Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оваа година ги одбележуваме 35 години независност од македонската држава. Јубилеј кој претставува историска точка што нè обврзува со достоинство, визија, но и одговорност да ја раскажеме приказната за државата низ културата, уметноста и современиот национален израз, истакна портпаролката на Владата, Марија Митева на денешната прес-конференција со Авалон продукција.

Таа најави дека прославата нема да биде одбележана со еден настан, туку  национална културна манифестација од највисок ранг, со амбиција да остави трајна вредност и силна трага во културната историја на Македонија.

– Нашата цел е ова одбележување да има и државничка тежина, современ културен и продукциски пристап, но и меѓународна препознатливост. Да создадеме концепт кој ќе ја претстави Македонија како држава што знае достоинствено да го одбележи сопствениот пат, но и да ја покаже сопствената културна самодоверба пред домашна и меѓународна јавност. Особено важно е што нема да биде концентриран само на едно место или само со еден настан, туку ќе биде децентрализација и вклученост, тоа е идејата на самиот проект. Културата да стигне до сите граѓани, во повеќе градови, преку повеќе форми и различни уметнички изрази. Предвидуваме програмска структура којашто е поделена во неколку сегменти. Во периодот од јули до септември се предвидени повеќе настани, но ќе ми дозволите за тоа дополнително, заедно со АВАЛОН Продукција, да ги најавиме етапно настаните.  Денес сме овде да го најавиме централниот, големиот настан за 8-ми Септември – истакна Митева.

Од Авалон информираа дека станува збор за настап на Дејвид Гета, кој на 8 Септември ќе настапи во Арената „Тодор Проески“.

– Влезот во Арената „Тодор Проески“ ќе биде бесплатен со регистрација за симболична цена од 35 денари по човек, број кој директно асоцира на овогодинешниот државен јубилеј, со цел запазување на капацитетот на стадионот; Секој корисник ќе биде ограничен на максимум две влезници, а дозволена ќе биде и регистрација од останатите држави, земајќи предвид дека настан од овој калибар привлекува огромно внимание од целиот регион и привлекува публика, гости и посетители од околните земји и истиот има сериозен импакт врз туризмот, угостителството и целокупната промоција на градот и државата како дестинација за големи светски музички и културни случувања. Дополнителни информации околу процедурата за регистрација официјално ќе бидат објавени утре од страна на продукцијата – информираа од Авалон.