Хрватска: Ден на жалост по нападот во училиште во Загреб
Хрватската влада објавува мерки за зголемување на безбедноста во училиштата, а родителите упатуваат дополнителни барања, изразувајќи незадоволство додека Хрватска и регионот тагуваат по смртоносниот напад изведен во основно училиште во Загреб во петокот.
Во земјата завчера беше ден на жалост, откако во петокот во напад со нож во основното училиште „Пречко“ беше убиено седумгодишно дете, а уште тројца ученици и една наставничка беа ранети. Тие не се во животна опасност, според последните информации. Приведен е 19-годишник осомничен за нападот, чии мотиви сѐ уште не се познати. Тој исто така е повреден и е на болничко лекување по извршен оперативен зафат врз него. Познато е дека насилникот се школувал во основното училиште во кое го извршил нападот и оти се лекувал од психички проблеми.
Како одговор на трагедијата, сите училишта во Хрватска ќе се заклучуваат од почетокот на второто полугодие на учебната година, додека најавени се и други мерки за обезбедување на објектите.
– Исто така ќе има и технички подобрувања, во однос на видовите врати што ќе се користат во училиштата, како и во начинот на кој безбедносниот елемент ќе се зголеми на повисоко ниво. Она што е дополнително важно е тоа што едно место е обезбедено во систематизацијата на училиштата за луѓе што би се квалификувале со посебно знаење во врска со безбедноста – истакна хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Изминатиот викенд во загрепското училиште била одржана средба на родители со кризниот штаб на хрватското министерство за образование. Некои од родителите барале ангажирање чувари пред влезот на училиштето, посочувајќи дека очекуваат поконкретни чекори по наредните состаноци. Тие посочиле и дека на децата им е потребна стручна помош за психички да закрепнат по трагичниот инцидент. Меѓу родителите на учениците можеле да се слушнат и најави за организирање протести. Р.С.