Недела наутро на 27 октомври, во 3 часот по полноќ, почнува зимското сметање на времето, при што стрелките на часовникот се поместуваат еден час наназад. Со ова, луѓето „добиваат“ 60 минути повеќе за спиење, но и порано ќе се стемнува во вечерните часови поради приближувањето на зимската краткоденица.
Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.
Сезонското менување на времето, освен во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.
Идејата за воведување зимско и летно сметање на времето се појавила во 18 век, но е спроведена многу подоцна. Тоа прв го предложил американскиот државник и научник Бенџамин Френклин во 1784 година. Во своето писмо објавено во „Журнал де Париз“, тој предложил „да се сочуваат свеќите навечер и луѓето да се разбудат порано наутро“, кога веќе е дење. Неговата замисла тогаш била сфатена како шега.
Концептот на зимско – летно сметање на времето е ставен на посериозна јавна дискусија во 1907 година. Англичанецот Вилијам Вилет – инаку градежник, објавил памфлет со наслов „Трошењето на дневната светлина“ во којшто се залага за усвојување на летно сметање на времето, за максимално искористување на Сончевата светлина и помала потрошувачката на енергија.