Премиерот Христијан Мицкоски во соработка со Меѓународниот републикански институт – ИРИ, како дел од проектот за дијалог помеѓу Владата и граѓанскиот сектор одржал средба со повеќе невладини организации посветена на образованието и младинското учество.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски посочил дека образованието е столб на општеството и затоа е поставено високо меѓу владините приоритети.
-Без квалитетно образование, нема ниту квалитетни доктори, наставници, економисти и така натаму. Одлучни сме да направиме крупни промени и го повикувам граѓанскиот сектор активно да учествува во креирањето и спроведувањето. Заедничка обврска е да создадеме подобри услови за едукација на младите, а со тоа и подобра иднина во сопствената земја – порачал премиерот Мицкоски до младинските организации.
Мицкоски, се наведува во соопштението, со жалење констатирал дека образованието во минатото ни е значително опаднато.
-Секоја идеја е добредојдена и затоа ги организираме овие тематски дискусии со граѓанскиот сектор – рекол Мицкоски.
Тој додал дека Владата работи транспарентно и создава услови за граѓанските организации уште поактивно да учествуваат во развојот на државата.
Повикал да поддржат процес и заеднички да биде креирана стратегија за развој на државата, со временска рамка која ќе биде доволно голема, за како што рекол, да можеме да трасираме пат и да оствариме резултати на тој пат по кој ќе одлучиме да се движиме.
За време на дебатата, дел од младинските организации изнеле свои предлози за мерки, проекти и системски решенија со кои, како што рекле, ќе се задржат младите во својата земја и тука ќе го градат и реализираат својот потенцијал.
Биле повикани, се посочува, и сите останати здруженија да достават свои иницијативи во одделението за соработка со граѓанскиот сектор при Владата, како и до надлежните министерства.
Обраќања имале и министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и министерот за локална самоуправа Златко Перински.
-Заеднички став е дека односите со граѓанскиот сектор се развиваат во добра насока и се очекува политиките кои се креираат преку меѓусебната соработка, да дадат позитивен исход – стои во соопштението.