Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој го има последниот збор за прашањата од надворешната политика и иранската нуклеарна програма, ги увери Иранците дека нема да има нарушување во извршувањето на државните работи. Хамнеи вчера изјави дека првиот потпретседател на Иран, Мохамад Мохбар, е одговорен за извршната власт. Според Уставот, во случај иранскиот претседател да почине, првиот потпретседател ја презема функцијата шеф на државата во текот на 50-дневен преоден период до одржувањето на изборите, што е предмет на одобрение од иранскиот врховен лидер, кој го има последниот збор во сите државни прашања
Во хеликоптерска несреќа во близината на иранско-азербејџанската граница загина претседателот на Иран
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси, кој долго време се сметаше за можен наследник на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, загина во хеликоптерска несреќа во планинска област во близината на границата со Азербејџан, објавија вчера официјални лица и државни медиуми.
Остатоците од хеликоптерот што се урна во кој беа Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан беа пронајдени вчера во раните утрински часови по опсежна спасувачка операција.
Смртта на Раиси ја потврди потпретседателот Мохсен Мансури во изјава објавена на социјалните мрежи и на телевизија.
Државната телевизија објави дека на снимките од местото на настанот се гледа како хеликоптерот удрил во врвот на планината, но засега нема официјални информации за причината за падот.
Државната новинска агенција ИРНА соопшти дека Раиси се превезувал со хеликоптер од типот „бел 212“ од американско производство.
Шеесет и тригодишниот Раиси беше избран за претседател во 2021 година, а откако ја презеде функцијата ги заостри законите за протести, го надгледуваше крвавото задушување на антивладините протести и зазеде цврст став во преговорите со светските сили за иранската нуклеарна програма.
Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој го има последниот збор за прашањата од надворешната политика и иранската нуклеарна програма, ги увери Иранците дека нема да има нарушување во државните работи.
– Кога беше откриено местото на несреќата, кај ниту еден од патниците во хеликоптерот не беа пронајдени знаци на живот – изјави началникот на иранската Црвена полумесечина, Пирхосин Коливанд за државната телевизија.
Националната телевизија претходно ја прекина својата редовна програма за да ги емитува молитвите што се одржуваат за Раиси низ целата земја.
Во видеото што беше објавено од потрагата беа воочливи спасувачи во светли јакни и со батериски ламби на главите собрани околу навигацискиот уред додека ја пребаруваат планинската област во темнина среде лоши временски услови, магла и пороен дожд.
Белата куќа објави дека американскиот претседател Џо Бајден бил информиран за извештаите за несреќата. Кина соопшти дека е длабоко загрижена, а Европската Унија понуди сателитско мапирање на теренот.
Можен наследник
Авионската несреќа дојде во време на растечко незадоволство во Иран поради низа политички, социјални и економски кризи. Иранските свештенички лидери се соочуваат со меѓународен притисок поради нивната спорна нуклеарна програма и зајакнувањето на воените врски со Русија за време на војната во Украина.
Откако иранскиот сојузник Хамас го нападна Израел на 7 октомври, што доведе до напад на Израел врз Газа, судирите со проиранските групи избија низ Блискиот Исток.
Во политичкиот систем на Иран, поделен меѓу свештеничкиот естаблишмент и Владата, 85-годишниот ментор на Раиси, Хамнеи, врховен лидер од 1989 година, има моќ да донесува одлуки за сите главни политики.
Со години, многумина го гледаа Раиси како кандидат за наследник на Хамнеи, кој ги одобри клучните политики на Раиси.
Сепак, позицијата на Раиси можеби е ослабена поради протестите против свештеничкото владеење и неуспехот да се поправи иранската економија погодена од западните санкции.
Раиси во неделата беше на границата со Азербејџан за да ја пушти во употреба браната „Киз-Каласи“, заеднички проект меѓу двете земји. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, кој рече дека претходно испратил „пријателски поздрав“ до Раиси, понудил да помогне во спасувањето. С.Т.
Кој беше Раиси – учесник во Иранската револуција
Роден во ноември 1960 година, во светиот шиитски град Машхад на североисток во побожно религиозно семејство, Ебрахим Раиси учествувал во Иранската револуција, која ја собори монархијата на земјата во 1979 година, пишува „Њујорк тајмс“.
