МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО
Во претходниот дел ги споменавме генерациите македонски потомци родени во прекуокеанските и европските земји, луѓе од трета, четврта и петта генерација, кои честопати не го говорат течно мајчиниот јазик, но носат длабоко вродена љубопитност за своето потекло. Фер е отворено да се каже зошто врската со нив честопати пукаше: поради отсуството на системска доверба. Со децении, нашинците од Австралија, Канада, САД или од Европа беа третирани исклучиво како финансиски донатори во моменти на потреба или како гости на пригодни прослави, по што често повторно беа заборавани. Нивните обиди да инвестираат во татковината честопати завршуваа со разочарување, соочени со бирократски ѕидови, корупција и отсуство на јасна визија. Кај нив се создаде длабоко чувство на скептицизам кон државните институции. За да се врати таа доверба, треба да понудиме сосема нов пристап: преку професионален дигитален стандард, отворена врата за конкретен деловен интерес и услови за безбедно и достоинствено доаѓање и инвестирање. Кога потомок на македонски иселеник од Сиднеј или од Торонто ќе го отвори нашиот портал или апликацијата на англиски јазик, тој треба да види дизајн, брзина и прецизност што се на исто рамниште со најдобрите светски технолошки платформи, бидејќи тоа влева моментална доверба дека во Македонија се работи на највисоко светско ниво. Како домаќини, треба да им нудиме стратешко партнерство преку можност да бидат косопственици на туристички проекти, да инвестираат во автентични имоти во родните краишта на нивните предци и да бидат овластени регионални претставници на платформата на нивните матични континенти. Несомнено е дека треба да се подобрат условите што создаваат сигурност кај посетителите што доаѓаат овде со своите семејства и со странските пријатели, како и одлична услуга, врвна логистика и безбедност. Кога довербата ќе се изгради врз реални, мерливи и професионални резултати, дијаспората престанува да биде пасивен набљудувач и станува најмоќниот мотор на македонскиот развој.
Враќање на довербата во потенцијалот преку практичен пример
Најголемиот проблем со кој денес се соочува македонското општество е губењето на вербата дека овде може да се создаде нешто капитално и трајно. Граѓаните се презаситени од ветувања и од стратегии што завршуваат во фиоки. Враќањето на довербата во сопствената држава се постигнува со практичен пример на дело.
Проектот „Мистична Македонија“ е токму таков практичен пример. Ние не чекавме некој однадвор да дојде и да ни го заврши она што е наша домашна задача. Покажавме дека знаеме, умееме и можеме да изградиме модел што ги заштитува националните интереси и истовремено создава здрава економска иднина. Сега институциите имаат ретка можност да покажат зрелост со тоа што ќе застанат рамо до рамо со граѓанскиот и стручниот сектор, овозможувајќи овој готов систем да стане официјален национален стандард. Кога граѓанинот ќе види дека државата застанува зад луѓето што работат на терен и зад проектите што го чуваат неговото име и корен, тогаш довербата во системот се враќа природно. Тогаш сите сфаќаме дека Македонија е вечен простор со нескршлива духовна и материјална сила. Сè од претходно е изводливо затоа што веќе е започнато.
Како конкретно, чекор по чекор, да се спроведе и да се материјализира сето ова на терен?
Македонија повеќе нема простор за апстрактни ветувања или општи развојни декларации. Нашата држава има потреба од прецизна, институционално вклопена и оперативно остварлива методологија што ќе ги спои традицијата, науката, јавните финансии и претприемаштвото во единствен, самоодржлив механизам. За да го трансформираме нашиот отворен музеј во реална економска локомотива, неопходно е спроведување на неколку базични стратешки столбови. Еден од најголемите пропусти на досегашниот модел беше обидот за унифицирање на понудата, при што се занемаруваа вековните стопански специфики на одделните македонски краишта. Македонија не е еднолична; секој наш регион низ столетијата развил уникатни занаети, производство и вештини што денес претставуваат врвна туристичка атракција. Овие регионални центри треба да бидат точки каде што локалната економија и туризмот ќе се слеат во едно, давајќи му на секој регион автентичен економски идентитет. Ниеден систем не може да опстои без квалитетен човечки потенцијал. Доколку немаме сопствени образувани експерти, македонскиот простор ќе продолжи да биде предмет на туѓи толкувања и ревизионизам. Државата мора преку наменски буџетски програми да воведе сеопфатен систем на државни стипендии за дефицитарни науки и вештини.
