Изложбата на плакати на Лазе Трипков ќе биде отворена во Ликовниот салон во Велес, вечерва, во 19.30 часот. Изложбата на плакати под наслов „Визуелни рефлексии“ претставува дизајнирани графички дела – плакати, создадени во ковид-периодот, односно од 2020 до денес, кои допираат до разни теми и зборуваат за преокупациите и идејното размислување на уметникот.
– При дизајнирањето на плакатот, кој како медиум за јавно информирање во преден план ги става редот и функцијата, Трипков повеќе инсистира на ликовниот дел, наспроти текстот што треба да ја пренесе информацијата. Тој е исклучително плоден и успешен во овој медиум, во кој преку дизајнерскиот дискурс и нарацијата на секој изработен плакат со иновативен пристап, преку уметничко обликување на графичкиот дизајн на плакатите нѐ информира, толкува и пренесува пораки што допираат до разни теми, за што всушност е и намената на плакатот. Во плакатите формалните елементи на дизајнот, сликата, симболот и пишаниот збор се во непосредна визуелна комуникација, која станува еден од кодовите на новото време. Преку навидум едноставните цртежи воспоставува визуелен баланс во однос на ликовниот прилог и зоната на читање, интегрирани во композициската целина. Кај плакатите на Трипков текстот е секогаш составен елемент во дообјаснување на сликата, придонесувајќи кај гледачот околу толкувањето на уметничко-ликовната претстава, со што постигнува ефикасна визуелна комуникација со релевантната информација – се вели во најавата.
Трипков магистрирал на Академијата за ликовни уметности во Варшава и продолжил со постмагистерски студии по мултимедија и дизајн на Академијата за ликовни уметности во Лоѓ. Истражувал за симболите и иконографијата на Балканскиот Регион како докторанд на Фулбрајт. Неговите дела се прикажани на шест самостојни изложби и на над 75 групни изложби низ светот, со што му донесоа престижни награди, како што се наградата „златна пчела“ од Московското биенале за плакат и почесната награда од Чешката асоцијација за графички дизајн АУГ.