Деветта уметност

Пишан израз на определена нарација бил ексклузивитет за жива изведба на „штиците што живот значат – театарот“. Така било сѐ до 19 век, кога се појавуваат весниците со колани и слики што се движат, па се „замрзнуваат“ и течат до конечниот завршеток на креативната замисла на авторот. Потоа се раѓаат нови медиуми. Тоа се филмот и стрипот. Филмот како седма, а стрипот подоцна официјализиран како деветта уметност. Сличноста помеѓу овие две уметности се совпаѓа токму преку раскошна палета од понуди и трајност на нивните вредности. И едниот и другиот уметнички израз се атракција за консументите, кои духовно пловат по океанот од прекрасни содржини и амбиентални убавини заедно со галерија волшебни ликови.
Хронолошкиот ред на сликите што се поврзани со дејствие замислено од авторот популарно се нарекува стрип. Пробивајќи си го упорно патот на уметничкиот пазар, тој се претвора во независен медиум поткрепен од вредности приспособен за сите возрасти. Неговата масовност се претвора во популарност, која претставува деликатес за душевна исполнетост, радост, очекувања, неизвесност и глад по нови авантури и бајковито смислени сценарија на инвентивни креатори.
Иако долго се сметало дека филмот е претежно наменет за возрасни, а стрипот за деца, во суштина станува збор за идентична понуда наменета за сите возрасти еднакво. Единствено што може да ги прави различни се динамиката на реализација и иновативните технички и технолошки можности во полза на филмот. Тие му овозможуваат анимација и звучност. Стрипот, пак, е како читање книга и гледање филм во исто време.
Денес се познати три школи на стрипот. Тоа се белгиско-француската, јапонската и американската. Тоа се жаришта во кои стрипот се претвори од уметност во индустрија. Сепак, со растежот и популарноста, со стрипот се занимаваат автори насекаде низ светот, па и кај нас. На стрип-вљубениците им се познати имињата на Љ. Филиповски (Мирко немирко, Осветникот од Деволските шуми и др.), Миле Топуз (Цар Самуил), Александар Сотировски со најновиот генерациски бран маин-стрим, Тхе Мичо, Делчо Михајлов, Живко Козар и многу други.
Белгиско-француската школа на стрипот негува уметност и живи бои. Нејзини стрип-херои се Таличниот Том, поручникот Блубери, Крцко и Балецки, Тин Тин, Спиру и Фантазио, Марсупилами, Штрумфови, Астерикс…
Јапонија може да се пофали месечно со над 350 стрип-магазини и 500 стрипа (хиперпродукција, како и во сите нејзини области).

Американската се потпирала на легендарната идеја за суперјунаци, кои и денес ја сочинуваат нејзината индустрија на стрипот (Марвел, ДС Комикс). Но тука се и Милтон Каниф со Стив Кењон, Алекс Рејмонд со Флеш Гордон, Френк Робинс со Џони Хазард, Рас Манинг со Тарзан и, секако, Канаѓанецот Хал Фостер со Принц Валијант. Ако на ова се додадат врвни автори од британскиот остров како Дон Лоренс со Триганското Царство и Карл викингот и двојката О’Донел – Холдевеј со Модести Блејз, тогаш впечатокот за англиското говорно подрачје е фасцинантен.
Но постојат стрипови и автори што од најразлични причини останале периферија, но со вистински вредности. Тие на оригинален начин и во сатирична форма успеваат да ја доловат системската поставеност на општеството и неговата извитопереност. Галериите на личности со препознатлив карактер и мрачниот амбиент на опачината сочинуваат целина, која го става читателот во состојба на размислување.
Бонели е еден од најпознатите стрип-издавачи од Италија. Но стрип-хероите како Загор, Текс Вилер, Дилан Дог, командантот Марк и Блек Карпата се наменети за помлади генерации и претставуваат полесна тематика. Сите тие се плод на измешани жанровски варијации за разлика од стриповите Алан Форд и групата ТНТ или Максмагнус од авторската двојка Магнус – Бункер, кои се сатира и огледало на општеството.
Алан Форд е урбан јунак – антихерој што заедно со групата ТНТ на „Бројот 1 “ третира мрачна реалност и опачина на граѓанските општества. За разлика од јавето со кое е окупирана Егумената, Максмагнус е појава што егзистира во едно далечно минато со многу белези карактеристични и за денешниве општествени појави, без разлика дали станува збор за монархии, парламентарни монархии, општества со демократски структури, диктатури и недоречени општествени уредувања. Човекот е далеку од совршено суштество, неговите обиди за организирано општество исто така.
Значи, овде станува збор за многу малку познатиот стрип за монархот и апсолутистот Максмагнус, кој како и Алан Форд, не беше прифатен на Запад. Кралот е наивен и не многу умен тип, но и итар до таа мера што без приговор се приспособува на методите на својот министер за финансии за ограбување на своите поданици. Неговиот послушник, министерот за финансии, е вистински маг за измислување нови и нови давачки. Зад неговата висока функција, всушност, се крие најголемиот арамија во кралството. Малку е да се каже дека е прагматичен бидејќи успешно се приспособува на потребите на мигот.

Па така, тој во дадени моменти е и на страната на народот, умее да ги штити интересите на монархот, но и на дворјаните, сѐ во зависност од амбицијата и потребите. Се разбира, доволно е умен да го сонува престолот, но и реалистичен и пристојно разумен да не го прави тоа по цена на сопствениот живот. Во галеријата на карактеристични ликови е и дебелата и алчна кралица, која нема ниту грам ум во главата, но нејзината интуитивност е единствената моќ што однапред ги открива сите зли намери на министерот. Се разбира, тука е и принцезата, која е грда и наивна и која никако да се омажи бидејќи на одбран начин таа нејзина желба ја задушува дворскиот волшебник со неговите магии. И тој игра на две страни. Втората е соседното царство. Тука е и вештерката гатачка Харпија, неопходен инструмент за подгревање на она што доаѓа; подобрена државна и финансиска состојба. Тоа го прави со помош на напитоци што ги прави од гуштери и гавранови крилја. Следен на листата е Големиот свештеник, претставник на клерот. Тој дејствува глобално, но и локално со помош на термалните езера, за чија лековитост наплаќа по десет златници од пациент, кој никогаш нема да се излекува. Но дали монархијата би била тоа што е и дали секој вид општествено уредување нема потреба од постоење на „државен непријател број еден“, кој се активира по налог на власта во моменти кога расте социјалната тензичност? Секако дека тука е арамијата Дрпниго, кој и не е свесен дека работи по инструкции на монархот советуван од министерот за финансии. Всушност, попусто си се замислува дека тој е арамијата број еден. И конечно, народот. За народот е многу кажано. Иако не го сака својот монарх, нема ниту сили ниту желба да го менува востановениот систем преку револуции бидејќи потоа сѐ е некако по старо.
Мислам дека е доволно за да се разбере функционирањето на монархијата во стрипот. По некојаси чудна и чудесна траекторија, но не и од наталожените маки на ограбените, таа пропаѓа, но постои и понатаму во некои други форми на општествени уредувања што носат белези на кралството Максмагнус. Се чини дека многу малку се менува во структурите на општествата без разлика на тоа со какво име се крстени. Веројатно сето тоа се должи на Максмагнус и на сличните како него.
Структуралниот ноар-стрип на Бункер и Магнус одамна го заслужил местото на пиедесталот на деветтата уметност. Тоа го знаат мошне добро вистинските почитувачи на „сликите што говорат“. По многу нешта потсетува на Орвел и неговата Животинска фарма.

Љубомир Јованоски