Според францускиот претседател, Трамп и Макрон постигнаа напредок за мировниот договор со Русија. За светските медиуми, средбата била „далеку од успешна за Макрон“. Реномирани медиуми опишуваат дека францускиот претседател не добил ништо конкретно од својот домаќин: само пријатно гостопримство што се потпира на нивниот личен, заемен пријателски однос
Одгласи од средбата помеѓу Доналд Трамп и Емануел Макрон во Вашингтон
Разногласие меѓу изјавите на Макрон и одгласите во медиумите што пренесоа за средбата во Вашингтон меѓу претседателот на САД, Трамп, и неговиот контрапункт од Франција, Емануел Макрон.
– Постигнат е одреден напредок, „скицирајќи го патот кон мировниот договор со Русија“ – истакна францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со американскиот лидер Доналд Трамп во Вашингтон, чија главна тема беше ситуацијата во Украина по почнувањето на руско-американските мировни преговори.
Наспроти изјавата на Макрон, светските медиуми известуваат нешто сосема спротивно, имено дека францускиот претседател „не добил ништо конкретно од неговиот домаќин освен пријатности што го потврдуваат нивниот личен пријателски однос“.
Посетата барем внесе надеж за одржување на трансатлантските односи
Додека францускиот претседател се залага за цврсти безбедносни гаранции за поддршка на каков било мировен договор меѓу Киев и Москва, Трамп вели дека на Европа „нема да ѝ треба голема поддршка“ за Украина.
За време на првиот мандат на Трамп, многу се пишуваше за односот меѓу двајцата претседатели и за критиките на Макрон за американскиот претседател во однос на климатските промени и трговијата. Но односот на Трамп кон Русија е сосема поинаков предизвик бидејќи Европа се соочува со реалноста дека американската администрација би можела да се „одвои“ политички од Стариот Континент.
Во понеделникот Макрон успеа да ги пренесе предупредувањата на Европа до рускиот претседател Владимир Путин и да ја изрази својата целосна поддршка за Украина без да го навреди Трамп. Се смета и оти посетата на Вашингтон може дури и да влее некаква надеж дека трансатлантските односи остануваат „со малку живот во нив“, при што Трамп рече дека НАТО е „добра работа ако се користи правилно“. Кога ќе се слегне прашината од патувањето на Макрон во Вашингтон, по што утре следува посетата на британскиот премиер Кир Стармер, ќе има само еден мерило за успех – што постигнаа тие за Украина. Засега, одговорот на тоа прашање не е јасен.
Скицирање на мировниот договор за Украина
Според францускиот претседател, „Трамп и Макрон постигнаа напредок, скицирајќи го патот кон мировниот договор со Русија, кој ќе вклучува силни безбедносни гаранции во форма на европски трупи распоредени во Украина, при што американските вооружени сили дејствуваат како одвраќање“.
Но неизвесно е во која мера би биле вклучени САД. Во интервјуто за „Фокс њуз“ по нивниот состанок, Макрон рече дека Трамп „јасно зборувал“ за американската поддршка. Но, претходно, Трамп звучеше значително помалку посветен на таквата можност, зборувајќи нејасно за „некаква поддршка“.
За Макрон, клучот кон американските безбедносни гаранции за Украина е Вашингтон да има интерес во ситуацијата, односно да ги внесе барањата на Трамп за договор за украинските ретки минерали.
– Прво треба да имаме примирје… и за тоа време, можеме да преговараме за безбедносни гаранции, а САД ќе склучат договор за минералите, што е еден од најдобрите начини САД да се обврзат – рече Макрон за „Фокс њуз“. Р.С.
Односот Трамп – Макрон под лупа
Пријателството не донесе премостување на политичкиот јаз
Се шегуваа, се држеа за раце, се гушкаа – но не се согласија околу Украина. Пријателскиот однос помеѓу францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот лидер Доналд Трамп повторно беше видлив при нивната средба во Белата куќа во понеделникот, при што двајцата лидери се потсетија на видувањето при повторното отворање на Богородичната црква во Париз и заедничките вечери во Ајфеловата кула. Гостинот од Франција го опсипуваше Трамп со комплименти, додека американскиот претседател ја поздрави нивната „многу посебна врска“. И поранешниот француски амбасадор во САД, Жерар Ао, кој беше критички настроен кон Макрон, рече дека францускиот претседател „ги потврдил неговите добри односи со Трамп“.
Но, пријатностите едвај да донесоа придвижување во јазот помеѓу американскиот претседател и неговиот француски колега, наведува реномираниот медиум „Политико“. Имајќи го предвид моменталниот однос на силите на светската политичка сцена во однос на решавањето на украинската криза, но и пошироко, споменатиот неделник го оцени патувањето на Макрон преку Атлантикот како „невозможна мисија“. Р.С.