Секоја трета жена во светот е жртва на родово базирано насилство – физичко, сексуално или психолошко. Од 20 до 40 отсто од жените во регионот на Западен Балкан и Турција страдаат од физичко насилство, а над 50 отсто од психолошко од страна на нивните интимни партнери.
Ова се дел од податоците кои беа изнесени денеска на регионалниот форум „Промовирање на имплементацијата на Истанбулската конвенција во земјите на Западен Балкан и во Турција – Интегрирани политики, инклузивни партнерства“, што се одржа во Скопје.
Македонија кон крајот на декември минатата година конечно влезе во групата земји, кои засилено ќе се борат за искоренување на насилството врз жените и домашното насилство. Собранието на 22 декември 2017. ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство или позната како Истабулска конвенција.
Меѓутоа, како што посочија учесниците на форумот, ратификацијата на Конвенцијата, е само почеток на процесот, таа е платформа за креирање на законски и обврзувачки стандарди за целиот регион за борба против насилството врз девојчињата и жените.
Премиерот Зоран Заев во обраќањето пред учесниците рече дека е неопходен сеопфатен и структуиран пристап на повеќе нивоа, оти стратегијата во оваа сфера треба да се фокусира на превенција, а не само на залечување на последиците, а во пронаоѓање на најдобрите решенија мора да бидат вклучени и мажите, како клучна алка врз насилството врз жените.
– Овие насоки од Истанбулската конвенција ќе помогнат за промена на менталитетот. Неоходно е да се разбере и прифати дека Истанбулската конвенција не панацеа, лек сега и тука и сама по себе не е решение, кое ќе направи насилството врз жените и девојчињата да исчезне преку ноќ. Таа е само алатка која ќе не држи будни ова прашање никогаш да не го занемариме, рече премиерот.
Тој напомена дека според извештајот на СЗО насилтвото врз жените е број еден причина за смрт и инвалидитет врз жените, што влијае врз една милијарда жени и девојчина. Истакна дека секоја трета жена или девојче искусила физичко или сексуално насилство, а најголем број биле предизвикани од интимните партнери или сопрузи.
Се повика на истражувањето на Агенцијата за фундаментални права на ЕУ од 2014 година, во кое биле вклучени 42 илјади жени, според кое за само 12 месеци дури 13 милиони жени во ЕУ биле жртви на физичко насилство, а во истиот тој период 1,5 милиони жени во ЕУ биле жртви на сексуално насилство.
Заев додаде дека едно од најновите места на кои се манифестира насилството е Интернетот – секоја пет жена доживеала сајбер насилство уште на 15-годишна возраст, според истражувањето на Агенцијата на ЕУ.
-Скриените форми на насилство укажуваат и на една друга последица – повеќе од половина од жените, кои биле жртви избегнуваат одредени места, ситуации, процеси, кариерни избори од страв дека ќе бидат жртви на заплашување, на насилство или сексуален напад. Последица на сето тоа е оневозможување на потенцијалите на секоја една жена, кршење на човековите права, но и лишување на општеството од неговите ресурси, нагласи Заев.
Потенцира дека неговиот личен стремеж е нулта толеранција кон насилството врз жените и девојчињата и оти тоа го очекува од секој негов соработник.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека е усвоен Национален акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција и напомена дека сега доаѓа тешкиот период, односно имплементацијата.
– Акцискиот план и годишниот оперативен план за 2019 година треба да покажат дека сме зрели во однос на националното законодавство, но исто така важно е услугите да бидат достапни, рече Царовска.
Додаде дека се реобновени сервисите во граѓанскиот сектор и оти тие се финансираат со буџетски средства и истакна дека Македонија прв пат оваа година отворила три регионални центри за превенција и заштита на жртви од сексуално насилство и силување.
Царовска напомена дека голем дел од жените присутни на Форумот се одважиле и му кажале „не“ на насилството, но рече дека голем дел од жените во руралните средини тоа не го сториле.
-Голем дел од жените во руралните средини кои се маргинализирани не можат да кажат „не“ не дека не сакаат, туку животните прилики не им дозволуваат. Треба да им обезбедиме поддршка, ниту еден од нас да не молчи и да не замижи пред насилство, нагласи министерката за труд и социјална политика.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар потенцира дека податоците според кои 20 до 40 отсто од жените во регионот на Западен Балкан и Турција страдааат од физичко насилство, а над 50 отсто од психолошки покажува дека овој феномен е длабоко вкоренет во овој дел од светот.
-Ова се навистина загрижувачки податоци. Јас сум човек кој цвртсо верува во родовата еднаквост, а овие податоци покажуваат дека секоја трета жена која оди по улица, се наоѓа во некој шопинг центар, во ресторан може да биде жртва на родово базирано насилство, а секоја втора од нив е тероризирана во својот дом и премногу е исплашена да го пријави тоа, нагласи Жбогар.
Алија Ел-Јашир, регионална директорка на UNWoman за Европа и Централна Азија изрази задоволство што по 11 години од ратификација на Истанбулската конвенција се одржува овој Форум во Скопје.
-Насилството врз жените останува еден од најдоминантите проблеми во светски рамки, 33 отсто од жените во светот искусиле физичко или сексуално насилство во текот на својот живот или во своите домови од интимните парнери или од некои од членовите на своето семејство, рече таа и додаде дека борбата против овој феномен е приротетна во работењето на UNWoman.
Конвенцијата е усвоена во Истанбул на 7 април 2011, а Македонија ја потпиша на 8 јули истата година и оттогаш документот чекаше шест години конечно да биде ратификуван, со што ова прашање ќе добие на значење, а институциите би требало засилено ќе се борат против искоренување на насилството врз жените и домашното насилство, каде жртви во најголем процент се припадничките на понежниот пол.
Клучен елемент во превенција на насилството врз жените е постигнување на де јуре и де факто еднаквост меѓу мажите и жените.
Според Конвенцијата насилството врз жените е манифестација на историската нееднаквост во односот на моќ меѓу двата пола, што довело до доминација на мажите и дискриминација на жените.
Структурното насилство врз жените е родово базирано насилство. Жените и девојчињата почесто се изложени на сериозни форми на насилство, како што се домашното, сексуалното, силувања, принудни бракови, криминални дела извршени во име на честа и генитално осакатување. Конвенцијата нагласува дека и во време на војна жените се поизложени на насилство, односно поединечно и групно силување.
Конвенцијата препознава дека домашното насилство повеќе ги погодува жените, но, исто така, нагласува и дека мажите исто така можат да бидат жртви на семејно насилство.
Децата, исто така, се жртви на семејно насилство, а често пати се и сведоци на насилство во семејството, што понатаму се одразува на нивниот психолошки развој.
Конвенцијата досега е ратификувана од 29 држави.