Фото: Маја Јаневска-Илиева

Имаме група од искусни ракометарки, а остатокот од тимот се состои од многу млади ракометарки и ова ЕП ќе биде од вистинска вредност за нив. Всушност, ни треба континуитет од играње на големите турнири за да станеме поискусни како тим што може да се користи за во иднина, вели за ЕХФ македонскиот селектор Кристијан Грчевски, пред денешниот меч со Шведска, во првото коло на ЕП 2024

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРКИ

Со денешниот натпревар со Шведска (20.30 часот), во групата А на 16. Европско првенство (ЕП) во Дебрецин (Унгарија), македонската женска репрезентација ќе го почне седмото учество на континенталните првенства. Шампионатот се игра во Унгарија, Швајцарија (во Базел) и во Австрија (Инсбрук и Виена). Во групата А денеска играат и Унгарија и Турција, од 18 часот. Ова е прво Европско првенство (ЕП) на кое ќе настапат 24 репрезентации (досега играа по 16). Титулата од ЕП 2022, кое се играше во Македонија, Црна Гора и во Словенија, ќе ја брани Норвешка, која е и најтрофејна, со девет злата. На ЕП 2024 ќе настапат и другите досегашни европски прваци, Данска (три титули), Франција, Унгарија и Црна Гора (сите по една).
– Нашата цел е веќе остварена со успешните квалификации, како една од најмладите селекции, и настапот на ЕП ќе биде клучна точка за нас, за стекнување драгоцено искуство за во иднина. Ќе се обидеме да се претставиме на најдобар можен начин. Имаме група од искусни ракометарки, а остатокот од тимот се состои од многу млади ракометарки и ова ЕП ќе биде од вистинска вредност за нив. Всушност, ни треба континуитет од играње на големите турнири за да станеме поискусни како тим што може да се користи за во иднина. Се надевам дека и арената ќе биде полна и дека нашите страсни македонски поддржувачи ќе бидат на трибините за да ни ја дадат поддршката што ни е потребна – вели македонскиот селектор Кристијан Грчевски, пренесе ЕХФ.
Македонија в сабота (20.30 ч.) ќе игра со Турција, а в понеделник (18 ч.). со Унгарија. Двете првопласирани селекции од секоја од шесте групи продолжуваат во втората групна фаза. Македонија со ривалите во групата одигра вкупно 18 меча, забележа шест победи и 12 порази.
– Имавме добри подготовки и одигравме неколку пријателски натпревари, на кои ги дознавме работите на кои треба да работиме, и во одбраната и во нападот, за да се подготвиме на најдобар можен начин за натпреварите на ЕП. Имаме целосен фокус на следните три натпревари. Мечот со Шведска ќе биде тежок, бидејќи знаеме колку е добра Шведска, но ќе се обидеме да приспособиме трпелив стил на игра, што мислам дека не им одговара, бидејќи тие сакаат да играат со брз стил на игра, но ќе дадеме сѐ од себе и ќе ги оставиме нашите срца на теренот, бидејќи не треба да го земаме здраво за готово играњето на Европското првенство. Верувам во мојот тим како капитенка – рече Сара Ристовска, пренесе ЕХФ.

