Интервју со Кирил Трачев, селектор на ФФФ
14. Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) ќе се одржи од 7-13 јуни во Кинотеката на Македонија. Во пресрет на неговото осмо интернационалнo издание разговараме со проф. м-р Кирил Трајчев, селектор на официјалната програма на долгометражни филмови.
Н.М. Професоре Трајчев, вие сте во улога на селектор на официјалната селекција на долгометражни филмови на Филозофскиот филмски фестивал веќе од 2017 година, односно првата година кога Фестивалот воведе компетитивни селекции во својата програма. Според многумина, Фестивалот номинално е упатен кон т.н. филозофски филм, па улогата на селекторот би била да ги пронајде тие филмови. Како гледате на својата мисија/задача? Дали можат да се издвојат јасни формални или естетски назнаки за омеѓување на природата на филозофскиот филм? Или пак, во старт грешиме во нашиот пристап и нешто друго се има предвид кога зборуваме за филмови прикладни за селекција на еден ваков Фестивал?
К.Т. Филозофијата, дефинитивно, во најмала рака, се провлекувала низ филмот уште од самите негови почетоци. Со развојот на филмот како релативно нова уметност низ целата негова историја се изнедриле и филмски автори и филмови во кои „филозофското“ станало нивен главен белег и препознатлив знак. Без оглед дали филмот се создава со интенција да има филозофска артикулација, или тоа е во втор план, постојат доста примери за филмови кои би можеле да ги третираме како „филозофски“ и сметам дека, сосема слободно, можеме да зборуваме за легитимноста на релацијата филозофија – филм. Впрочем, врската помеѓу филозофијата и филмот јас ја поставувам на три нивоа: реферирање на филозофија во филм, филозофија во филм и филозофија преку филм. Секако дека ова е подложно на збогатување со дополнителни нивоа и нијанси.
Н.М. Секое од овие три нивоа што ги споменавте заслужува посебно прашање и образложување, но да се вратиме накратко на 2017 година и првото интернационално издание на Филозофскиот филмски фестивал. Тогаш, во конкуренција на 7 филмови, двата „Златни бува“ (наградите што ги доделува Фестивалот), од жирито и од публиката, ги однесе филмот „Сѐ за луѓето“ на грузискиот режисер Гиорги Абашишвили (Giorgi Abashisvili). Вакво совпаѓање на вкусовите на жирито и публиката се има случено само уште еднаш, и тоа минатата година со јапонскиот филм „План 75“ на Чие Хајакава (Chie Hayakawa). Како вие како селектор гледате на оваа синергија, имајќи предвид дека таа не е особено фреквентна појава? Можете ли да подвлечете некоја паралела меѓу овие два, би рекле, естетски диспаратни филмови?
К.Т. Овие филмови се прилично диспаратни, и тоа од повеќе аспекти. Филмот на Абашишвили е омнибус од 9 епизоди инспирирани од дела на грузискиот писател Нодар Думбадзе, коишто имаат нагласени филозофски пораки. Всушност ова е колаж од девет кратки филмови кои говорат за егзистенцијата, љубовта, надежта и ги откриваат луѓето видени низ различна диоптрија. „Сѐ за луѓето“ е филм кој трага по светлата страна на човековиот образ.
Јапонскиот филм „План 75“ го отвора прашањето за вредноста на животот, предочува извесни морални дилеми во кои можеме да се најдеме и проговара, меѓу другото, и за достоинството на човековиот живот.
Очигледно постои мотивско-тематска точка на вкрстување на овие два филма видена низ призмата на егзистенцијалистичко-моралните прашања. Веројатно и жирито и публиката и во двата случаи препознале филмови со особено акцентирани филозофски поенти и се одлучиле за нив.
