Двата базена, Горен и Долен амам, кои и денес се користат, се изградени во 1797 година, а првиот современ хотел во 1925 година. Денес Бања Баниште е прогласено за културно наследство на Македонија.

Знаменитостите на Македонија

Бања Баниште, позната и како Бања Бањиште, Дебарска Бања Баниште или Бањиште, е едната од двете бањи во состав на Дебарските Бањи во подножјето на планината Крчин, на надморска височина од 870 метри. Сместена е во истоименото село Баниште, на 4 километри северозападно од градот Дебар. Двата базена, Горен и Долен амам, кои и денес се користат, се изградени во 1797 година, а првиот современ хотел во 1925 година. Јохан Хан во свој патопис од 1863 година детално ги опишал и бањите во селото Баниште. Според натпис со арапско писмо, кој се наоѓал во еден од објектите на бањата, како сопственик и добротвор се споменува Хаџи Муџидин Илхами, син на Сулејман, потомок на семејството Орук-заде. Во натписот се потврдува годината на градба 1798-1799 година (или 1213 по хиџра). Денес натписот се чува во просториите на хотелот. Денес Бања Баниште е прогласено за културно наследство на Македонија.
Бањата поседува три термоминерални извори наречени Нова Каптажа, Горни Базен и Долни Базен. Изворите се предиспонирани со длабински раседи, а се нагаѓаат во терен покриен со флувиоглацијални сегменти и термален бигор. Вкупното количество вода од трите извори изнесува 90 л/сек., со температура помеѓу 36 и 39°C и радиоактивност од 17 до 27 м.е.


Највисока температура на водата има изворот Долни Базен, која изнесува 39,3°C. Најниска температура на водата има во Горни Базен, каде што изнесува 36°C, додека во Нова Каптажа има вредност од 38,8°C. Штедроста на Нова Каптажа изнесува преку 51 л/сек., во Долниот Базен 35 л./сек, а во Горниот Базен 5,2 л/сек. Според тоа, температурата на водата изнесува околу 38°C, а количеството на вода околу 91 л/сек. Радиоактивноста е најголема во Нова Каптажа, каде што изнесува 26,75 м.е., во Горниот Базен е 20,65 м.е., а во Долниот Базен 16,89 м.е.
По хемискиот состав, водата спаѓа во групата сулфурно-карбонатни, земно-алкални и мурјатични води. Во себе содржи растворени гасови, особено сулфурводород и јаглерод диоксид. Тие, заедно со високата температура и радиоактивност, преку капење и пиење успешно лекуваат повеќе видови болести, како ревматични, гинеколошки и кожни болести, како и воспаление на дишните органи. Водите во ова лекувалиште може да се користат и во рекреативно-превентивна и рехабилитациска смисла. Д.Ст.


Баниште

Името на селото првпат е забележано во 15 век, поточно се споменува во 1467 година. Се верува дека името можеби доаѓа од Бана или Баница, што означува место каде што се наоѓала Бана, Баница, или пак од баниште, што означува место каде што имало бања, како што се двата извора на лековита топла вода, кои биле претворени во два амама во јужниот дел на селото.
Бранислав Русиќ во својата книга „Дебарско Поле“ забележал дека месното население селото го нарекувало Баништа. Во поменикот на манастирот „Св. Андреја“ во Матка, покрај Скопје, издаден во периодот 17 и 18 век, селото се споменува како Баница. Како Баништа е забележано и во преписот на поменикот од страна на Бигорскиот манастир во 1863 година. Слично е запишано и во другите извори од крајот на 19 век. Во поново време се споменува и како Бањиште.