фото: Влада

Не знам дали е можно да се направи некаков исчекор, во евроинтеграциите до крајот на годината, но знам дека ќе сториме сѐ што е во наша моќ да се обидеме нашето прашање да го претставиме онака како што е, пред сите светски авторитети. Уставни измени сигурно не планираме, вели премиерот Христијан Мицкоски.

– Тоа сигурно не се планира. Не знам дали е можно да се направи некаков исчекор, но знам дека ќе сториме се што е во наша моќ да се обидеме нашето прашање да го претставиме онака како што е, пред сите светски авторитети. И тоа го направивме во изминатиот период. Дали ќе има некаков напредок – не знам, дали ќе има промена на нашата позиција – нема да има. Затоа што нашата позиција се темели на принципи и аргументи и тоа сме го кажале барем досега стотина пати. Доколку има волја има и начин. Тоа не зависи само од нас. За танцување треба двајца, некогаш можеби и повеќе, но во случајов треба да имаме некој соговорник кој што ќе сака да разговара. Ние сме подготвени, секаде ја претставуваме нашата позиција и ќе продолжиме да ја претставуваме и спротивни аргументи не сме слушнале на нашите аргументи. Веќе нема аргумент -тоа е тоа, земете или оставете, тоа веќе не е, сега имаме поинаква позиција. Сега позицијата е дајте да најдеме решение. Дали ќе постигнеме напредок за месец – два, шест месеци не знам, дали ќе дадеме се од себе- ќе дадеме – рече Мицкоски на новинарско прашање колку се реални очекувањата за некакво придвижување на евроинтеграциите до крајот на годината, поради актуелните случувања во Бугарија со неуспехот за избор на претседател на Парламентот или се планираат уставните измени.

Тој најави дека во декември два пати ќе престојува во Брисел, каде ќе може повторно да разговара за нашето прашање поврзано со деблокада на евроинтеграциите.

– На почетоткот од декември ќе има билатерален тет а тет разговор со Кошта, по што ќе учествува со него на вечера со другите лидери од Западен Балкан. На крајот на декември има самит ЕУ – Западен Балкан на кој ќе присуствуваат канцеларот Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и други авторитети од ЕУ. И ќе се бориме, нема да седиме со скрстени раце или со бело знаме да мавтаме, како што беше до сега. Ќе се бориме и битно е да победуваме, и мислам дека од поразите што ги нижевме изминативе седум годии постепено полека излегуваме од таа летаргија и почнуваме да победуваме, малку ситно, но победуваме, тоа е нашиот план, таа е нашата агенда – рече Мицкоски по присуството на поставување камен темелник за надградба на ООУ Ацо Шопов во населба Радишани, Општина Бутел.