Н.М. Оние коишто поблиску ја следат програмата на Филозофскиот филмски фестивал забележуваат раст на општиот кинематографско-естетски квалитет на селектираните филмови. И само со штур поглед во селекциите, може да се утврди дека сите филмови имаат учество или добиено награди на некој од т.н. фестивали од А-категорија. Само за илустрација, три филма од вашата годинешна селекција („Затвори ги очите“, „Во лушпата на златниот кожурец“ и „Прозаични стихови“) учествуваат или имаат освоено награда на Канскиот фестивал; потоа „Не очекувај премногу од крајот на светот“ во Торонто и Локарно (каде што и добива Специјално признание од жирито); и најнакрај, „Граѓанинот светец“ во Карлови Вари. Како ви успева, вам, а и воопшто на Фестивалот, да го одржувате и да го подигнувате нивото на квалитет, имајќи во вид дека Филозофскиот филмски фестивал нема некоја позначајна поткрепа од нашите административно-културни институции?
К.Т. Фестивалската приказна со селекцијата на долгометражни филмови започна, помалку или повеќе, скромно и дискретно. Со текот на времето, на извесен начин, го подобрував методот на „потрага“ по филмови соодветни за Фестивалот и мислам дека во последниве изданија програмата на долгометражни филмови е со прилично избалансиран квалитет. Во селекција влегоа и филмови на големи и етаблирани имиња од светот на филмот како што се Кшиштоф Зануси, Виктор Ерисе, Раду Жуде итн. И покрај неблагодарната состојба со институционалната поддршка, сепак, на еден чудесен филозофско-стоички и аскетски начин успеваме, и јас како селектор и фестивалскиот тим (кој за мене е од драгоцена важност), да ја менаџираме програма и да го одржиме критериумот во селектирањето и квалитетот на филмовите.
Н.М. Добро би било да позборуваме малку за филмовите од годинешната селекција. Ги спомнавме имињата на филмовите, вие ќе нѐ дополните со идентитетот на режисерите. Ќе ви поставам едно, за мене најлесно за поставување, прашање, ама веројатно не толку лесно за одговор. Имено, кога некој (во случајов јас) би побарал од вас, во по три реченици, засебно да ги претставите секој од петте селектирани филма, како би го сториле тоа? Што според вас е најважното во нив за истакнување и што, на некој начин, би ја скокотнала заинтересираноста на нашите читатели?
К.Т. За секој од петте филмови има навистина што и надолго да се (при)кажува, така што овој обид за кондензивно претставување сфатете го и како нужно симплифицирање. Сепак, еве накратко.
„Затвори ги очите“ на Виктор Ерисе е всушност поетски филм за идентитетот, сеќавањето, стареењето и за самиот филм како медиум, но и за неговата моќ да влезе во нашите соништа и да ни ги разбуди стравовите. Ова е остварување кое на суптилен начин, преку структурата „филм во филм“, ни нуди нежна и елегантна синеастичка композиција натопена со дискретна меланхолија.
„Не очекувај премногу од крајот на светот“ е провокативна сатира со елементи на субверзивност преку која го откриваме и препознаваме несекојдневниот и беспоштеден хумор што Раду Жуде го користи во голем дел од своите филмови. Режисерот користи двоен наратив и нè води во Романија од 80-тите години на минатиот век и Романија денес, пренесувајќи ни ја општата политичка патологија во земјата, тогаш и сега.
Фасцинантниот филмски првенец „Во лушпата на златниот кожурец“ на виетнамскиот режисер Тјен Ан Фам е сложена и длабока филмска медитација преку која ги допираме најзагатливите прашања поврзани со човековото постоење, верата, тагата, смртта итн. Филмот ни ја претставува потрагата на главниот протагонист по нему блиската личност, но истовремено и откривањето дека, во таа потрага, тој се бара и себеси.
Сатирично-алегоричната филмска приказна „Граѓанинот светец“ на грузиската режисерка Тинатин Кајришвили е кинематографска студија за верата и глорификацијата на извесни „неканонизирани“ светители или пак псевдорелигиски авторитети и културни тотеми. Филмот, низ едноставна приказна исполнета со мистична аура, нè пренесува во едно мало рудардско гратче во Грузија во кое почнуваат да се случуваат несекојдневни, чудни и таинствени настани.
