Фото: Илустрација/Архива

Вакцината беше одобрена во 2022 година кога беше прогласена здравствена вонредна состојба поради мпокс и во тоа време во голема мера помогна да се спречи ширењето на заразата. Кога ситуацијата неодамна стана алармантна, данскиот фармацевтски гигант му донираше 40.000 дози од својата вакцина наречена „имванекс“ на африканското јавно здравствено тело

Ширењето на мпокс е најновата здравствена криза за која светот се мобилизира за да ја задржи под контрола. Избивањето на нов сој на вирусот, со најголемиот дел од случаите во Демократска Република Конго, сега се прошири и во други делови на Африка. Исто така, забележан е и првиот европски случај во Шведска, што ја принуди Светската здравствена организација да прогласи глобална вонредна состојба. Мпокс, претходно наречен мајмунски сипаници, се покажа како смртоносен за стотици заразени, вклучувајќи и деца, иако најголемиот дел од случаите досега беа благи. Само компанијата „Баваријан нордик“ има вакцина против заразата.
Кога ситуацијата стана алармантна, данскиот фармацевтски гигант му донираше 40.000 дози од својата вакцина наречена „имванекс“ на африканското јавно здравствено тело. Регионалните политички организации како што е Европската комисија рекоа дека ќе донираат 215.000 дози вакцини од нивните резерви на африканските здравствени власти.
Вакцината беше одобрена во 2022 година кога беше прогласена здравствена вонредна состојба поради мпокс и во тоа време во голема мера помогна да се спречи ширењето на заразата. Сè уште има потреба од повеќе дози „имванекс“ за да ги заштитат оние што се најранливи на потенцијална инфекција со мпокс. Конго, каде што се регистрирани многу случаи, сè уште нема доволно вакцини.
„Баваријан нордик“, основана во 1994 година, е фармацевтска компанија со седиште во Копенхаген посветена на развивање вакцини, вклучувајќи и за мпокс, тифус и беснило. Тоа е единствената компанија што доби одобрение од Европската Унија, САД и од други земји за својата вакцина против мпокс. Таа почна да работи на својата вакцина против сипаници, слична на онаа што се користи за мпокс, уште во 2003 година со Владата на САД.
„Баваријан нордик“ беше клучна во развојот и снабдувањето со вакцини и за други здравствени кризи, како што е онаа предизвикана од еболата. На пример, во 2021 година компанијата доби голема нарачка од фармацевтските компании на „Џонсон и Џонсон“ во вредност од 28 милиони долари.

Од избувнувањето на вирусот мпокс пред две години, земјите и регионалните здравствени власти го зголемуваат своето снабдување со вакцини. ЕУ купи два милиона дози вакцини во тоа време, одобрени за употреба кај возрасни во случаи на сипаници и мајмунски сипаници, бидејќи двата вируса се тесно поврзани.
Прогласувањето на вонредна состојба на СЗО предизвика акциите на „Баваријан нордик“ да скокнат за над 40 отсто. Акциите на компанијата се зголемија за 51 отсто од почетокот на годината, со пазарна вредност од 3,28 милијарди долари. „Баваријан нордик“ е најновата од мноштвото дански фармацевтски компании што неодамна добија популарност. „Ново Нордиск“ забележа огромен раст во последните неколку години по популарноста на неговите лекови за слабеење и дијабетес, „вегови“ и „оземпик“. Во меѓувреме, „Зиланд Фарма“ се појави како уште еден конкурент на пазарот на лекови против дебелина.
Колективното влијание на данската фармацевтска индустрија резултираше со силен економски раст, дури и предизвикувајќи нејзиниот БДП да се менува заедно со резултатите на нејзините производители на лекови.
Како што кризата со мпокс продолжува да се развива, „Баваријан нордик“ рече дека го зголемува темпото со кое произведува вакцини за да го подобри пристапот. Понатаму им кажа на африканските здравствени власти дека може да понуди два милиона дози од лекот оваа година и 10 милиони дози до крајот на 2025 година, се вели во соопштението објавено од данската компанија.
„Баваријан нордик“ сега е во состојба да произведе милиони дози бидејќи подготви инвентар „за да обезбеди зголемен капацитет за потенцијални епидемии“, се вели во извештајот.
Компанијата исто така достави нови податоци за да побара одобрение од ЕУ за одобрување на употребата на „имванекс“ на адолесценти на возраст од 12 до 17 години, бидејќи неодамнешното зголемување на случаи влијаеше на помладата популација. Американската администрација за храна и лекови (ФДА) веќе одобри итно одобрување за употреба на вакцината кај адолесценти.
– Последните податоци што ги доставивме се навистина, навистина важни, бидејќи се надеваме дека ќе ја прошират употребата на нашата вакцина на адолесцентите – изјави извршниот директор на „Баваријан нордик“, Пол Чаплин, за „Си-ен-би-си“.
Африканските здравствени власти побараа 10 милиони дози на вакцини, кои ќе дојдат како комбинација на меѓународни донации и набавки од „Баваријан нордик“. Некои други производители на лекови би можеле да се вклучат преку обезбедување вакцини – на пример, „Имерџент биосолушнс“ со седиште во САД има вакцина против сипаници што се користи за лекување на мајмунски сипаници. Сепак, последната апликација сè уште не е одобрена од ФДА.
Од своја страна, данската компанија исто така планира да спроведе клинички испитувања за оние на возраст од две до 12 години за да ја тестира безбедноста на вакцината, оти мпокс ги погодува децата.
И покрај клучната улога на вакцината во спречувањето на ширењето на мпокс, Чаплин инсистира дека тоа не е „единственото решение“ за болеста.
– Меѓународната заедница треба да се здружи со „Баваријан нордик“ и навистина да изнајде начин за дистрибуција на вакцината и за сузбивање на ширењето на заразата – кажа Чаплин.


