Здружението за промоција на документаристика „Македокс“ продолжува со серијата проекции распоредени во четири блока во рамките на програмскиот сегмент „Зимски Македокс“. Вториот блок од серијата проекции се одржа вчера во културниот центар „Јадро“, каде што беше прикажан документарниот филм „Насмеаната Грузија“ (Грузија, Германија / 2023 / 62 мин.) на режисерот Лука Бераѕе.
Која е цената на полувистините на политичарите? Во 2012 година грузискиот претседател сакал да ја насмее нацијата. Во трката за нов избор, владејачката партија ветувала субвенционирана грижа за забите за најсиромашните во земјата. Низ цела земја државните лекари почнале да вадат расипани заби, ветувајќи дека ќе ги заменат во месеците што следуваат – а потоа претседателот изгубил. Низ интервјуа со оние што најмногу биле погодени од кампањата гледаме приказна за каприците на политичката моќ и пркосот на оние што обично ја имаат најмалку – филм на кој му недостигаат заби, но кој е далеку од беззаб.