Народот што живее околу спомениците е нивниот единствен вистински чувар. Доколку селата опустошат, наоѓалиштата ќе обраснат во коров и ќе станат плен на диви копачи. Затоа, државата мора да креира директни, едноставни и небирократски субвенции за секое семејство што сака да се вклучи во овој синџир. Кога обичниот човек ќе види директна материјална корист од зачувувањето на сопствената куќа и околина, тој станува најмотивираниот партнер на државата.
Една од најголемите слабости на досегашниот македонски туризам беше неговиот сезонски карактер, сведен на два летни месеци во Охрид и неколку зимски недели на скијачките центри. Македонија по својата географска положба и клима поседува совршени предуслови за непрекинат туристички прилив во текот на сите 365 дена во годината. Преку соодветна промоција на меѓународниот пазар, Македонија може целосно да го елиминира концептот на „мртва сезона“, обезбедувајќи постојан прилив на девизи и целогодишна вработеност. Крајниот успех на овој проект не се мери само со бројот на странски туристи што ќе влезат во државата. Најважниот показател за национална зрелост е заживувањето на внатрешниот туризам. Поразителен е фактот што со децении голем дел од нашите сограѓани подетално ги познаваат соседните приморски краишта отколку сопствената земја. Многумина наши луѓе никогаш не застанале на пајонската Билазора, не ги виделе камените мостови во Кратово, не влегле во пештерите на Матка, ниту пак ги виделе мозаиците на Хераклеја и Стоби, а камоли да знаат за вековните сведоци на христијанската вера и нивното значење, православните храмови, кои се низ цела Македонија уште од памтивек.
Кога ќе се воспостави оперативен систем, кога патиштата ќе бидат уредени, кога селските домаќинство ќе нудат престој по европски урнек, кога рестораните ќе служат автентична храна по достапни цени и кога преку паметната апликација секој ќе знае каде да застане – македонскиот народ ќе почне масовно да патува низ Македонија. Семејствата за време на викендите ќе заминуваат на патувања низ сопствената татковина. Училиштата ќе организираат едукативни екскурзии каде што децата нема да одат на пасивни прошетки, туку директно ќе ја учат историјата на самото место. На тој начин парите на македонските граѓани ќе остануваат дома, хранејќи ги нашите сограѓани и јакнејќи ја домашната економија. Ова е затворениот развоен круг: образовани кадри, заштитени споменици, силни региони, достоинствен народ и жива држава. Сè што е потребно се само политичка волја, стручна координација и одлучност да престанеме да чекаме. Патот е јасен, методологијата е поставена, а музејот под отворено небо е подготвен да заживее со полна сила.
Мултимедијален настан во Свети Николе – „Мистична Македонија: Музеј под отворено небо“
Што знаеме, а што не знаеме за Македонија? Од кога човекот живеел на територијата на денешна Република Македонија? Какви тајни крие древната македонска земја и што можеме да научиме од цивилизациските слоеви од минатото? На 6 ноември 2026 година, во големата сала на „Киноверзум“ и Меѓународниот славјански универзитет „Свети Никола“ во Свети Николе, со почеток од 20 часот ќе се одржи првото јавно предавање на м-р Никола Ристевски на темата „Мистична Македонија – музеј под отворено небо“. Презентацијата на природните ресурси, културното наследство и економскиот потенцијал на Република Македонија, по успешните претставувања во Хрватска, за првпат се прикажува пред пошироката јавност во Република Македонија. Ова мултидисциплинарно предавање ги води присутните во длабоко патување низ времето и просторот, откривајќи ја Македонија како музеј под отворено небо во кој митовите и науката се испреплетуваат. Предавањето е наменето за истражувачи, студенти, културни и за туристички работници, како и за сите љубители на историјата и мистериите што сакаат да ја согледаат Македонија низ една сосема нова, длабока и инспиративна перспектива. Настанот предвидува 60-минутно предавање и мултимедијална презентација и 30 минути за прашања и одговори. Н.М.
Локација: Меѓународен славјански универзитет – „Киноверзум“ – Свети Николе
Датум и време: 6.11.2026 г. (петок од 20 часот).
Билетите се достапни во претпродажба на tix.mk
Медиумски покровител е првиот дневен весник во Република Македонија „Нова Македонија“, а настанот е поддржан од Центарот за перманентно образование и Институтот за култура и уметност при Меѓународниот славјански универзитет „Свети Никола“ во Свети Николе, „Киноверзум“, „Спејс парк“ – Скопје, „Емкице КИЦ“, „Голден сани инвест“, „Виртуално360хр“, здружението на граѓани „Откритие“, „ВанДронМк“, „Глобал маседониан фаундејшн етернал Вечна“ и книжарница и печатница „Бубамара хит“.
М-р Никола Ристевски
(продолжува)
































