Тринаесеттата „Европска ноќ на литературата“ се одржа вчера во Бугарија со читање литературни дела во десет града. Настанот во Софија се одржа на неколку локации за читање (читателски гнезда) и во време од три и пол часа читаа актери, новинари, преведувачи, музичари, автори.
На настанот посветен на европската литература, Културно-информативниот центар на Македонија учествуваше со презентација на книгата „Исти очи“ од македонскиот писател Горјан Петревски, која во Бугарија излезе од печат годинава, како издание на издавачката куќа „Изида“. Посетителите на македонското читателско гнездо имаа можност да слушнат извадоци од книгата „Исти очи“ од актерот и режисер Ѓорѓи Георгиев-Антика и актерот Игор Дамјанов, кои ќе се погрижат и за забавната и возбудлива атмосфера.
Македонското читателско гнездо е дел од мрежата на блиски локации за читање, каде што ќе бидат претставени 19 книги од 19 земји. Извадоци од книгите се избираат од амбасадите и културните институти на европските земји, а публиката може да креира сопствена маршрута според своите лични преференции за европските јазици, писатели, читатели или локациите на кои се одржува настанот.
Авторите од чии книги ќе се читаат извадоци годинава се: Умберто Еко,, Божидар Манов, Софи Рајер, Колм Тоибин, Горјан Петревски, Анелиз Вербеке, Дагмар Лојполд, Жозе Родригеш душ Сантуш, Петер Хјог, Ана Волц, Горан Војнович, Костас Маврудис и Урсула Фосколу, Хуан Хозе Милјас и Хуан Луис Арзуага, Елеонор Катон, Павел Хуле, Викторија Амелина, Атила Бартиш, Мирженка Чехова и Етјен Барилие.
Тројца од нив – Божидар Манов, Дагмар Лојполд и Горјан Петревски – беа и лично на читањата.
„Ноќ на литературата“ е иницијатива на чешките центри низ светот и има цел да ги популаризира современата европска поезија и проза преку нестандардни читања на извадоци од преведени книги на нетипични и неочекувани места. Во Бугарија се одржува од 2012 година.