Совети од експерти за здравствена превенција и заштита во време на полн ек на настинка и грип
Наредните седум дена, според прогнозите на метеоролозите, регионов, вклучувајќи ја и Македонија, ќе го зафати потопол бран, времето ќе биде со повисоки дневни температури, а до крајот на неделата дневните температури ќе бидат значително над просекот во последната седмица од јануари и почетокот на февруари. Се очекуваат и „пролетни температури до 19 степени“. Токму такви се временските состојби што се „идеални за сезонски настинки и грип“. Имено, и во амбулантите и во болниците низ целата држава потврдуваат дека сезоната на настинки и грип е во полн ек.
Силниот имунолошки систем е важен во текот на целата година, тој станува уште поважен во текот на овој период. А кога нѐ совладаат заморот, покачената телесна температура, треската и болките во грлото ќе, кај нас сосема природно е најпрвин да не се побара лекарска помош веднаш. Поради некаква „традиција“ и знаејќи дека овие симптоми можеби многу скоро „ќе исчезнат спонтано во рок од неколку дена (со одмор)“, ние почнуваме сами да се лекуваме дома. Меѓутоа, ако симптомите не исчезнат и перзистираат во форма на „постојано присутна покачена телесна температура, кашлица, назален исцедок или назална конгестија“, тоа е сигурен знак дека е неопходно јавување кај матичниот лекар.
Но, со оглед на тоа што деновиве амбулантите и болниците се преполни поради зголемениот број на настинки, некои прелиминарни чекори навистина може правилно да ги преземеме и претходно, за да може да се искористи „времето на чекање“ за поспокојно и без стрес да се помине времето додека точно се констатира што ни се случува. На тој начин и поподготвени ќе одиме кај матичниот лекар, бидејќи тој многу побрзо ќе дијагностицира што за всушност станува збор доколку му ги понудиме информациите што претходно сме ги констатирале со нашите преземени прелиминарни мерки и активности. (Тоа никако не подразбира на своја рака да се земаат антибиотици!!!)
Бактериска или вирусна инфекција?!
Со помош на едноставна опсервација на секретот од нос или грло, можеме со извесна доза на сигурност да видиме дали страдаме од вирусна или бактериска инфекција. Без стрес, смирено, врз основа на едноставни опсервации, ќе дознаеме дали сепак инстантно треба да посетиме лекар за да пропише соодветна терапија. Се разбира дека секогаш треба да се има на ум дека помошта од лекар е незаменлива, бидејќи постојат одредени респираторни заболувања за кои се применуваат посебни дијагностички протоколи, а се прават различни тестови во различни фази на болеста. Но ова се сугестии за да не се паничи, за да не дојде до предимензионирана реакција кај пациентот и некритичко однесување, што подоцна ги полни чекалниците со „вообразени болни“.
1. ПРОМЕНА НА БОЈАТА НА СЕКРЕТОТ
Течење на носот и акумулација на секрет за време на настинка се резултат на одбраната на телото од вируси или бактерии. Бојата и густината на секретот, а понекогаш и неговиот мирис, може да бидат показател за сериозноста на инфекцијата што го нападнала телото. Според тоа, добро е да се знае дека нормалната боја на назалниот исцедок е проѕирна. Кога станува бело, тоа може да укаже на воспаление или почеток на инфекција. Жолтата промена на бојата обично е знак на вирусна инфекција, додека зелената често укажува на бактериска инфекција, но може да се појави и кога телото развива силен имунолошки одговор на агресивните вирусни патогени. Розова или црвеникава нијанса на слузта значи дека има крв. Тоа често се случува кога носните ткива се иритирани, суви или оштетени – на пример, по прекумерно дување на носот или изложување на сув воздух.
2. БАКТЕРИСКА ИНФЕКЦИЈА
Кога причината за проблемот се бактериите, високите вредности на CRP, вкупниот број на леукоцити и неутрофилите (кои се поттип на леукоцити) се знак дека еден од овие бактериски микроорганизми го предизвикува проблемот. Бактериските инфекции може лесно да се докажат со брисеви од нос и грло. Вообичаената процедура вклучува сеење на материјалот на соодветни подлоги, а потоа следење кои соеви на бактерии ќе се развијат.
3. ВИРУСНА ИНФЕКЦИЈА
Во случај на вирусна инфекција, вредностите на CRP (C-реактивен протеин) може да се утврдат со тест на крвта. Вредностите на овој параметар во случај некој од вирусите да го нападне телото може да бидат во рамките на референтните вредности, но може да бидат и малку покачени.
