поради моите студии поминував многу време во психолошки ординации и се соочував секојдневно со различни животни приказни. Бев премногу млада и неискусна во тој домен, ја немав целосно развиено способноста да ги гледам тие луѓе од психоаналитички спектар, но ги чувствував нивниот страв, бес, тага и безнадежност. Од тука, ден по ден, полека се создадоа низа приказни, кои ги чував некаде длабоко во моето портфолио – вели Додевска.
Трагајќи по подобри можности, животот ја навел да живее и да работи во градови како Париз, Лион, за да се пресели во Гренобл, кој се смета за француски научен и технолошки центар, а на Универзитет „Гренобл – Алпи“ продолжила со специјализирани мастер-студии за инженер по информатички науки.
– Мојот академски пат ме навлече да се вратам и да работам во психијатриска болница, но овој пат тоа беше од една многу поразлична перспектива, а тоа е информатика во здравството. Како и да е, психологијата отсекогаш за мене била многу повеќе од професија, односно страст и љубопитност за човечкиот ум, за она што ние како луѓе сме способни да го направиме и кои се нашите ограничувања. Средината во која работам ми овозможува секојдневно да бидам со луѓе што се соочуваат со полесни или потешки ментални болести, или тешкотии.
Ги набљудувам љубопитно нивните чекори, емоции, нивниот поглед. Колку повеќе поминував време проучувајќи ја суровата реалност на човековиот ум, толку повеќе ја препознавав стигмата кон ментално здравје што постои во нашите општества.
Оттука, бев инспирирана моите приказни да ги споделам со другите. Емоциите што ги носев во себе ги пренесов на лист хартија, која мислам дека моите први читатели длабоко ги почувствуваа. Во ноември 2021 година, излезе печатена верзија на мојата прва книга „The Voices“. Оваа книга, навидум мала, содржи десет кратки приказни. Некои од нив се во вид на проза или поезија. Секој човек со кој се разминуваме на улица носи некоја приказна – раскажува Мартина.

Средби со луѓе од различни делови на светот, резонанција со личности, карактери, умови…

Во изминатите три години таа посетила околу четириесет држави, а целта на овие патувања никогаш не била само да се посети убава дестинација туку авторката сакала да ги почувствува местото и луѓето, да најде резонанција со нивната личност и нивниот ум.
Како резултат на различни дискусии, мисли и споделени искуства на овие патувања, произлезена е нејзината втора книга „Крвавење на хартија“ (Bleeding on Paper).
– Она што ми остави најголем впечаток од средбите со луѓе од различни делови на светот беше тоа што многумина од нив се соочуваа со истите предизвици за кои зборуваат ликовите во мојата прва книга, „The Voices“. Некои од нив дури подоцна ја имаа и прочитано книгата и имаа успеано да се пронајдат во одредени делови од приказните. Приказните им понудија утеха и чувство дека не се сами, дека постои некој што ги разбирa. Сепак, тие и понатаму не можеа целосно да разберат што им се случува или зошто токму тие се соочуваат со тие искуства. Во тој момент сфатив дека една уметничка психоанализа на ликовите би ги доближила приказните уште повеќе до читателите и би ја направила оваа книга целосна – вели Мартина.


За второто издание на книгата на Мартина Додевска, „Шепоти во бездната“

Ми недостигаше присуство на публика што ми значи, а тоа се читателите во Македонија

Зошто младата авторка Мартина Додевска одлучила да направи второ издание на книгата?
Имено, преименувано „Шепоти во бездната“ – второто издание на книгата е поделено во два дела: првиот ги задржа приказните од оригиналното издание, а вториот содржи кратка психолошка анализа на ликовите и нивните дејствија, со цел да се додаде нова перспектива и поголема длабочина на нивните искуства.
Книгата излезе во октомври 2024 година, а нејзиното објавување беше најавено и во весникот „Л дефине либере“, кој се објавува во Франција и во Женевскиот Регион во Швајцарија. Неколку недели пред книгата да биде достапна за поголема публика, темите за кои се пишува во „Шепоти во бездната“ биле дискутирани на културни настани организирани во Швајцарија. Настаните се одржале во Женева, Берн и во Базел.

– Иако второто издание беше успешно прифатено, сепак за мене недостигаше присуство на публика што ми значи, а тоа се читателите во Македонија. За мене, како автор, има длабоко емотивно значење мојата книга да биде достапна во мојата татковина. Приказните се родени од моето искуство и внатрешни борби, кои, иако се универзални, носат специфични нијанси на моето културно наследство и потекло. Сметам дека токму во таа култура, во тој контекст, постојат луѓе што можат да се идентификуваат на уште подлабоко ниво со темите и емоциите што ги обработувам. Tоа е мој начин да ѝ се оддолжам на заедницата од која потекнувам, да ги споделам моите приказни и, можеби, да им помогнам на оние што се борат со слични емоции и тешкотии. Сакам мојата книга да биде мост што ги поврзува луѓето од различни култури и заднини, но истовремено да допре до корените од каде што започна моето патување – вели Мартина.
„Нова Македонија“ ќе објави фељтон во неколку продолженија со делови од книгата „Шепоти во бездната“ избрани токму од младата авторка Мартина Додевска, преку кои читателите на нашиот весник ќе се запознаат со интересни ликови, нивни дејствија и психолошка анализа…