КАТИЦА ЌУЛАВКОВА, ДОБИТНИЧКА НА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“

Познатaта македонска поетеса и книжевна теоретичарка, aкадемик Катица Ќулавкова, неодамна беше избрана за годинашна добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“, која се доделува од „Струшките вечери на поезијата“ за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Ќулавкова е добитничка на наградата за поетската збирка „Небото ми е дома“ (духовна поезија), во издание на Струмичката православна епархија. Таа вторпат го добива ова највисоко признание, откако во 1989 година ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за стихозбирката „Жедби“.
Жирито во состав: Ефтим Клетников (претседател), Весна Ацевска, Глигор Стојковски, Александра Јуруковска и Дарин Ангеловски (членови), по прочитот на сите 53 пристигнати книги направи заедничка селекција и во потесен круг од пет книги влегоа и збирките: „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорго Димоски, „Килибар и младост“ од Гордана Михаилова Бошнакоска, „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска, „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков.
– Најновата стихозбирка на Катица Ќулавкова, „Небото ми е дома“, се протега во еден специфичен поетски ареал, од авторката определен како простор на духовна поезија, која е заснована на експресивна трансмисија на набожни чувства и мисли во стихови, користејќи притоа низа поетски средства, како што се митските слики, симболите, реминисценциите, алегориите, метафорите и метонимиите, па и користење одломки од најзначајни сакрални интертекстови, поезија што наедно се потпира и на ритамот, алитерации и асонанции и на други јазични игри и фигури што го зајакнуваат нејзиниот севкупен естетски интензитет. Својот однос спрема духовната поезија Ќулавкова го манифестира во некои свои песни уште од нејзината прва поетска книга „Благовести“, но и во низа други нејзини стихозбирки. Но, овде, во „Небото ми е дома“, станува збор за свесно моделирана концептуална поетичка надградба, за „гледање со душата“, која е во дослух со оној вид поетски говор што има „изразен осет за сакралниот ерос“ и копнеж, за возљубеност, карактеристична само за човечкото битие… – се вели во одлуката.
Катица Ќулавкова, поетеса, есеистка, теоретичарка на книжевноста, e редовна членка на МАНУ од 2003 г. и на Европската академија на науките и уметностите (Салцбург) и потпретседателка на Меѓународниот ПЕН. Била универзитетска професорка по Теорија на книжевноста на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 16 книги поезија на македонски, 18 преводи на нејзината поезија (англиски, француски, турски, италијански, хрватски, романски, португалски, руски, словенечки, бугарски, српски и др.), две збирки куса фикција и една поетска драма, како и над триесет хрестоматии, антологии, критички изданија и др. Има преведено есеи, поезија и книги од француски на македонски јазик (Сафа Фати, Паскал Кињар). Добитничка е на најголемите награди за поезија, есеистика и наука во Македонија, вклучувајќи ја и државната награда за животно дело „11 Октомври“, потоа наградата на Романската асоцијација на писатели и на Албанскиот ПЕН. Од Владата на Република Франција е одликувана со орденот Офицер во Редот на уметноста и книжевноста.
„Струшките вечери на поезијата“ оваа година ќе се одржат од 22 до 26 август во своето редовно издание на препознатливите локации.