Кога јодот ќе стане нов лубрикант

Ноември е поезија. Златножолти стихови му пркосат на бетонското сивило, кое се претопува како емотивна проза врз лицата на луѓето. Ветрот ја крева нервозата исфрлена од нашите фрустрации. Дождот е тага во потрага по својата поубава половина, радоста, се надева дека ќе станат едно во срцата на оние што се осамени во себичноста. Ноември е поезија, месец кога третина планета станува нацистичка, а повеќе од половина норидстанци запаѓаат во екологија. Ете ти сега! А што убаво почнав состав на тема „Го сакам ноември“, како третоодделенец со доза талент за поезија што ќе му го задушат издувните гасови на иднината, оти ќе се научи дека материјалното формално е подобро од духовноста на суштината. Ама не е до мене, Русите и традицијата се виновни за упадот на нацизмот и екологијата во ноемвриската поезија.
Факинг Руси! Секоја година иста приказна. Запнале со таа резолуција за забрана за глорификација на нацизмот, како да нема други теми за резолуции. И прогресивниот, ем цивилизиран Запад и неговите понизни обожаватели, кои се појат со западни вредности, гласаат против. Нам ни е гајле, медиуми не се ни занимаваат со тоа, секако има поинтересни занимации, како секс и реалполитика, но за идни генерации вонземјани што ќе стигнат на планетава и ќе копаат низ датотеки и мозочни фолдери на Земјани (доколку не се прегорени и празни), ќе заклучат дека оние битија што се доживувале себеси за цивилизирани, глорифицирале нацизам како форма на комуникација преку која посилните ги истребуваат послабите и ќе заклучат дека тоа е океј, па ќе нè истребат.
Уф, забегав! Патем, не ни проверив како гласале моите нордистанци на темава со која Русите го тупат. Воздржани или против, трето нема. Секако дека гласале свесно, никој не ги тера сосила, имаат избор… или сме против Русите или го поддржуваме Западот и никој на светот не може да ни го одземе правото на туѓо мислење што ќе го прикажеме како сопствено. Ако Русите бараат забрана за глорификација на нацизмот, ние или ќе се правиме наудрени дека такво нешто постои или ќе го глорифицираме за нивни инает.
Ама па и Русиве…. Изгледа креативноста на Достоевски, Толстој, Гогољ, Тургењев и да не набројувам сега, оти ги имаат премногу, ја насочија кон фабрики за оружје, па заглавија во луп со истата резолуција секоја факинг година. Јас да бев на нивно место ќе го реметев Западот секој месец со различен муабет. Резолуција против глорификација на детска порнографија. Или против третирање на жената како сексуална робинка. Па, нека се потат западњаците.
Ќе се потат, жими соработников, око нема да им трепне. Всушност, овие резолуции само покажуваат на што се сведени кутрите Обединети нации. Личат на грда фирма пред стечај каде никој со никого не сака очи да си види, ама сепак се поделени во два табора за да можат пожестоко да се мразат. Штанцаат резолуции, си ги негираат или поддржуваат, потоа ги изгласуваат или отфрлаат, немаат никакво влијание, а светот си тера по зацртан пат што на крајот ќе го однесе по ѓаволите. Ете, Марко Рубио, кој ќе биде новиот државен секретар на САД назначен од Трамп, ни соопшти дека ќе донеле мир во светот преку сила. Насила, а? Баш интересно! За Палестина ми е јасно. Ќе им помогнат на Израелците да ги однесат Палестинците во вечен мир. Ама со Русија што правиме? Познато е дека Русите се палат на туѓа сила, ама ептен оргазмично се возбудуваат. Да не биде после, а бе како Белата куќа стана руска зимска резиденција? Не, е? Океј, САД се најмоќна воена светска сила. Ако е така, терајте со тој памет, кога јодот ќе стане нов лубрикант, само кажете love is love и ќе помине.

Знам, претерав со муабетот, од нацизам стигнав до лубриканти. Како што една третина планета во ноември станува пронацистичка, така кај повеќе од половина нордистанци се буди екологистот по традиција. Во ноември традиционално е да се лелека за воздухот, „у ПМ-честички“, греење со дрва, пелети и гуми… за џвакање на истата тема секоја факинг година. Добро сега, половина од овие што лелекаат дека мора да се забрани греење на дрва бидејќи тоа најмногу загадува, месец и пол подоцна, ако им промрчиш зошто на секој чекор палат огнови, ќе те истепаат, оти тоа нели било вековна традиција, а воздухот се знае… власта е виновна затоа што пали медицински отпад увезен од Европската Унија, ама па таа загаденост беше во ноември бе, глуп, а сега сме јануари и кај беше за Нова година, а брат?
Секако дека властите палат разноразни увезени европски „вредности“, ама зошто тоа го прават само во ноември, побогу? Млада новинарка убаво им пиша на загрижениве. Никаде ги немаше на иста тема летоска за да им земе изјава, оти и тогаш беше загадено, ама па мораше да се прават селфија од краците. Како роден под велешка топлиница, мене ич трето око не ми трепнува на темава. Тогаш ни социјални мрежи немаше, но и да ги имаше, сите ќе рецитираа соцреалистичка еротска поезија за врелите печки и високо дигнатите оџаци.
Нордистан секогаш знае да ме просветли со дузина чудни збиднувања, па си размислувам, ех, навреме да ги направевме уставните измени, ќе бевме до гуша во пристапни преговори и Пендиков немаше да треба да се ака до Софија, па сега ние тука, а не Бугарите таму, ќе го бркавме Џон Малкович како српскохрватски масон од даските што живот значат. Додуша ние имаме историја на забранување претстави, филмови и телевизиски серии, па и насилни шарени упади во театри, ама сега ќе беше некако поцивилизирано, европски. А да, оној Таравари е во право, ама скромен е. Не само што при секое археолошко ископување мора да има и археолог од албанска етничка припадност туку да се донесе закон дека до секој пронајден скелет од антика мора да се ископа и еден скелет на антички Албанец. А кога сме кај Индијана Џонс муабети, многу се радувам што ископуваме грчка историја. Од Нивици наваму ние сме вредните аргати што копаат хеленска култура врз која, нели, се издигна европската цивилизација, чии вредности се зрели плодови посадени со Лисабонската декларација, а созреани со Преспанскиот договор како кулминација на глорификацијата на нацистичката идеологија што е европска вредност која демократски, насила, ништи цели народи за да одземе од нив сè што им припаѓа. Туку ме јаде една цинична јанѕа. Што ако се најде некој духовит мангуп во Кремљ, па да поднесе во ОН резолуција против глорификација на нацистички изблици во Преспанскиот договор, ќе гласа ли Нордистан против резолуцијата?