ПО ПЕТ КОЛА НА „ОПЕН СКОПЈЕ 2024“
Кај шахистките, Манова е 54-та, Ефтовска 56-та, а Жежовска на 72-то место
Македонскиот 17-годишен ФИДЕ-мајстор (ФМ) Антон Златков (2.324, рангиран 17-ти пред почетокот на турнирот) ја забележа четвртата победа, во петтото коло на меѓународниот шаховски турнир „Опен Скопје 2024“ и е меѓу водечките 13 со по четири поени.
Од другите македонски претставници, добро котираат ИМ Никола Николовски (2.407, 11-ти), кој со 3,5 поени е на 22-то место, ФМ Љубомир Илиќ (2.076, 39-ти), кој беше неспарен и е 25-ти со три поени, и ФМ Андреј Велјаноски (2.304, 18-ти), кој е на 31-то место, исто така, со три поени. Победи забележаа трите македонски шахистки, ЖФМ Ивана Манова (2.059, 43-та), Леа Ефтовска (1.810, 89-та) и ЖФМ Моника Жежовска (1.981, 56-та). По пет кола, Манова е 54-та, Ефтовска е 56-та, двете со по 2,5 поени, а Жежовска е на 72-то место, со два.
На турнирот А играат 97 учесници (11 ВМ, три ЖВМ), од 16 земји. На турнирот Б (рејтинг до 2.000 поени) има 136 учесници (по еден ИМ и ЖФМ) од девет држави, а водат седуммина со по 4,5 поени, меѓу кои и тројца Македонци, Емруш Аслани (119.), Жарко Селковски (1.876, 18.) и Митко Давков (1.798, 34). На двата турнира ќе се играат по девет кола.
Некои резултати од петтото коло: ИМ Максим Шчекачихим (2.835, 14-ти) – ВМ Елтај Сафарли (2.610, прв) реми, ВМ Мартин Петров (2.548, втор) – ВМ Радослав Димитров (2.468, осми) реми, ИМ Мариус Фром (2.459, деветти) – ВМ Витали Бернадскиј (2.546, трет) реми, ВМ Денис Кадриќ (2.544, петти) – ФМ Зизис Тсанакис (2.262, 22.) реми, ВМ Момчил Петков (2.545, четврти) – ВМ Мејлис Анарбедијев (2.442, десетти) 1-0, ВМ Кирил Георгиев (2.537) – Димитриос Стоименидис (2.231, 27.) 1-0 итн. Г.И.