Во организација на здружението „За Трпејца со љубов“ се одржа седмото издание на меѓународната уметничка колонија „Трпејца“. Годинава на колонијата учествуваа уметниците: Нина Тодоров и Владисав Богичевиќ од Ниш, Данчо Ордев од Скопје, Николаос Тамоутселис од Лерин и Наташа Попоска-Карче и Ѓоко Симјаноски од Охрид.
По традиција, тие твореа во просториите на подрачното основно училиште „Наум Охридски“, а се дружеа и со учениците од Пештани и од Трпејца, со месното население, но и со туристите.
Главна инспирација на уметниците во сликањето им беше околината на преубавата Трпејца, сместена меѓу синото езеро и планината Галичица.
Изминатите години на колонијата се изработени повеќе од сто уметнички дела во разни техники, од кои половината се во сопственост на организаторот, здружението „За Трпејца со љубов“.
Уметничката колонија е под покровителство на Општина Охрид.