Деновиве од печат излезе романот „Простување“ од реномираната македонска романсиерка Кица Колбе. Романот е објавен во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“.
Акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници, од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето се можни и на Балканот, ако не меѓу народите барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите. Приказната покажува дека и потомците на „прогонетите“ и потомците на „прогонителите“ остануваат и самите жртви на минатото сѐ додека не се одлучат да простат и да се помират. Како и сите претходни романи на Колбе и „Простување“ се одликува со универзални хуманистички вредности и со мошне оригинален стил и израз, проникнат со суптилен лиризам.
Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и во Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18 век. Неколку години работела на Катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1990-та се посветува целосно на прозата, особено на романот. Нејзини дела се: „Егејци“, „Снегот во Казабланка“, „Жените Гаврилови“, „Река во наследство“, „Витезот и Византијката“, „Земја на бегалци“… „Снегот во Казабланка“ е добитник на наградата Роман на годината за 2006, а „Жените Гаврилови“ во 2009 г. беше номиниран за наградата „Балканика“.
Кица Колбе последниве години е редовна колумнистка во „Дојче веле“.