ШАХ – АРКАДИЈ ДВОРКОВИЧ ЗА 2024 ГОДИНА
Како што се приближува крајот на 2024 година, го користиме овој момент за да размислиме за извонредната година за шахот и за Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Годинава не беше ништо помалку од исклучителна, исполнета со успеси и пресвртници, кои ќе ја обликуваат иднината на нашиот спорт, пишува ФИДЕ на својата интернет-страница.
– Од прославата на стогодишнината на ФИДЕ низ светот до домаќинството на турнирот на кандидати во Торонто, 45-та Шаховска олимпијада и конгресот на ФИДЕ во Будимпешта, како и мечот за Светски првак во Сингапур, 2024 година ги покажа моќта и глобалниот дострел на шахот. Продолживме со подобрување на гранприто за жени, отворивме нови патишта за шахот, со финалето на Светското корпоративно првенство во Њујорк и втората сезона на Глобалната лига во Лондон. И, дури, ФИДЕ постави Гинисов рекорд за најмногу одиграни шаховски партии за 24 часа, неверојатни 7.284.970 – вели претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович.
Сепак, за првиот човек на ФИДЕ, годината уште не е завршена.
– Додека одбројуваме до последните часови во 2024 година, со нетрпение го очекуваме Светското првенство во брз и во забрзан шах во Њујорк, соодветно финале на одличната година. За ФИДЕ ова беше година на славење и напредок. В година ќе има нова иницијатива, Година на социјалниот шах, за да се донесе шахот до различни заедници низ светот, што е продолжение на нашата мисија да го направиме шахот достапен за секого, на секое ниво. Ништо од ова не би било возможно без страста и посветеноста на глобалното шаховско семејство. Кога ја дочекуваме новата година, да ја пренесеме енергијата што го зближува светот преку универзалниот шаховски јазик. Ви посакуваме сѐ најдобро вам и на вашите најблиски за празничната сезона и прекрасна 2025 година – рече Дворкович. Г.И.