Тој имал 20 години кога бил назначен за главен обвинител на Караџа, во близината на Техеран, за време на Исламската револуција. Потоа станал генерален обвинител на Техеран од 1989 до 1994 година, па заменик-шеф на судството од 2004 до 2014 година кога бил назначен за државен обвинител.
Во 2016 година, врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи, го назначил за раководител на добротворната фондација „Астан-е Кудс Разави“, која управува со мавзолејот на „Имам Реза“ во Машхад.
Три години подоцна, тој станал шеф на главното тело на правосудните органи.
Ебрахим Раиси е избран на 18 јуни 2021 година во првиот круг гласање обележан со рекордно воздржување за претседателските избори и отсуство на силни конкуренти.
Тој го наследува умерениот Хасан Рохани, кој го порази Раиси на претседателските избори во 2017 година и не можеше повторно да се кандидира по два последователни мандата.
Израел негира каква било вмешаност во инцидентот
Израел на никаков начин не е вмешан во смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и неговиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан, изјави израелски претставник за новинската агенција „Ројтерс“.
– Тоа не бевме ние – тврди анонимен израелски функционер.
Според медиумите, сите индиции се дека уривањето на хеликоптерот во кој бил иранскиот претседател било предизвикано од лошото време.
Израел ретко официјално ги коментира своите активности надвор од своите граници, кои во последните месеци вклучуваат напади во Либан, Сирија и во Иран.
Во април, Иран започна директен напад врз Израел, со дозвола токму на Раиси, во знак на одмазда на претходниот израелски напад врз ирански дипломатски комплекс во сириската престолнина Дамаск, на 1 април, во кој беше убиен висок претставник во Корпусот на гардата на исламската револуција на Иран и уште осум офицери.
Хамнеи одобри Мохбар да биде привремен претседател на Иран и прогласи петдневна жалост
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, вчера изјави дека првиот потпретседател на Иран, Мохамад Мохбар, е одговорен за извршната власт и дека има рок од 50 дена да одржи претседателски избори. Хамнеи прогласи петдневна национална жалост поради смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа, објави иранската новинска агенција ИРНА.
Според Уставот, во случај иранскиот претседател да почине, првиот потпретседател ја презема функцијата шеф на државата во текот на 50-дневен преоден период до одржувањето на изборите, што е предмет на одобрение од иранскиот врховен лидер, кој го има последниот збор во сите државни прашања.
Покрај иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан, идентификувани се уште три лица што загинаа во хеликоптерска несреќа во северозападен Иран, објави иранската државна новинска агенција ИРНА.
Меѓу загинатите се имамот во градот Табриз, ајатолахот Мохамад Али ал-е Хашем, началникот на иранската провинција Источен Азербејџан, генерал Малек Рахмати, и командантот на единицата за заштита на претседателот, Сардар Сејед Мехди Мусави.
Ердоган: Турција стои со Иран во ова тешко време
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази сочувство за смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан, нагласувајќи дека Турција изразува солидарност со Иран.
Ердоган на платформата Икс напиша дека се сеќава на Раиси со почит и благодарност, наведувајќи дека иранскиот претседател вложил напори за мир во Иран и во регионот.
– Турција стои со Иран во ова тешко време – рече Ердоган, нарекувајќи го Раиси „вреден колега и брат“.
ЕУ изрази сочувство по смртта на иранскиот претседател
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изрази сочувство од името на Европската Унија по смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа.
– ЕУ го изразува своето искрено сочувство за смртта на претседателот Раиси и министерот за надворешни работи Абдолахиан, како и другите членови на нивната делегација и екипажот во хеликоптерска несреќа – напиша Мишел на Х.
Путин: Смртта на Раиси е огромна трагедија
Рускиот претседател Владимир Путин испрати телеграма со сочувство до врховниот лидер на Иран, ајатолахот Сејед Али Хамнеи, во врска со смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и други ирански функционери и членови на екипажот во хеликоптерска несреќа.
Путин изјави дека смртта на Раиси е „огромна трагедија“ што го снајде народот на Исламската Република Иран, додавајќи дека Раиси бил исклучителен политичар, кој целиот свој живот го посветил на служење на својата земја, и „вистински пријател на Русија“, пренесува „Интерфакс“.
– Како вистински пријател на Русија, тој даде непроценлив личен придонес во развојот на добрососедските односи меѓу нашите земји, вложувајќи големи напори да ги доведе до ниво на стратегиско партнерство – се наведува во телеграмата на Путин.