Шведска 14. пат ќе настапи на ЕП, а досега освои по еден сребрен и бронзен медал. На ЕП 2022 Шведска беше петта. Македонките против Швеѓанките имаат биланс од две победи и девет порази. Победите се забележани дома во квалификациите за СП 1997 (23-19) и во квалификациите за ЕП 1998 (20-17). Шведска го покажа својот квалитет во квалификациите, со совршен резултат од шест победи и постигнати 38 гола по средба. Како петтопласирана од ЕП 2022 и четвртопласирана на Светското првенство (СП) во 2023 година и од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава, Шведска е фаворит за првото место во групата А. Според Европската ракометна федерација (ЕХФ), ова ќе биде меч на различни стилови на игра, оти Швеѓанките сакаат брз пристап во играта, а Македонките имаат тенденција трпеливо да ги надградуваат своите напади. Македонија и Шведска играа меѓу себе на ЕП во 2008 и во 2012 година, а Швеѓанките ги добија двата меча и немаат пораз од Македонките на 11 претходни средби. Македонија е една од селекциите што имаат најмлад состав на ЕП 2024, со само три ракометарки над 30 години.
Со Унгарија, која има едно злато и три бронзи од ЕП, Македонија еднаш одиграла меч, во 2006 година, загубувајќи со 22-30. Унгарија е дел од секое досегашно ЕП. Како кодомаќин играше и на ЕХФ-купот годинава и беше втора, зад актуелниот европски и олимписки шампион Норвешка, а на ЕП 2022 беше 11-та. Турција, која е дебитант на ЕП, со Македонија шест пати се сретнала во квалификациски мечеви. Македонките имаат четири победи и два пораза. Победи се остварени во квалификациите за СП 2003 (37-31), СП 2005 (37-29), СП 2019 (30-23) и во квалификациите за ЕП 2012 (26-24)…
– Моите очекувања се дека ќе одиграме одличен натпревар, кој ќе покаже дека можеме да играме против секого и против таков силен противник како што е Шведска, за која знаеме дека е една од најдобрите репрезентации во денешниот ракомет и која игра одлично. Имаме цел да играме добро на секој натпревар, да го покажеме најдоброто од нашиот тим и најдоброто што можеме да го одиграме. Исто така, сакаме да победиме на некои натпревари. Моето назначување од ЕХФ како една од младите ракометарки што треба да ги гледаат на ЕП 2024, навистина ме прави почестена и среќна сум што мислат така за мене. Се надевам дека можам да докажам дека тоа е вистина – вели десниот бек Ива Младеновска, пренесе ЕХФ.

Сите кодомаќини на ЕП своите први мечеви на ЕП 2024 ги играат денеска. Во групата Ц во Базел, четири многу различни селекции ги почнуваат своите дуели. Актуелниот светски првак Франција игра со Полска, која има стабилна нагорна траекторија во текот на претходните години, а Португалија го почнува своето второ учество на големо првенство, и тоа против силната Шпанија. Австрија во групата Е игра со Словачка, која е кодомаќин на следното ЕП. Вториот дуел од оваа група го игра бранителот на титулата Норвешка со Словенија, при што и двете селекции играат со состави што многу се променија од нивната претходна средба, на ЛОИ 2024. Г.И.


Бројки, факти, рекорди…

  • Првпат ЕП за ракометарки ќе се игра со 24 селекции.
  • Еден од трите кодомаќини на ЕП 2024 е поранешен европски шампион, Унгарија (2000), а Австрија ја освои бронзата (1996).
  • Норвешката голманка Катрин Лунде е единствената во машка и во женска конкуренција со шест европски трофеи.
  • Норвежанката Нора Мерк е единствена трикратен најдобар стрелец на ЕП (во 2016 година со 53 гола, во 2020-та со 52 и во 2022 година со 50 погодоци. Таа е петкратна шампионка на ЕП, исто како и шест други Норвежанки.
  • Само Гро Хамерсенг (Норвешка) двапати беше избрана за најдобра ракометарка (МВП) на ЕП, во 2006 и во 2008 година.
  • Само Изабел Гулден од Шведска беше најефикасната на ЕП и избрана за МВП во 2014 година.
  • Карин Мортенсен е единствена голманка избрана за МВП на ЕП во 2002 година, кога освои златото со Данска.
  • Една тренерка беше шампион на ЕП со машка и со женска репрезентација: Улрих Вилбек, со Данките во 1994 и во 1996 година и со Данците во 2008 и во 2012 година.
  • Една ракометарка на годината во светот (ИХФ) ќе биде на теренот на ЕП 2024: Хени Рајстад (Норвешка, избрана во 2023-та).

ДВОЈКИ, ПРВО КОЛО

Група А
Унгарија – Турција 18 ч.
Шведска – Македонија 20.30 ч.
Група Б
Романија – Чешка утре, 18 ч.
Црна Гора – Србија утре, 20.30 ч.
Група Ц
Шпанија – Португалија 18 ч.
Франција – Полска 20.30 ч.
Група Д
Швајцарија – Фарски О. утре, 18 ч.
Данска – Хрватска утре, 20.30 ч.
Група Е
Австрија – Словачка 18 ч.
Норвешка – Словенија 20.30 ч.
Група Ф
Германија – Украина утре, 18 ч.
Холандија – Исланд утре, 20.30 ч.