Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна сподели видеоклип генериран од вештачка интелигенција што ја прикажува неговата визија за иднината на Појасот Газа. Видеото од 33 секунди, кое Трамп го сподели на својата социјална мрежа Трут соушл, започнува со сцена од Газа во урнатини, на која се прикажани зборовите „Газа 2025“ напишани со зелено, а потоа „Што е следно?“ во црвена, бела и во сина боја

Појасот Газа во плановите на американскиот претседател Доналд Трамп

На својата социјална мрежи Трут соушл, претседателот на САД постави видеоклип на кој се гледаат високи облакодери и деца што гледаат нагоре додека од небото паѓаат банкноти од долари. Технолошкиот милијардер Илон Маск е прикажан како ужива во своето омилено јадење на плажата на новоизградената туристичка дестинација, а момче држи златен балон со ликот на Трамп на него. На влезот на еден новоизграден облакодер е поставен знакот „Трамп Газа“.
Се разбира дека на видеоклипот и Трамп е на забава, во добро расположение. И израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е прикажан на видеото, кој се одмора на лежалка покрај Трамп. Обајцата лидери уживаат во близината на базен, а во заднина се гледа облакодерот наречен „Трамп Газа“. Видеоклипот е опремен со песна (која оди во заднина) и текст: „Доналд доаѓа да те ослободи, носи светлина за сите, нема повеќе тунели, нема повеќе страв, Трамп Газа конечно е тука, Трамп Газа сјае, гоштевајте се и танцувајте, договорот е завршен“.
Американскиот претседател во неколку наврати во јавноста ги повикува САД да ја „преземат Газа“ во свои раце и да ја обноват на „американски начин“. Таа идеја беше силно отфрлена од арапскиот свет, кој во јавноста излезе со ставот дека тоа е етничко чистење. Р.С