Природни лекови што
имаат висок потенцијал за да ве одржат здрави
Додавањето одредена храна полна со витамини, минерали, антиоксиданти и биоактивни соединенија во вашата исхрана може природно да го зајакне имунолошкиот систем.
Експертите постојано спроведуваат истражувања за да откријат која храна навистина влијае на нашето здравје, а неколку намирници постојано се издвојуваат. Како дел од едно истражување, издвојуваме едно интересно од здравствениот експерт д-р Шем Синг. Во тоа истражување се издвоија ѓумбирот, агрумите, куркумата, а и лукот, како суперхрана.
Токму овие продукти не само што се достапни и лесно се вградуваат во секојдневните оброци туку нудат и извонредни здравствени придобивки. С.Р.
Суперхрана за суперодбрана од настинки и од грип
Истражувањето што го споменавме накратко е објавено во списанието „Сари лајв“, во кое се издвојува т.н. суперхрана за одлична одбрана од настинки и грип, па во продолжение и ви пренесуваме делови од него.
Цитруси (лимони, портокали, мандарини, цитрони…)
Агрумите со право се препознаваат по нивната висока содржина на витамин Ц, кој игра клучна улога во стимулирањето на производството на бели крвни зрнца за борба против инфекции. Цитрусните овошја исто така се преполни со антиоксиданти што го поддржуваат имунолошкиот систем, се борат со воспалението и му помагаат на телото да закрепне побрзо. Познати по својот лут вкус, агрумите вклучуваат портокал, лимон, лимета, грејпфрут и мандарина. Вклучувањето цитрусно овошје во исхраната е многу едноставно. Можете да додадете парчиња свежо овошје во салати, кашести сокови или вода за освежителен наплив на вкус и витамин Ц или да го користите сокот или кората за да ги подобрите преливите, маринадите и печивата.
Ѓумбир: Прославен по својот топол зачинет вкус, ѓумбирот го заокружува ова трио состојки за борба против грип. Ѓумбирот е нашироко познат по неговата способност да се бори против оксидативниот стрес и воспалението. Тој е особено ефикасен во ублажувањето на респираторните инфекции и симптомите на настинка. Додавањето ѓумбир во чаеви или кашести сокови обезбедува лесен и вкусен начин да ги искористите неговите здравствени придобивки.
Куркума: Со својата живописна златна боја и земјен вкус, овој зачин е главен во многу домаќинства што се грижат за здравјето. Популарноста на куркумата е сосема заслужена. Таа содржи куркумин, моќно соединение со антиинфламаторни и антиоксидантни својства што помага да се намали воспалението, кое инаку би можело да го ослаби имунолошкиот одговор. Куркумата има малку горчлив вкус со нота на пиперка и суптилна арома слична на сенф. Посипете го во супи, чорби и помфрит или измешајте го со топло млеко за да добиете „златно млеко“, омилен пијалак што го загрева срцето за борба против настинките.
Лук: Лукот со векови се користи и како храна и како лек во традиционалната медицина поради многубројните здравствени придобивки. Кога станува збор за ублажување на кашлицата, лукот ги има следниве својства:
• Антибактериски и антивирусни својства. Лукот содржи соединенија што имаат антибактериски и антивирусни својства, кои можат да помогнат во борбата против основните причини за кашлица.
• Зајакнување на имунолошкиот систем. Познато е дека лукот го зајакнува имунолошкиот систем, му помага на телото да се бори против инфекциите и ја намалува сериозноста на симптомите на кашлица.
• Експекторантни својства. Лукот може да дејствува како експекторант, помагајќи да се раствори и олабави слузта, што го олеснува исфрлањето.
Начинот на кој се обработува или приготвува лукот треба да биде со голема внимателност, бидејќи несоодветното приготвување може да ги промени/намали неговите здравствени придобивки. Имено, ензимот алиназа, кој го претвора алицинот во алицин, работи само под одредени услови. Може да се деактивира и со топлина. Една постара студија покажа дека само 60 секунди печење во микробранова или 45 минути во рерна може да ја инактивира алиназата. Сепак, забележано е дека дробењето лук и оставањето да отстои 10 минути пред готвењето може да помогне да се спречи губењето на неговите лековити својства. Истражувачите исто така изјавија дека губењето на здравствените придобивки поради готвењето може да се надомести со зголемување на количеството на лук што се користи.
Неколку начини да ги максимизирате здравствените придобивки од лукот:
• Искршете/здробете го или исечкајте го целиот лук пред да го јадете. Тоа ја зголемува содржината на алицин.
• Пред да готвите со издробен лук, оставете го да отстои 10 минути.
• Користете многу лук – повеќе од едно чешне по оброк, ако можете. С.Р.