Филмот на Али Асгари и Алиреза Катами, „Прозаични стихови“, е социјална трагикомедија која ни ја пренесува неблагопријатната општествена состојба во која живее граѓанинот во денешен Иран. Низ оваа филмска поема составена од 9 вињети ги откриваме судбините на поединците заробени во стегите на иранскиот политички систем. Секоја нова приказна е сѐ поапсурдна, а секој нов лик е сѐ постар, така што гледаме широка лепеза на ликови кои се застапени во филмот.
Н.М. Без никакви интенции за фаворизирање, сепак не можам а да не ве прашам и нешто повеќе за филмот на Виктор Ерисе „Затвори ги очите“. И тоа не само поради фактот што тој филм е предвиден за отворањето на Фестивалот на 7. јуни во Кинотеката на С. Македонија, туку, уште повеќе, поради едноставно неверојатниот факт кој вели дека овој значаен шпански режисер има толку малку снимано. Имено, Ерисе е на возраст од 83 години, а „Затвори ги очите“ е негово четврто самостојно долгометражно филмско остварување и, згора на тоа, се појавува после 31-годишна режисерска апстиненција, барем за филмови од ваков вид. На што мислите дека се должат овие зачудувачки факти? И дали постои некаков естетски и/или тематски (дис)континуитет во ракописот на Ерисе, што би ни помогнал да ја насетиме трагата на можниот одговор?
К.Т. Примерите во светот на филмот, или уметноста воопшто, на автори што во текот на својот живот создале малку по број, но исклучително квалитетни дела, можеби можат да се избројат на прсти, но сепак постојат. Случајот со Ерисе е специфичен токму поради фактот што и вие го споменавте, дека режисерот своето последно остварување „Затвори ги очите“ го снима на возраст од 83 години, а е негов четврт самостоен долгометражен игран филм. И покрај генијалноста што ќе ја пројават уште во раните години од својот живот, постојат уметници кои создаваат по принцип на целосно восовршување и ферментирање на сопственото дело, особено кога се работи за автори кои творат и во поодмината возраст, односно, во период на старост. Јас, лично, во скромното по обем творештво на Виктор Ерисе, повеќе согледувам континуитет, отколку каква и да е друга форма на деклинација или пак неконзистентност во однос на високата филмска естетика, особено ако се навратам на неговиот прв долгометражен филмски проект „Духот на улиштето“. Поетичноста и лиричноста на филмскиот јазик на Ерисе се провлекуваат низ неговите синеастички остварувања, а неговиот апострофиран и рафиниран однос кон филмот како уметност е една евидентна карактеристика што ја среќаваме низ целиот негов опус.
Н.М. За крај едно „мангупско“ прашање: Имате ли свој фаворит меѓу овие пет филмови? Или посрцепарателно изразено, дали за некој филм би можеле на нашите читатели недвосмислено да им кажете дека неговото негледање (филмовите на Фестивалот оваа година имаат само по една проекција) е еднакво на прокоцкување на ретка животна шанса?
К.Т. Прашањето не би било „мангупско“ доколку е упатено на кој било друг, односно не на оној кој ги избрал конкретните филмови за компетитивна фестивалска програма. Навистина е некоректно и непрофесионално да издвојувам и посебно да препорачувам филм. Секако дека, како селектор, стојам зад изборот што сум го направил и можам да кажам дека сите филмови се со висок квалитет. Ако зборуваме за некаков посуптилен личен сензибилитет можеби некој филм ми е поблизок според одреден аспект; но, истото можам да го кажам за некој друг филм, имајќи во вид поинаков (аспект). Накратко, не е упатно посебно да фаворизирам филм од селекцијата или, да завршам во интонацијата на прашањето, сметам дека гледањето на секој еден од селектираните филмови, е ретка животна/културна пригода.