Многу е важно да се информира јавноста, да се запознаат нашите колеги лекари што стапуваат во прв контакт со пациентите за можноста од оваа болест кај оние што доаѓаат од овие погодени области. Добрата дијагноза е важна, а кога станува збор за лекување, со оглед на тоа дека се работи за вирус, таа е симптоматска. А симптомите најчесто се висока температура, на почетокот е мошне слична на грипот, болки во зглобовите, главоболка, а потоа многу брзо се развива исип сличен на сипаници…

Мајмунски сипаници

Пред две години веќе имавме приказна за мајмунски сипаници или мпокс. Меѓутоа, за разлика од тие сипаници, овие мајмунски сипаници се предизвикани од друг вирус, веќе присутни во 70-тите во Централна Африка, објасни Горанка Петровиќ, епидемиолог од Хрватска.
– Овој вирус е многу поблаг, има некои сличности со вирусот на сипаници, кој е искоренет. А причината зошто мпокс се појавува повеќе сега, е затоа што имунитетот што го имаме избледува, или со преболување од сипаници или со вакцинација – додаде таа.
Петровиќ објасни дека вакцината што се користи за спречување и сузбивање на оваа епидемија е развиена за вакцинација против сипаници, само што има вкрстена заштита и на тој начин се спречува развојот на болеста.
– Еден од начините на пренесување е од заразени животни. Сепак, ова сега се пренесува од човек на човек. Болеста се пренесува преку близок контакт, вклучувајќи и преку сексуален контакт, но и преку контаминирани предмети. Примарно се мисли на постелнината, крпи, облека. Во оваа епидемија има и инфекција кај здравствените работници и членовите на домаќинството што се грижат за болните и тоа е она што загрижува – нагласи таа.
Вакцинацијата е само еден начин да се спречи заразата со мајмунски сипаници. – Многу е важно да се информира јавноста, да се запознаат нашите колеги лекари што стапуваат во прв контакт со пациентите за можноста од оваа болест кај оние што доаѓаат од овие погодени области – додаде таа.
Добрата дијагноза е важна, а кога станува збор за лекување, со оглед на тоа дека се работи за вирус, таа е симптоматска.
– Симптомите најчесто се висока температура, на почетокот е мошне слична на грипот, болки во зглобовите, главоболка, а потоа многу брзо се развива исип сличен на сипаници. Се појавуваат оние плускавци што се полни со содржина и се многу заразни. Се сушат, се претвораат во краста што паѓа и додека не падне, целата работа трае од две до четири недели. Инкубацијата, времето од инфекцијата со вирусот до појавата на првите симптоми, трае од шест до 13 дена, можеби и до 21 ден.