Ако ова не е причина за да се вклучи алармот, веќе навистина не знам што би било. Овде навистина станува збор за тотална ерозија на спроведување на законите, целосно загрозена граѓанска сигурност, агресивно самоволие на криминалци… Почитувани мои читатели, каде живееме? Може ли да се ресетираме, рестартираме, реформираме и малку да живееме како најобични граѓани, безгрижно, во еден едноставен ред, во процедура, сигурност? Па, веројатно може да си го дозволиме тоа, а институциите веќе треба да го обезбедуваат токму тоа. Затоа што некој ќе ја преземе правдата во свои раце… (и за тоа, не дај боже). Но некој едвај го чека тоа
Незаконитост, беззаконие, ненадлежност, селективна правда, немоќни институции, анемични органи на извршна власт итн. одамна се одомаќија како нормална појава во нашата земја. И тоа на секое ниво: централно, локално, на највисоко ниво на Уставниот суд, кај судовите, обвинителствата… И секој се посипува со пепел, прогласувајќи се за ненадлежен, и си заспива на тоа уво, цитирајќи делови од закони и подзаконски акти, а сето тоа за да го поткрепи својот став дека е во право што нема да презема никакви мерки. Па, ниту да го извести соодветниот надлежен орган да реагира за некоја настаната состојба или проблем. И наместо власта од сите нивоа и форми да функционира како еден организам, синхронизирано и координирано, во функција на граѓаните, кај нас со години функционира еден раштиман оркестар, качен на рингишпил и се врти до бескрај, од мандат во мандат…
Еве еден едноставен пример. Деновиве во нашата метропола може да се забележи еден панаѓурски „забавен“ парк што е поставен во општината Карпош, веднаш до спортскиот центар „Борис Трајковски“. (Патем, не е само тој единствен во градот.)
Како и лани, така и годинава, на полјаната изминативе денови интензивно се работеше на поставување реквизити за панаѓурска забава. За разлика од минатата година, годинава има поголем број реквизити, кои ги мамат претежно дечињата жедни за забава да ги молат своите родители да ги однесат за да се возат на разните шарени вртелешки.
Но, за жал, нешто (не)вообичаено се случува со „забавниот“ парк уште на самиот почеток. Тој, според градските власти, е поставен без никаква дозвола од страна на фирма со седиште во Чаир, регистрирана пред само еден месец, со името „Дизниленд реквизити“. Самонаречениот забавен парк нема апсолутно никаква дозвола, нема никакви документи што ќе ја гарантираат безбедноста на граѓаните што би ги користеле реквизитите.
За разлика од 2022 година, кога исто така имаше поставено ваков забавен парк, а за кој се крена голема прашина и полицијата по налог на обвинителството замина да ја проверува безбедноста на реквизитите, мистериозните сопственици како што дојдоа така и инкогнито си заминаа. Без трага и глас. За среќа, тогаш немаше пријава за инциденти, но тој „забавен“ парк немаше ниту дозвола за работа. Деветте камиони заминаа и повеќе никој не ги виде. Исчезнаа и – никому ништо. Сѐ до периодов, кога се отворија свежите сеќавања на тој квазизабавен парк, но, за разлика од тогаш, сопствениците на овој се чини имаат име и презиме.
Но, какво фајде имаме ние од тоа, кога никој не ни гарантира дека е целосно безбедно и во согласност со стандардите и дека ако јас или кој било друг граѓанин замине да се вози на лулашките, ќе биде безбеден? А токму деновиве во сличен случај на нелегално поставени рингишпили регистриравме инцидент, кој, за среќа, помина без жртви. Но, не дај боже тоа да се преслика и кај нас. А токму и таму си имаа проблеми со дозволите за работа, токму исто како и кај нас.
Градските власти тврдат дека извршиле надзор и го казниле правното лице, но и покрај тоа, сопствениците продолжуваат да си ги поставуваат реквизитите како воопшто ништо да не се случило!? Можно ли е?
Сега градските власти чекаат од други надлежни да постапат во најкус можен рок бидејќи самоволието на фирмата продолжува, а со тоа се доведува во прашање безбедноста на децата и на другите граѓани што би сакале да се забавуваат во паркот. А рингишпилот си врти. Заедно со многу дечиња на него.
Овде веќе навистина работата станува сериозна. Непосредната сигурност на граѓаните е во прашање, и тоа пред нашите очи, а надлежните, кои и да се, „се прават слепи и глуви“, како воопшто и да не виделе дека масивен панаѓурски забавен парк со панорамски тркала, со бродови, со балерини работи во градот Скопје, а патем поставувачот воопшто и нема дозвола за тоа. Каква демонстрација на институционална немоќ!
Ако ова не е причина за да се вклучи алармот, веќе навистина не знам што би било.
Овде навистина станува збор за тотална ерозија на спроведување на законите, целосно загрозена граѓанска сигурност, агресивно самоволие на криминалци… Почитувани мои читатели, каде живееме? Може ли да се ресетираме, рестартираме, реформираме и малку да живееме како најобични граѓани, безгрижно, во еден едноставен ред, во процедура, сигурност? Па, веројатно може да си го дозволиме тоа, а институциите веќе треба да го обезбедуваат токму тоа. Затоа што некој ќе ја преземе правдата во свои раце… (и за тоа, не дај боже). Но некој едвај го чека тоа.
И, да не заборавам… Ова не е единствен ваков парк. Сличен но со помалку реквизити имаше на крстосницата на булеварот Борис Трајковски со булеварот Србија, а слични на него има и во други населби низ градот.
Колку се поставени со дозвола и со сите потребни документи можеме само да погодуваме.
Она што како порака треба да се сфати од сето ова е фактот дека беззаконието, невладеењето на правото и ненадлежноста станаа „свето тројство“ за властите во земјава. Никој не е надлежен за ништо, но сите се добро испраксирани да ја префрлат топката на некој друг. И тоа веќе зема огромни размери на штета на самите граѓани.
Рингишпилите треба да се последна опомена до властите на сите нивоа во земјава.
Ова треба да се сфати како последна сериозна опомена за сите носители на властите да почнат малку повеќе да се грижат за своите граѓани, за својот град, села, за својата држава… Владеењето на правото сѐ уште се вози на рингишпил. Рингишпилот е небезбеден и секој момент може целосно да се урне. Да не дозволиме некој тотално да ни ги урне правната држава, правото и правдата.