Колкав е бројот на жртвите на руска, а колкав на украинска страна?
Постојат одредени податоци што може да послужат да се даде широка слика за можниот број на загинати во оружениот конфликт што трае повеќе од две и пол години, наспроти спротивставените информации што пристигнуваат од различни извори
Двете спротивставени страни Русија и Украина, како и голем број медиуми и организации, врз основа на истражувања од разни извори изнесуваат бројки за загинатите во руско-украинската војна, така што за ова прашање нема јавен консензус, поради значителните разлики во изнесените информации. Но, сепак, постојат одредени податоци што можат да послужат да се даде широка слика за можниот број на загинати во оружениот конфликт што трае повеќе од две и пол години, пренесува „Геополитика“.
Споделените информации значително се разликуваат
Познато е дека Москва не сака да објави какви било бројки во јавноста додека е во тек специјална воена операција, за да не се наруши националниот морал. Сепак, една личност од руските воени редови не одбегнуваше да зборува на оваа болна тема, а тоа е починатиот шеф на „Вагнер“, Евгениј Пригожин. Тој своевремено изјави дека над 20.000 војници на неговата организација биле убиени до 25 мај 2023 година, додека руската армија до крајот на јуни истата година загубила вкупно 120.000 војници во Украина.
Сепак, Киев смета дека оваа бројка е многукратно поголема. Така, според податоците на Генералштабот на вооружените сили на Украина на 1 септември, руските борбени загуби изнесуваат 616.300 војници. Во исто време, „Би-би-си“ и „Медиазона“ успеаја да ја документираат смртта на 68.011 руски војници и соработници заклучно со 6 септември.
Од друга страна, на 25 февруари, Володимир Зеленски „призна“ дека дотогаш 31.000 негови војници биле убиени во конфликтот. Во исто време, руската влада го ажурираше своето тврдење за загуби на украинската војска на 444.000 убиени и ранети.
Сепак, според проектот „УАЛ1осес“, кој проукраинските медиуми го сметаа за сигурен, смртта на 55.812 украински борци беше документирана до 21 август 2024 година. Конечно, постојат и тврдења на Јуриј Луценко, поранешен главен украински обвинител и член на опозициската партија Европска солидарност, кој во јануари годинава тврдеше дека околу 500.000 украински војници биле убиени или ранети, а околу 30.000 станувале жртви секој месец.
Размената на загинатите треба да се земе во обѕир
Сепак, треба да се погледнат и бројките кога станува збор за размената на загинати Руси и Украинци. Така, на почетокот на август беше организирана размена во близината на контролниот пункт Колотиловка во округот Краснојаруз, во Белгородската област. Во Украина се пренесени 250 тела, а во Русија се вратени 38 тела на загинати.
Последната пријавена размена пред тоа се случи на 14 јуни, кога Украинците добија 254 тела, а Русите 32. Замена на загинатите се случи и на 31 мај, кога 45 тела беа испратени во Русија, а 212 во Украина.
Ако ги собереме овие бројки, ќе дојдеме до фактот дека во овие последни договори Русите вратиле 115 загинати војници, а Украинците 716. Секако, логично е да се претпостави дека овие пропорции – барем приближно – исто така ја изразуваат состојбата на убиените на фронтот, според кои односот е еден наспрема шест. Р.С.