Израелскиот претседател Исак Херцог (лево) заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ при посетата на Србија / Фото: ЕПА

Израелскиот претседател Исак Херцог ја заврши својата историска посета на Албанија, по претходно успешно реализираната посета на Србија. Во двете посети беше акцентирано зајакнувањето на дипломатските, безбедносните и економските врски на Израел со балканските земји. Во тој контекст може да се извлечат две клучни искуства за Македонија: прво, дипломатската офанзива на една држава е суштинска за промовирање на сопствените ставови и убедувања и, второ, воспоставувањето билатерални односи на релација со Израел може да донесе квантен скок, особено во делот од инвестициите во стопанството, во повеќе сегменти (земјоделство, индустрија, туризам…) со иновативен пристап кон технологии и менаџирање со процесите…

Израелските лидери прават дипломатски напори за да воспостават меѓународни контакти

Израелските лидери се во дипломатска офанзива на Балканот. Свесни дека во светот се појавува сѐ поголемо незадоволство од израелската политика, вклучувајќи и во балканските држави, израелските лидери прават дипломатски напори за да воспостават меѓународни контакти и на Балканот, објаснувајќи ги својот став и план за Блискиот Исток, но наедно нудејќи и проекти за заедничка билатерална соработка, инвестиции и одржлив развој во повеќе области

Дипломатска офанзива на Израел кон Албанија

Израелскиот претседател Исак Херцог ја заврши својата историска посета на Албанија (по претходната посета на Србија). Во двете посети беше акцентирано зајакнувањето на дипломатските, безбедносните и економските врски на Израел со Балканот. На пример, посетата на Албанија, според експертите, беше исклучително важна во стратегијата на Израел за зајакнување на односите со муслиманските земји. Посетата, пак, на израелскиот претседател Херцог беше токму можност за дополнително зајакнување на тие односи.
Имено, растечкото влијание на Израел во регионот стана уште поочигледно на почетокот на овој месец кога турските безбедносни сили уапсија косовски државјанин обвинет за водење шпионска мрежа во Турција во име на израелското разузнавање. За време на посетата, една од централните точки беше најавата за отворање на албанската економска мисија во Ерусалим. Овој потег, кој беше дочекан со пофалби од израелските власти, ја зацврсти Албанија како една од ретките земји со мнозинско муслиманско население што отвори таква мисија во Ерусалим, што се смета за голем дипломатски успех за Израел.
За издвојување е дека односите на релацијата Албанија-Израел се во нагорна линија и тренд што беше истакнат со отворањето на израелската амбасада во Тирана во 2012 година, една година откако албанската влада го назначи првиот главен рабин во земјата Јоел Каплан. Во последните неколку години Албанија дополнително ја зајакна својата позиција како партнер на Израел, особено во економскиот и безбедносниот сектор. Албанија стана трет најголем снабдувач на мазут за Израел, по Русија и Бразил.

Дипломатска офанзива на Израел кон Србија

Израел исто така веќе извесно време гради силни односи со Србија. Белград знае за тесните односи на Израел со САД, а особено за израелското влијание на одлуките на Вашингтон, односно дека Израел и неговите лоби-групи во САД се гледаат како порта за директен пристап до Белата куќа, особено ако Доналд Трамп победи на изборите. Потезите на Србија кон Израел во 2020 година и сега во 2024 година го одразуваат тоа. Белград стана исклучително важен партнер на Израел во регионот, а меѓусебните економски и безбедносни интереси, вклучувајќи ја и трговијата со нафта и оружје, дополнително ја зајакнуваат оваа соработка.
Продажбата на оружје на Израел е инвестиција во политичко пријателство со Израел и, според тоа, со САД. На пример, за време на конфликтот во Газа во 2024 година, Србија му достави оружје во вредност од повеќе од 25 милиони долари на Израел. Српските разузнавачки агенции, наводно, купиле и софистицирано сајбер-оружје, познато како „пегазус“, од израелската групација НСО. Србија ги гледа односите со Израел како начин да ја зајакне својата позиција во меѓународната заедница, особено во контекст на нејзините напори за диверзификација на партнерствата, вклучувајќи ги и односите со Русија, Кина, ЕУ и со САД.

Дипломатијата како најсилно оружје во меѓународните односи

Јасно е дека воспоставувањето посилни односи со земји на Балканот, како што се Србија и Албанија, може да биде дел од напорите на Израел по прашањето за Палестина. Во последно време многу западни земји, особено во рамките на ЕУ, сѐ повеќе ја критикуваат политиката на Израел кон Палестинците, одржувањето пријателски односи со поединечни членки и кандидати за членство во ЕУ може да биде многу корисно. Како пример, на неодамнешното гласање на Советот на ОН за неопходноста од прекин на израелската окупација на палестинските територии, двете земји (Србија и Албанија) беа воздржани. Иако и Србија и Албанија историски ја поддржуваа палестинската борба, особено во периодот на неврзаните земји, нивните ставови постепено се менуваат. За потсетување, како основач на Движењето на неврзаните, СФР Југославија долго време беше цврсто со палестинските аспирации за држава, а овој став потоа беше пренесен во Србија како наследник на таа политика. Но, како што се менуваат геополитичките приоритети, националните интереси сега ги надминуваат овие историски врски.
Израел е одличен пример како низ различни облици на дипломатијата и висок интензитет на воспоставување релации во меѓународните односи, организирано ги промовира своите ставови за одредени прашања и на тој начин воспоставува сојузи што во меѓународните институции добиваат на тежина при клучни одлучувања во корист на Израел. Р.С.