„Чудни се понекогаш патиштата кои не поврзуваат со луѓето со кои делиме исти или слични ставови за клучните прашања од нашето битисување. Големиот пријател на нашиот весник Тони Менкиноски ни предложи да го погледнеме текстот на неговиот пријател за кој мисли дека може многу убаво да се вклопи во нашата концепција. Знаејќи ги ставовите на Менкиноски ја прифативме идејата и набргу го добивме текстот „Човекот, културата и влогот во сопствената култура“ од Александар Јорданоски. Веднаш по првото прочитување, следеше средба со авторот, со кого веднаш се најдовме на иста бранова должина и се договоривме за понатамошна соработка без некакви цврсти обврски во смисла на наметнување рокови или било какви содржински барања, туку едноставно да продолжи да пишува за областа која е негова специјалност, а која за жал не е многу присутна во нашите медиуми. Притоа имаше целосна слобода, преку своите видувања на темите поврзани со културното наследство да ги изнесе своите ставови за она што мисли дека треба да се потенцира“.
Со овие зборови доскорешниот главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“, Марјан Велевски, го започна своето кажување на денешната поромоција во Музејот на македонската борба за државност и самостојност на збирката текстови „Човекот, културата и влогот во сопствената култура“ од м-р Александар Јорданоски.
Станува збор за одбрани дваесетина текста што изминативе две години Јорданоски ги објавуваше на страниците на „Нова Македонија“ како негово видување на состојбите во нашето секојдневие, со фокус на културата, поточно, културното наследство, што е негова потесна специјалност.
Или, како што убаво вели самиот Јорданоски, му било овозможено да ги изрази своите ставови кон главните културолошки столбoви за Македонија, видени преку очите на културното наследство.
Промотори на монографијата беа уште проф. д-р Никола Минов и проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, а наратор на пригодниот воведен текст беше актерот Роберт Вељановски.
П.Р.